Душко Весковски: И со мали работи да можеме да го промениме светот околу нас
Сосема искрен во пристапот и комуникацијата. Нема проблем да каже што чини, а што не, без разлика за кого се работи. Сето тоа секогаш поткрепено со аргументи. И не се колеба во изјавите - има чиста мисла и отворен е за соработка во секое време. Генералниот директор на ЈП Водовод и канализација - Скопје Душко Весковски кој се кандидира за градоначалник на општина Карпош- Скопје во ова интервју специјално дадено за Машки магазин ќе го видиме од малку поинаква страна, неговата приватност, стилот на живеење, стилот на облекување, работата, желбите...
За себе вели дека непосреден, комуникативен, дека сака добро друштво, добар разговор, разменување на идеи, сака да слушне критика, но сака да слушне и за некои позитивни работи кои смета дека ги има. Најблиските, другарите, семејството па и роднините смета дека се репер дали „терате“ во вистинска насока. Нема лутење, ако критиките се издржани треба да се прифатат и треба да се смени нешто кај себе.
ММ. Како се одвива еден работрен ден, земајќи ја во предвид тежината на Вашата работа и скоро 1280 вработени во претпријатието?
- Многу често пред да ми започнат работните обврски практикувам да имам некоја физичка активност како џогинг или прошетка по кејот на Вардар. Станувам од околу 6:40 часот, некогаш и порано, во зависност од обврските што ги имам во текот на денот. Порано одев во теретана, и сега може да се случи, но набиената работна агенда често не дозволува слободно време. Кога сум веќе на работа, најпрвин имам средба со секторските директори, нешто како мини колегиум, за да видиме кои ни се приоритети во текот на денот, на кои работи треба веднаш да се интервенира... Многу е динамична работата, посебно затоа што се работи за водовод и канализација на територија на град Скопје и има многу потреби и од граѓаните и од фирмите. Се обидуваме да излеземе во пресрет буквално на сите. Главна дејност ни е да ја одржуваме таа мрежа... Потоа влегувам во „колосек“ со сите активности предвидени за тој ден и нема одмор се до завршувањето на работниот ден... па и по тоа време.
ММ. Дали е комплицирано да се биде на оваа одговорна функција?
- Претпријатието брои како што рековте, околу 1280 вработени. Потребна е голема организација! Но јас и мојот тим секогаш сме тука за да излеземе во пресрет на сите проблеми и на сите вработени. Функцијата е многу одговорна, но јас сум човек кој секогаш гледа да биде се‘ во најдобар ред и нештата да функционираат во вистинска насока.
ММ. Вашата работа веројатно налага одреден дрес код... како се облекувате за на работа, а како приватно?
- Се зависи од денот- работната агенда. Доколку имам некое гостување, интервју или изјава за медиумите, преферирам да бидам облечен во костум или сако, кошула во бела боја и фармерки (најчесто во темна боја). Внимавам како ќе се претставам и во тој дел, не би било убаво да носам искинати фармерки во таква прилика, на пример. Ретко носам вратоврска, освен во најбитните денови за државата и официјалните средби со разни претставници од земјава и странство.
Приватно, најчесто сум во маица Поло, фармерки и патики. Ама морам да признаам, најкомотно се чувствувам во спортска комбинација од маичка и тренерки.
ММ. Возите или Ве возат со автомобил?
- Најчесто сакам да возам. Но кога имам премногу обврски и состаноци, каде треба да постигнам секаде да бидам точен и телефонот ми звони постојано, а јас сум достапен цело време и за граѓаните и за фирмите и за вработените, избегнувам да возам... и тогаш ме возат. После работно време, секаде возам сам.
ММ. Во последно време велосипедот е најактуелен како сретство и за релаксација и за возење од точката А до точката Б. Дали го практикувате?
- Да, обожавам да возам велосипед. Најчесто синот Кирил го ставам позади на велосипедот и заедно се возиме до кај моите родители кои живеат во Злокуќани.
ММ. А, дали преферирате брендирана облека?
- Сакам да носам брендирани парчиња затоа што пријатно се чувствувам во нив. Сепак, одреден бренд е и одредена гаранција за квалитет. Фан сум на марката „Гант“. Додека бев студент си двоев од својот џепарлак за да си купам поубави фармерки, поуби патики, маичка. Секогаш сум знаел дека на пример брендот Риплеј значи сигурен квалитет.
ММ. Обожавате ли часовници?
- Спореде мене, главен моден додаток на еден маж треба да е часовникот. Обожавам да носам, имам 7 часовници кои ги менувам зависно од тоа како сум облечен и се разбира од пригодата. Дури некогаш ако заборавам да го ставам часовникот на рака, чувствувам дека нешто ми фали.
ММ. Каде и како се одмарате во Скопје?
- Најмногу и најчесто во Градскиот парк. Одам во Лептокарија на кафе, кај Млечен во паркот. Гравитирам секогаш низ Карпош. Летниот одмор секогаш го делам. Еден период во јуни, еден во август. И Водно не го занемарувам. Со сопругата и синот за викенд секогаш практикуваме еден ден да ни биде посветен баш за одмор и надвор од дома. Сакам кога сум со семејството и тоа е најголемиот благодет.
ММ. Како функционира семејно спојот на култура и политика?
Сопругата Билјана е виолинистка. Професорка е во средното училиште Илија Николовски Луи. Предава виолина. Има многу концерти во земјава и во странство. Убав спој на политика и култура сме ние. Дома знаеме да слушаме разни класици и на тој начин да се релаксираме од напорнот ден. Секако, синот Кирил кој има две години и десет месеци е тука да ни го направи животот најубав! Со него моментите ни се бесценети!
ММ. Што ви смета, а што сакате во општина Крапош?
- Од средбите со граѓаните очигледно е незадоволството од хигиената во општината и недоволниот број на паркинг местата за жителите на Карпош. Тоа и мене и на сите ни смета. Ми се допаѓа разноликоста на населбата. Сакам да го вратам чувстувото на граѓаните повторно да бидат горди што живеат во Карпош и убаво е кога се пичуствува стариот дух, традицијата, како и новите современи текови кои му се случуваат на Карпош.
ММ. Како се облекуваат Скопските мажи?
Се‘ повеќе се запазуваат светските трендови, иако се оди најчесто на сигурна варијанта. Не само тоа, туку и внимаваат и на својот изглед. Во политиката исто така е битен начинот на кој се облекувате затоа што сепак, тоа е првиот впечаток кој што го оставаме кај граѓаните.
ММ. Дали имате парола која Ве води понатаму во нови победи?
- Секогаш посакувајте ги невозможните работи, за да се остварат возможните. Секогаш задавајте си малку повисоки цели... Но едно е сигурно! Со работа и посветеност можат да се постигнат многу нешта.
ММ. Која би била Вашата препорака до за граѓаните?
Здравјето! Колку и да звучи клише. Видовме до кај не доведе епидемијата. И со мали работи да можеме да го промениме светот околу нас.
Небојша Толески