Горан Герасимовски: Го сакам центарот на Скопје, но Капиштец ми е во срцето
Професионално директор на Државниот завод за индустриска
сопственост, приватно сопруг, татко и вистински вљубеник во природата и
рекреативните спортови. Својот мир го наоѓа на падините на Водно, а пак вели
дека од срце го сака целиот град. Со оптимистичен “can-do” став, вели дека нема
нешто што не може да се оствари и „секоја планина е достижна“ ако се има
позитивна мисла. Каков е всушност приватно Горан Герасимовски? Разговараме
одблизу во ексклузивно интервју за Машки магазин.
ММ. Важите за човек кој постојано има ангажмани и постојано е во движење! Дали некогаш му давате време на времето или сепак сте од оние кои дејствуваат веднаш?
- Доколку ги оставаме работите за понатаму, истите или ги забораваме, или понекогаш ги занемаруваме и остануваат нерешени. За каква било работа и да станува збор, гледам да се реши веднаш, меѓутоа речиси секогаш сакам прво добро да се анализира, да се осмисли и да се изнајде соодветно решение. Му давам целосно време на времето единствено кога сум на одмор.
ММ. Вашата работа налага специфичен дрес код на облекување, односно најчесто костум, но дали ви е пријатно во него? Како треба да се облекува еден политичар, а како би го дефинирале вие вашиот стил?
- Искрено не секогаш ми е удобно во костумот, но понекогаш чувството на носење добар костум во специјални прилики е навистина посебно. Точно е дека во политиката, официјалните средби и протоколите често налагаат формален дрес-код, но кога би можел да го одбегнам, мојот стил би го дефинирал како “business casual”. Најчесто избегнувам да носам вратоврска, гледам да комбинирам панталони, фармерки со сако, а кошулата ми е секојдневен пријател, и тоа по неколку различни во денот. Задолжително практикувам да носам часовник и очила за сонце, во зависност од комбинациите.
ММ. Кои ви се омилени нешта од облеката? Во што се чувствувате свој на своето?
- Фармерки, спортска блуза и патики. Или пак фармерки, кошула и „кежуал“ обувки.
ММ. Дали брендираната облека е дел од вашето секојдневие или сепак се одлучувате за нешта кои пред сè ви стојат убаво?
- Без разлика дали облеката е брендирана или не, примарно во изборот ми е пред сè да стои убаво и секако, да се чувствувам добро во неа. Инаку да, во мојот плакар може да се најдат и брендирани парчиња гардероба, но предност во моето секојдневно облекување има облеката која ми е најудобна и во која се чувствувам најдобро.
ММ. Дали спортувате? Имате ли некое хоби, што кај вас најмногу придонесува за опуштање на мозокот од напорниот ден?
- Вљубеник сум во рекреативните спортови, па оттука спортот во слободно време би го нарекол и хоби. Изминативе неколку години гледам утрото да ми започне со планинарење на Водно. Уште пред отпочнување на работните обврски, природата и планинарењето не само што ми го опуштаат мозокот, туку таму почнувам и да го планирам и креирам работниот ден. Исто практикувам и често возење на велосипед, не само во слободното време, туку и како превозно средство до работа и назад, но и попладне со синовите како наш начин за поминување квалитетно време заедно.
ММ. Кој дел од Скопје ви е омилен? Или конкретно, кое место од градот ви е баш онака при срце и зошто?
- Ги има многу и навистина го сакам целиот град. Израснат сум во Капиштец, па веројатно затоа и секогаш ќе ми биде најмногу при срце, но сега живеам во Дебар Маало и со семејството често сме во Градскиот Парк. Децата практично израснаа во паркот, речиси секој ден сме таму и сите сме навистина многу приврзани со оваа чиста природа во срцето на градот. Го сакам многу и Калето како симбол на Скопје, чаршијата, а го споменав и Водно, каде и самостојно, но и со семејството поминуваме доста време. Во работните денови, пак, често сме на велосипед до плоштад, одмор за сладолед и назад.
ММ. Што ви пречи најмногу во Скопје?
- Сообраќајната некултура на дел од учесниците во сообраќајот, негрижата на некои сограѓани за хигиената, но веројатно и малата или недоволна грижа од сите нас за чување на зелените површини, игралиштата, јавниот простор, за што задолжително е подигнување на свеста кај сите.
ММ. Каков сте како родител? На што ги учите вашите синови?
- Гледам секој слободен миг да го поминам со синовите, возиме велосипеди, планинариме, играме фудбал во парк и голем број други активности кои ме опуштаат, ми ги полнат батериите и ме прават среќен. Наоѓам начин да им всадам култура на пристојно, одговорно однесување, почит кон другите, како и да бидат вистински другари кои помагаат на секого.
ММ. А, која е главна девиза или парола која ве води или уште поконкретно, нешто кое ви е двигател во животот?
- Секоја планина е достижна, секој сон е остварлив со многу работа, упорност, искреност. Секогаш сум оптимист, а соништата и работите кои ни се чинат невозможни, не можат да се остварат без позитивна мисла. Всушност, ставот на позитивните мисли и очекувања е белег на супериорноста.
ММ. Приземноста е одраз на големите, која е вашата најсилна страна?
- Скромност, почит, работа, упорност, лојалност, борбеност, барањето начин да се помогне секому, секогаш.
За крај, уште неколку „брзи“ прашања? Што би одбрале...?
1. Планина или море?
Планина
2. Куќа или стан?
И куќа и стан
3. Велосипед или автомобил?
Апсолутно велосипед
4. Кафана или пикник?
И двете, зависи од друштвото
5. Домашно зготвено или fast food?
Домашно, ама и Седмица понекогаш
6. Чоколадо или ванила?
Чоколадо
7. Опуштање со филм или со книга?
Филм
8. Кино или театар?
И двете
9. Работнички или МЗТ?
Дали е ова провокација? (Се смее) Секако Работнички!
Небојша Толески