Границите на светот уште се откриваат: Научниците наидоа на нов остров таму каде што мислеа дека е само мраз

Членовите на истражувачкиот тим рекоа дека ќе го предложат името „најсеверниот остров“ за новооткриениот остров.

Научниците минатиот месец открија мал остров крај брегот на Гренланд, за кој велат дека е најсеверната копнена точка во светот, а тој е откриен по поместувањето на ледените брегови.

Откритието доаѓа додека арктичките нации - САД, Русија, Канада, Данска и Норвешка - се борат за контрола на Северниот Пол на околу 700 километри на север, како и околното морско дно, зa права на риболов и поморски патишта што се појавија со топење на глечерите поради климатските промени.

- Не ни беше намерата да откриеме нов остров. Отидовме таму за да земеме примероци - изјави за Ројтерс Мортен Раш, поларен истражувач и шеф на истражувачкиот објект на Арктичката станица во Гренланд.

Научниците прво мислеа дека пристигнале на Оодаак, остров откриен во 1978 година од дански истражувачки тим. Дури подоцна, проверувајќи ја точната локација, сфатија дека отишле на друг остров, кој се наоѓа на 780 метри северозападно.

- Ние сме малку како истражувачи од минатото, кои мислеа дека пристигнале на одредено место, но всушност најдоа сосема поинакво место - рече швајцарскиот претприемач Кристијан Лајстер, кој ја финансираше експедицијата.

Малиот остров, со пречник од околу 30 метри, чиј највисок врв е околу три метри, се состои од кал од морското дно, како и морен, акумулација на материјал депониран од глечерите кои постојано се движат.

Членовите на истражувачкиот тим рекоа дека ќе го предложат името „најсеверниот остров“ за новооткриениот остров.