Кустурица: Понудата да се придружам на тимот на Шпаркасе Банка во Скопје, ја прифатив без двоумење
Навистина уживам овде, земјата е преубава, луѓето љубезни и добродушни, храната и пијалаците врвни – вака претседателот на Управниот Одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје, Санел Кустурица ги опишува своите впечатоци за Македонија во ексклузивното мега интервју, за априлското издание на „Економија и бизнис“.
Кустурица, кој е искусен банкар и менаџер, својата 23-годишна кариера ја започнал и ја градел во родната Босна и Херцеговина. Тој од 2009 година се приклучил на тимот на Шпаркасе Банка, во својата земја, каде успешно ја водел банката сѐ до февруари 2021 година, кога дошол во Скопје.
Првиот човек на Шпаркасе Банка која годинава одбележува 15 години од своето постоење во земјава, кој се наоѓа на насловната страна на априлското издание на „Економија и бизнис“, за прв пат открива како ја донесол одлуката да работи во Македонија и какви се неговите импресии за нашата земја.
„Морам да кажам дека пред доаѓањето во Скопје во 2021 година, во Македонија сум бил само неколку пати. Секогаш службено и секогаш премногу кратко. Срам ми е да признаам, но пред тоа немав прилика да го посетам ниту Охридското Езеро, таа балканска и европска скапоценост, за кое сум слушал преубави приказни и импресии од моите сонародници, но и од многубројните Македонци кои живеат и работат во Босна и Херцеговина.“- вели Кустурица.
Во интервјуто за познатиот економски магазин, Кустурица открива дека иако не престојувал често во Македонија, знаел многу за традицијата, обичаите, а слушал и за добрината на луѓето, за одличната храна, вино, македонската песна, танц и убавата природа. Тој зборува и за својот татко кој за време на отслужувањето на воениот рок во Нови Сад, најмногу се дружел со цимерот, Македонец од Куманово.
„Во бившата држава Македонците и Босанците најдобро се разбираа и се дружеа. Од тие причини, кога ја добив понудата да се придружам на тимот на Шпаркасе Банка во Скопје, немав никакви дилеми и прифатив без двоумење. Сигурен сум дека не постои друга земја на светот каде би се чувствувал баш како дома, како што е Македонија.“- објаснува Кустурица.
Интересен одговор Кустурица дава и на прашањето кој е тој откако ќе го соблече оделото и краватата, откривајќи дека иако се наоѓа на челната позиција на една од водечките банки во земјава во последните неколку години скоро и не носи кравата. Тој вели дека кога ќе го облече и соблече оделото, е истиот човек, со истите принципи и вредности, потенцирајќи ја својата посветеност кон семејството.
„Имам два прекрасни сина, и сè друго што имам направено во животот, вклучително и професионалната кариера, не може да се спореди со чувството да бидеш родител. Со секој поминат ден, како јас многу повеќе да го осознавам животот и учам преку нив, отколку тие од мене. Како ги гледам како растат, сфаќам дека животот треба да се живее со полни гради и дека треба да уживаме во секој момент што ни го овозможува.“- вели Кустурица.
Слободното време Кустурица објаснува дека сака да го поминува играјќи тенис и дружејќи се со добри и позитивни луѓе. Како едни од убавините на животот ги посочува уживањето во добрата храна и вино, прошетките во природа, добриот филм или квалитетна книга.
Првиот човек на Шпаркасе Банка во интервјуто зборува и за својата наклонетост кон музиката, откривајќи дека свири гитара, сака да пее, и дека неговите пријатели и соработници го карактеризираат како најдобар пејач меѓу банкарите и најдобар банкар меѓу пејачите.
ПР објава