БУРА ДОАЃА ВО МАКЕДОНИЈА: Циклон од Џенова ни носи бурен ветер и многу дожд

Под влијание на голем циклонски систем со центар над Џенова денес претпладне насекаде во нашата Република Македонија ќе има врнежи од дожд кои особено обилни и поројни ќе бидат во западните предели каде локално ќе наврнат над 30 литри дожд на метар квадратен. Ќе има  и локална појава на грмежи особено во западните предели од нашата Македонија, објави метеорологот Славчо Попоски.

„И во Скопје  и околината со оваа циклонска активност ќе има врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни.

Сето ова ќе биде проследено со засилен повремено силен ветер од јужен и од југозападен правец кој повремено и особено во западните предели ќе достигнува брзина дури до околу 90 км/час. Локално овие процеси ќе бидат застапени во форма на силно невреме. Токму поради очекуваниот бурен ветер апелирам граѓаните навремено да ги заштитат своите автомобили, односно истите да не ги ставаат под стари и осамени дрвја.

Што се однесува до температурите тие ќе бидат во опаѓање  и тоа поради продор на поладен воздух од север и утре (понеделник 27 октомври) максималните температури ќе се искачуваат во интервалот од 12 до 19 степени а во Скопје  и околината температурата ќе се искачи до околу 16 степени.

Да напоменам дека утре наутро и претпладнето на највисоките планини во северозападна Македонија (од 2000 метри па нагоре) ќе има повремен снег“, објави тој.

Фото: Freepik.com
Извор: ФАКТОР