Египет добива нова административна престолнина: Погледнете како ќе изгледа главниот град во пустина (ФОТО)
фото:PROFIMEDIA
Египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси ѝ нареди на неговата администрација да започне со преместување на канцелариите следниот месец во нова административна престолнина во пустината надвор од Каиро, изјави неговиот портпарол.
Претседателот ѝ нареди на владата да започне шестмесечен пробен период на работа од новиот комплекс од 1 декември, рече неговиот портпарол Басам Ради.
Градот е најголемиот од мега проектите што ги започна Ел Сиси откако дојде на власт во 2014 година. Се гради на околу 45 километри источно од Каиро и се планира да прими 6,5 милиони луѓе.
Критичарите го нарекоа новиот главен град суета проект, тврдејќи дека парите вложени во него, кои се проценуваат на околу 45 милијарди долари, подобро би биле потрошени за економско закрепнување и обнова на Каиро.
Но, владата верува дека е потребен нов град за да го апсорбира растечкото население на Каиро, кое ќе се удвои на 40 милиони до 2050 година.
Претседателот, исто така, рече дека новиот главен град и другите проекти, од новите патишта и станбени комплекси до проширувањето на Суецкиот канал, привлекуваат инвеститори и создаваат работни места за повеќе од 100 милиони Египќани.
Во новиот административен главен град ќе бидат сместени претседателството, владата, парламентот и министерствата.
Планерите ветија голем јавен парк, аеродром, опера, спортски комплекс и 20 облакодери, вклучувајќи ја и највисоката зграда во Африка со 345 метри.
Egypt's New Administrative Capital
— Mahmoud Gamal (@mahmouedgamal44) September 5, 2021
- Central Business District (CBD)
- The Egyptian Parliament Building
- People's Square and the Government District
- Egypt's Islamic Cultural Center and Misr Mosque pic.twitter.com/8APKLxjMY5
Државниот весник Ал Ахрам објави дека владата планирала да префрли 52.300 државни службеници во новиот главен град до средината на 2020 година, но плановите биле одложени поради пандемијата на коронавирус.
Ел-Сиси претходно изјави дека преместувањето на владата во новата административна престолнина ќе означи нова ера во модерната работа на владата. Тој мислеше на напредната технологија што се користи во изградбата на владините згради.
Преместувањето на седиштето на владата надвор од Каиро ќе биде прво откако муслиманите го освоија во VII век, потсетува АП, а пренесува Радио Слободна Европа.
извор:nationalgeography.rs