(ФОТО) Потресни приказни од земјотресот во 63′: Оставете ме мене, спасете го бате
Скопје денес одбележува 56 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој над 1.000 луѓе го загубија животот, а повеќе од 3.000 беа повредени. Без покрив над главата останаа над 200. 000 скопјани, кога утрото во 5 часот и 17 минути, на 26 јули започна силниот потрес, кој траел 20 секунди.
По тој повод Град Скопје ја враќа пораката на Јосип Броз Тито која беше остранета во 2011 година, а која беше поставена во осумдесетите години на источната страна на Музејот со стиропорни букви:„Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме со помош на целата наша заедница тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството на југословенската и светската солидарност.“
Првата помош за граѓаните пристигнува од поранешните југословенски републики, а веќе наредните денови, 87 земји од светот се вклучија во акцијата, па оттаму Скопје го носи епитетот - „Град на солидарноста“. Интересен факт е дека скопската катастрофа била повод да се сретнат американските и советски сили и со заедничка акција да помогнат во обновувањето на главниот град.
За разурнувачката моќ на земјотресот сведочат приказните на преживеаните, а дел од нив, ќе ви пренесеме во продолжение...
Една старица која живеела во куќа во близина на Зелено пазарче секое утро станувала рано за да купи млеко и леб. Живеела заедно со снаата, синот и две внучиња. Тоа кобно утро, внуците инсистирале да дојдат со неа до продавница, а пред да се вратат во домот започнал земјотресот и тие гледале како куќата им се руши пред очи. Старицата ги загубила синот и снаата, но успеала да ги спаси внучињата.
Во центарот на градот во хотел „Македонија“ одржувачот на инсталации успеал да се спаси откако го разбудила вревата на глувци, кои излегувале од скривалиштата и бегале кон излезот. Сакајќи да види каде одат глувците, тој излегол од хотелот точно пред земјотресот. На оваа локација се надоврзува и приказната за американски новинар кој сакал да се смести во хотелот, но откако бил одбиен поради недостиг на слободни соби, се упатил во хотелот „Турист“, а со тоа и се спасил, бидејќи хотелот „Македонија“ бил еден од најразурнатите објекти.
Во главниот град престојувал и Брајан Калверт, новинар на Асошиејтед прес, кој за земјотресот напишал: “Сум видел многу ужасни работи и стравотни човечки трагедии. Но никогаш не сум видел нешто што би потсетувало на Скопје. Луѓето овде? Ви се кине срцето кога ќе ги видите”.
Човекот кој постојано e во сенка на својот фотоапарат или камера Ѓорѓи Поповски –Гањо во интервју за порталот Идивиди во 2013 година ја опишал осумнаесетата минута по земјотресот. Откако се освестил,сфатил дека неговата мајка и брат се во Словенија, а татко му заминат на работа. По силното тресење, тој посегнал по фотоапаратот и излегол да види што се случува надвор. А таму? Хаотичен град, исполнет со лелеци и плачење. „Скопје е мој дом, а најтешко е да ја снимаш несреќата што му се случува на твојот народ, твоите соседи и пријатели. Некако без здив се местев да најдам подобар кадар на срушени куќи и згради и на избезумени луѓе. Како сега да беше се сеќавам на една куќа на која цел надворешен ѕид и паднал, а внатре секоја соба го раскажуваше животот на семејството кое живееше таму. Во хаосот вниманието ми го привлече една старица седната врз рушевините. Не забележав никакви емоции на нејзиното лице, а погледот и беше насочен некаде во далечината, како да бараше некого или нешто, а по сè изгледа тоа веќе го немаше“, раскажал Гањо.
Според него, катастрофата би била поголема доколку се случеше во друг месец од годината, а не во период на годишни одмори, кога голем дел од скопјаните биле заминати на летување. „Срцето ми се кинеше додека децата во камера испраќаа пораки до своите најблиски во Скопје. Многу од нив не знаеа дека изгубиле родител или дека останале сираци. И ден денес некои од тие тогаш деца, денес возрасни да не речам старци, ме среќаваат низ Скопје и ме сопираат да ме поздрават“, го пренесе тој своето искуство.
Необична приказна е поврзана и со куќа на улицата Водњанска бр.40 спроти Клиничкиот центар, каде секое утро се правело голема редица за купување млеко. Но, тоа утро во самопослугата пристигнале само 12 шишиња млеко, па шефот одлучил да ги достави за потребите на болницата. Граѓаните кои чекале биле револтирани, па тој заедно со благајничката морал да ги избрка надвор во дворот. Токму тоа им го спасило животот на оние кои чекале ред да купат млеко, а животот го загубиле шефот и благајничката.
Славко Јаневски
Телеграфски либрета
До натколеници соѕидана жена. Сирена – половина маченица половина гроб. Рацете скршени. Очите суви. Ужасот не го познава вкусот на солзите. Присилно лежење врз пукнатини. Прсната водоводна цевка. Капе. Капка по капка. Ритмички. Рамно в чело. До споулавување. По неколку дни спокој. Запишана, неотпишана, избришана. На сè уште нераспаднатото лице очите ширум ококорени. И отворени ги покрила прашина.
...Човек – млад. Скршен 'рбетник. Нож на ребро в дроб. Утре во осум средба со... сеќавање на руси коси и полни момински усни. Утре. Сега насмевка и сон и небудење. Потоа ни болка ни сеќавање.
...Гробница, во неа породилка. Детето со неврзан папок. Плач како почеток на еден живот. Молк како негов крај. И на мракот и несреќата им се нерасплеткани папоците. Откопува некој приготвени пелени. Мртвото доенче никој не ќе го крсти Живко.
...Мртва поетеса. И помал брат. И татко. Откопуваме. Долго и мачно: Маски на лицето на луѓето. Омарина. Нема ветар да ја прелиста свеската со стихови. Вчера книга Сребрени игри. Утре некролог. А денес? За мртвите нема денес.
...Пес во бункер на страв. Завива. Нигде излез ни за глушец. Што ќе биде со мртвите во неговата близина?
Блаже Конески
Во земјотресот
...Штом стапив во малиот хол, управникот на хотелот ми јa соопшти возбудено веста дека Скопје е погодено од катастрофален земјотрес. Радиото во портирницата беше отворено и токму тогаш јави дека Љубљана испратила веќе таму не знам колку шишиња со крв за трансфузија. Останав како стаписан и занемен. Веднаш сфатив дека работата е многу сериозна....
...Кога стигнавме во Скопје, беше ноќ. Спроти некои одблесоци од градот се оцртуваше како скелет станичната зграда со цело едно урнато крило. Во градот не нè пуштија. Требаше некако да го минеме времето до утрото, до часот кога се дозволува движењето. Јас го послав весникот на тревата во скверот спроти станицата и се спружив. Одблесоците ту се намалуваа ту се засилуваа. Цела ноќ одекнуваа извиците на спасувачките екипи. Бевме тука, а одделени од градот и од најблиските во него, полни неизвесност и веќе како помирени со судбината...
...Мажите од комшилукот кај сестра ми Нада веќе скрпиле на ширинката пред куќите нешто како натстрешница. Под неа беа густо наредени можеби дваесетина кревети. Тука легнавме да преспиеме. Како да тоневме на некој несигурен сплав во разбранетите простори на ноќта.
Еден млад брачен пар загубил десетгодишно дете. Се слушаше испрекинато липање на жената и постојаниот вџашен говор на таткото. Тој не може да запре. Тој мора постојано да ја раскажува случката и ја повторува пак и пак и пак, како да сака со тоа повторување да си ја претстави сам себе како обична. Безнадежно потиснатото и повреденото дете велело: — Оставете ме мене. Мене не можете да ме извадите. Спасете го бате! — Преморен, заспивам, а тоа кажување ми го определува ритамот на сонот. Којзнае до кога тоа продолжувало во таа грозоморна ноќ.
Градот на солидарноста се разбуди со сирени... Колку и да ја менуваме сликата на градот, човечките трагедии остануваат да се раскажуваат како сведоштва за една епска катастрофа... Да не се заборави и никогаш повеќе да не се повтори!
Фото: Томислав Петернек и Гугл