Клекна на колена поради коронавирусот, но Македонија испиша историја во 2020

Еден лилјак му покажа на светот дека сепак е вистина за она што викаат „Најсилните отрови се чуват во мали шишенца„“ Но, уште на почетокот на пандемијата со коронавирус се знаеше дека секој „отров“ мора да има противотров, само беше прашање на време... А во меѓувреме, данокот го плативме сите, некои многу тешко. Јасно е дека вирисот ја забави планетата, уништи и одзеде човечки животи, осиромаши, опустоши, не‘ доведе до раб на лудило, ама борбата да му се спротиставиме жестоко се водеше деноноќно, и уште ја водиме...

Оваа 2020 година помина во знакот на буквално крунисаниот Ковид- 19 (самото име корона значи круна, а вирусот има шилесни пипци кои наликуваат на круна). Ни земјава не беше поштедена од него. Направи таков невиден хаос што ќе се прераскажува на следните поколенија, а штетите ќе бидат далекусежни. Ја знаеме сите нашата приказна со коронавирусот- ја живееме од ден за ден. И во таа битка, Македонија сепак на други полиња направи фантастичен успех. Дури и испиша историја.

Пчеларката Атиџе преку филмот „Медена земја“, ремек-делото на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов не однесе на врвот во светската филмска индустрија- фамозните Оскари.

И за прв пат во историјата на Оскарите документарен филм беше номиниран во две категории. Токму нашиот. Не зедовме златна статутека, но совршената приказна со универзален одглас за последната жена- одгледувач на диви пчели во Европа, светот го остави без зборови!

Македонија стана дел од семејството на НАТО, семејство со 30 нации и речиси една милијарда луѓе. Семејство базирано на сигурноста дека, без оглед на предизвиците со кои се соочуваме, сите сме посилни и побезбедни заедно. Ова го чекавме со години.

Се изврши првта трансплантација на срце во земјава. Работеше мешан тим кардиохирурзи, врвни експерти од повеќе здравствени установи меѓу кои и проф. д-р Сашко Јовев од државната кардиохирургија и д-р Жан Митрев од „Жан Митрев Клиник“. Но и професор д-р Александар Николиќ кардиохирург од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и шефот на Одделот за анестезија д-р Димче Славески, специјалист по анестезиологија со реаниматологија од „Аџибадем Систина“. Стануваше збор за тешка и ризична интервенција каква досега не беше направена овде, поради што ова е голем исчекор за македонското здравство.

Македонската фудбалска репрезентација се пласираше на Европското првенство 2021, откако ја совлада Грузија со 1-0 на гостувањето во Тбилиси во рамки на финалниот бараж натпревар. Стрелец на единствениот гол беше Горан Пандев во 56-тата минута од натпреварот по една прекрасна акција на Елиф Елмас и Илија Несторовоски. Овој гол долго ќе се памети, а земјава се тресеше од емоции и радост.

И секако, историјата ја испишуваат и сите медицински лица кои се во првите борбени редови од почетокот на пандемијата до денес. Сите оние кои го прележаа вирусот, оние кои ги загубија најмилите, оние кои неуморно помагаа и помагаат...

Во 2021 година не знаеме што не‘ очекува, но се надеваме...

Небојша Толески