Колку литри вино се пие во Македонија на годишно ниво?

Виното е вториот најизвезуван производ по тутунот од Македонија.

Земјава има 24 000 хектари лозови насади и на годишно ниво македонските винарии произведуваат околу 100 милиони литри, ставајќи ја земјата на 25-то место во светот. Официјалното домашно консумирање е нешто повеќе од 10 милиони литри односно само 10% од македонското производство на вино се користи за домашно конзумирање.

Македонската винска приказна има свои корени уште од 13-от век пр.н.е. Старите Македонци правеле вино од грозје кое го одгледувале и го мешале со мед бидејќи шеќерите помагале во негово сочувување. Виното го чувале во амфори во кои налевале маслиново масло на врвот за да се сопре дишењето. Потоа ги закопувале амфорите во земја и на тој начин тоа останувало ладно и зреело соодветно.

Римјаните за време на Римската империја биле одговорни за ширење на виновата лоза низ Европа. Тие верувале дека виното е извор на богатство среќа. За време на овој период, Македонија била еден од најпознатите региони за одгледување грозје во Империјата.


Во Византискиот период (до VII век) одгледувањето на виновата лоза продолжило.

Со ширење на Христијанството, присуството на виното исто така се зголемувало. Виното било дел од многу православни црквени церемонии (обреди), бидејќи се верувало дека ја преставува крвта Исусова. 

За време на Турската империја (од XIV до XX век) лозарството и вино-производството во Македонија згаснале бидејќи виното било забрането во согласност со Исламските закони. Благодарение на христијанските цркви, продолжило правењето на вино.   

На почетокот на 20-тиот век во Македонија виновата лоза била застапена на 30 000 хектари кои до 1914тата година биле целосно уништени од филоксерата (Phylloxera vastatrix), мал инсект кој ги напаѓа коренот и листот на винската лоза.

Во 1928-та кралот Александар Караѓорѓевиќ се одлучил да засади лозје и да изгради винарија во Демир Капија (Железна порта тур.). Винаријата го добила името Вила Марија по неговата сопруга Марија. Имотот бил купен со парите кои таа ги добила како мираз од своите родители. Во тоа време имало и други благородни фамилии кои произведувале грозје и вино.

По Втората светска војна, со почнувањето на социјализмот, бурињата и опремата за производство на вино кои биле во сопственост на различни фамилии, мали производители на вино, биле национализирани. Во Република Македонија биле основани 13 винарии кои воглавно произведувале наливно вино. Од друга страна, постоеле повеќе од 30 000 фамилии кои поседувале мали лозја. Своето грозје го продавале на 13-те големи винарии. 

Обновата на лозарството и порастот на површините под винова лоза го достигнува својот максимум во 1981та година кога се регистрирани 38 759 хектари.

По одвојувањето на Република Македонија од Југославија во 1990-тата, започнува процесот на приватизација на старите винарии. Но, освен промената на сопственост, многу од работите останале исти. Сите винарии продолжиле да произведуваат наливно вино во големи количини, со низок квалитет и ниски цени. Но, потенцијалот бил многу поголем.
  Квалитетот на виното зависи од квалитетот на грозјето, квалитетот на опремата и мајсторијата на винарот. Додека опремата може да се купи, а мајсторијата да се научи, квалитетот на грозјето сепак зависи од климатските услови и тероарот. Овие услови се исполнети во Македонија и поради тоа произведеното грозје е со висок квалитет.

 Во Македонија има преодна клима од медитеранска во континентална. Летата се топли и суви, а зимите умерено ладни. Просечните годишни врнежи изнесуваат од 1.700 мм во западните планински делови до 500 мм во источните делови. Во земјата постојат три климатски зони: умерено медитеранска, планинска и блага континентална. Тиквешкиот регион, кој се наоѓа по долината на реките Вардар и Струмица, каде се одгледува најголем дел од грозјето, е најсувата област на Балканскиот полуостров. Најтоплите региони се Демир Капија и Гевгелија каде температурите во јули и август многу често надминуваат 40 степени Целзиусови. Благиот ветар во овој регион помага да не се развиваат криптограмските зарази. 

Македонија има близу 260 сончеви денови во годината. Ова помага во долгиот процес на зреење каде се концентрираат шеќерите и киселините во грозјето, овозможувајќи богата боја и комплексни ароми во вината. Интензивната арома на македонските вина е резултат на комбинираното влијание на медитеранската и континенталната клима, со топли денови и поладни ноќи, како и тероар богат со карбонати и минерали. 

Денес, виновата лоза во Македонија се одгледува на околу 24 000 хектари од кои 70% од лозјата се засадени со винско грозје, а 30% со трпезно. Двете најважни сорти кои се одгледуваат во Македонија се вранец (црвена) и смедеревка (бела). Покрај овие две, најпознати видови се каберне совињон, мерло и шардоне.

Вранецот е најпозната и најодгледувана сорта грозје во Македонија и претставува 80% од сите црвени вински сорти кои се одгледуваат во Земјава.