Фризерите на удар од коронавирусот: Село гори, баба се чешла
Економската ситуација веќе се одразува во сите сектори. Се трпат големи загуби, а коронавирусот не се знае колку ќе трае и колку време ќе трае вонредната состојба, изолацијата и карантинот.
Земјава, како и светот, се соочува и со
човечки загуби, а светло на крајот од тунелот не се гледа засега. Овде,
фризерите беа меѓу првите на удар. Затворени салони и студиа, откажани клиенти,
обем на работа нула. Љупчо Петрушевски- Бубе, еден од најпознатите фризери и
стилисти за коса во Македонија кој е сопственик на Студио „Ин“ е длабоко разочаран
од сето она што се случува.
- Состојбата со вирусот се одрази на работата уште со почетокот на првите мерки, клиентите немаа интерес да одат на фризер. Со оглед на ситуацијата, студиото е затворено, не работиме, прво да се заштитиме ние, а потоа и самите клиенти- вели Бубе.
Сите закажани термини се откажани.
- Во изолација, последна работа на која ќе помислите е фризура. За фризерите нема мерки ни забрани од Владата- викаат работете со маски и дезинфекциони сретства, но владее страв и паника бидејќи фризерот и клиентот се на растојание од 20 сантиметри. Навистина не е изводливо. Работата е- село гори, баба се чешла- додава Петрушевски.
Свесен е целосно за ситуацијата, но исто така смета дека многу нешта се загубени, па вели дека ова е крах, катастрофа.
Месец март замина, никаков приход. 15 вработени, а треба плата за нив... Обрски кон добавувачи, кредити, финансиски колапс и не знам дали би се справиле со ова, со тоа што не знаеме до кога ќе трае- дециден е Бубе.
Не знае дали државата ќе помогне и ќе излезе со пакет мерки за фризерите, а додава и дека спасот е во финансиска помош, намалување или бришење на давачки кон државата, парична помош за плати, а може и поволни кредити.
Ако во Скопје претежно е вака по фризрските салони, во Струмица скоро истата приказна. Стилистот за коса и шминка, Драган Гоцев – Даци кој има свој салон, исто така го затвори.
- Веќе три недели сме затворени според препораките на Владата. Секако тоа најпрво го правиме за себе и вработените, а најмногу за нашите клиенти, како би биле сигурни дека нема да бидеме виновни за ширење на вирусот- вели Даци.
И кај него се откажуваат термини, нема клиенти, за сега се откажуваат само закажаните невести, додека за матурските закажувања се уште е рано.
Но, не сака ни да размислува дека треба да се отпуштаат вработените.
- Никако! Секако ни беше потребен одмор на сите, се надевам дека оваа набргу ќе заврши и ќе можеме сите да се вратиме на нашето секојдневие- додава Гоцев.
Вели дека пандемијата владее насекаде, не е само кај нас и дека апсурдно би било да зборува за загубата. Но, смета дека ќе се најде решение.
- Верувам во работата на цела Влада и мерките кои се превземаат, работата на здравтвените работници и полицијата и овде би сакал да ги поздравам за се она што го прават за да не заштитат, нормално самите ние мора да бидеме свесни за ситуацијата и да не ја отежнуваме нивната работа- завршува Драган.Н.Т. Н.М.