Димитар Георгиев: Злато во кик бокс се постигнува со ментална цврстина
Неговите успеси на светско ниво се и наша гордост. Има фантастични удари и секогаш е спремен да го нокаутира противникот. Предизвик му е и другите да ги научи да се борат и да се изградат како здрави личности..
Тој е вистински лав во рингот. Ударите со нозе му се најсилна страна, а ударите на противникот може да ги издржи без да се откаже. Трикратниот светски првак во кик бокс, Димитар Георгиев е нашето златно момче, амбасадор на македонскиот спорт. Се закити со злато на светските првенства во Турција, Србија и во Скопје...
Непоколеблив, брз, силен, истраен и пред се` боксер кој удира со памет и неверојатна техника. Сака да излезе во рингот и да се бори без заштитна маска. Сака предизвик, да си ги одмери силите и сака фер борба. Многу е свесен за својот успех, но знае дека никогаш немал да се качи на пиедестал, ако не се откажал од многу нешта и ако макотрпно не вежбал.
Но, неговата љубов кон кик боксот не го изневерила, а ни тој неа. Затоа е таму кај што е, на врвот! А токму таму се надевал, но не бил сосема сигурен дека ќе достигне нешто големо од национално значење, за кое ќе се зборува и за кое ќе биде особено горд.
„Чувството нормално е тешко да се опише, би рекол уникатно... Знам дека имам освоено легитимно и реално светско првенство со реални противници. Малку можат да се пофалат со тоа во светот“ - вели Димитар.
Нашиот шампион никогаш не се поколебал што ја напуштил кошарката и се префрлил на спорт сосема различен од игра со топка. И веднаш бил спремен за акција, како да бил предодреден за да носи боксерси ракавици и да удира според техниките.
„Кошарката е едно, кик боксот сосема друго. Дефинитивно е адреналински спорт, брз и напорен, па после секојдневните обврски, луѓето едноставно сакаат да удрат нешто“ - додава Георгиев.
Како ги усовршувал техниките, така со време научил дека дисциплината е една од најважните работи почнувајќи од исхраната, откажувајќи се од многу нешта, па се до целосна посветеност без изговори. На тоа го научиле и неколку тренери кои несебично му ја дале поддршката. Сега шампионот е спремен за секоја борба, во одлична кондициска состојба е и секогаш со нетрпение го очекува предизвикот.
„Немам страв кон предизвикот, односно противникот. Повеќе е адреналин и возбуда од тоа да не се понижам пред публиката или да не ги разочарам блиските... За сето тоа моите тренери ме учеа! Да пробам да се сконцентрирам кон противникот, да бидам во полна снага и ментално цврст“ - потенцира Димитар.
Но, што е најбитно во оваа, за повеќето тешка дисциплина? Секако, вистински удари на вистинско место, тактика, физичка и психичка сила. Шампионот вели дека сето ова е потребно, но упорноста и издржливоста се сегменти кои се движечки.
„Од се` по малку да бидам искрен, во точен момент точна примена на нештата. На крај победува тој што во точниот момент ќе ги склопи сите тие работи“
Инаку, неговата сила е во нозете, односно ударите кои ги задава со нив. Знае точно каде да удри. И со рацете е вешт. Во одбрана ги поставува според позицијата на противникот, а задавањето на удари со рацете го прави многу паметно, следејќи ја сконцентрирано слабоста на тој од другата страна. Брз е, а може да издржи многу удари без да потклекне. Нокаутира со стил.
Неговиот неоспорен талент го препознаа многумина. Сега има огромен број на поддржувачи, фанови, поддршка од фамилијата и тренерите, федерацијата, спонзорите, пријатели и непријатели.
„Имав мала криза на мотивационен план за време на Европските првенства. Ми фалеше самодовербата. Изгорев во желбата да го освојам златниот медал што ми недостасуваше, бидејќи сите го очекуваа тоа од мене. За неуспехот, не сакам да ги обвинувам судиите. Ако е човек доволно подготвен, никој не може да ти наштети. Ама затоа пак, цела армада на поддржувачи беа со мене во тие моменти. Убавината на сплотувањето е за мене нешто големо“ - дополнува Георгиев.
Во моментов, работи во неговиот клуб “КБК Работнички Адора” кој е отворен шест години. Благодарение на поддржувачите сега има сала во која и сам тренира и ги тренира оние кои сакаат кик бокс. Напорно се припрема за првенствата кои ќе следуваат, но со факултетот подолго време паузира.
„На Правниот факултет сум запишан, но со оглед на моите настапи го паузирав. Животна желба ми беше да отворам свој центар за боречки вештини, успеав во намерата и сега е еден од ретките на Балканот“ - со гордост ни рече шампионот.
Димитар приватно е голем љубител на гитара. Свири од кога знае за себе, а посебно тоа го правел кога живеел во Неготино, неговиот роден град..
Многу ја сака музиката и често во друштво знае да отсвири нешто. Има и долгогодишна врска, па со својата девојка одат на патувања. А, за сите оние кои го сакаат кик боксот или некој друг спорт, еве еден убав совет од него: Занимавајте се со спорт, каков и да е. Доколку имате желба да постигнете нешто, треба да имате помалку очекувања, а повеќе да работите, и на себе и на техниките!
Небојша Толески