Избришете го Фејсбук. Мизерен е: Илон Маск шокира

Милијардерот Илон Маск не крие дека не ја поднесува социјалната мрежа Фејсбук. Во својот одговор до актерот и режисер Саша Барон Коен, кој повикал на регулирање на содржината на оваа социјална мрежа, основачот на Тесла напишал: “Избришете го Фејсбук. Мизерен е”.

Барон Коен поставил прашање зошто на извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг, му е дозволено “да ги контролира податоците кои ги гледаат 2,5 милијарди луѓе”, кога регулаторните тела не дозволуваат една личност да ги поседува истите права над водата или електричната енергија. 

“Фејсбук треба да е регулиран од владите, а не да е воден од император”, порачал Коен.

Актерот е инаку остар критичар на социјалните платформи, вклучувајќи ги и Твитер, Гугл и Јутјуб кои ги нарекува “најголемата пропагандна машинерија во историјата”.

Голем дел од својот бес го насочил кон Фејсбук за кој вели дека заработува од пропаганда така што не ги проверува политичките рекламирања. Од друга страна, Фејсбук ја брани својата политика и вели дека на оваа платформа се забранети говорот на омраза и промовирањето на насилство.

Маск не образложил зошто смета дека оваа социјална мрежа е мизерна, но ова не е првпат тој да ја критикува, како и да го критикува нејзиниот основач.

Пред две години, Маск ги избриша официјалните Фејсбук страници на своите компании Тесла и Спејс Екс, откако беше откриено дека компанијата за политичко советување “Кембриџ Аналитика” собрала лични податоци на 87 милиони корисници без нивно знаење.

По пат на Твитер, тој го нападнал Закерберг поради вештачката интелигенција.

“Зборував со Марк за тоа. Неговото разбирање на таа тема е ограничено”, напишал Илон откако Закерберг рекол дека е оптимистичен за вештачката интелигенција. Марк Закерберг верува дека вештачката интелигенција ќе ги направи автомобилите побезбедни и ќе го олесни дијагностицирањето на многу болести, додека Илон Маск ја смета за “најголема закана за човековата егзистенција”