Лаф-муабет со Дарко Петковски алиас Спејко: Просечниот Македонец се обидува да биде во чекор со светот - јас го ставив светот под моите чекори!
Иако поминаа веќе седум години од неговата победа на реалното шоу „Велики
брат“ (2015-та), кумановецот Дарко Петковски алиас Спејко и денес го привлекува
вниманието на пошироката јавност, не само македонската туку и балканската
воопшто, а причините се многубројни - од начинот, стилот на живеење до
преокупациите (и постојаните и привремените). Меѓу нив и начинот, стилот на облекување,
вклучително и на однесување, кој се врзува со џентлменството, делумно и заради кавалерските
манири. Со минатогодишната кандидатура за советник на градското собрание ја потврди
својата заложба, непартиски да се ангажира во подобрувањето на животот во Куманово,
па и пошироко, во секој поглед.
Лаф-муабетот со него е исто така сеопфатен, како впрочем и секогаш, без оглед на тоа што за некои работи не успеавме да поразговараме, како на пример за прволигашот КК Куманово каде што е спортски директор, за државната кошаркарска репрезентација до четиринаесет години во која е помошник-селектор, за тетоважите, за љубовта кон животните, посебно кучињата и така натаму, но... Ќе има и други прилики, се разбира. Овој пат се осврнавме на читањето, хедонизмот, патувањето, музиката, гурманството.., релаксирано - визави понеделничниот стрес. Опуштено, како што им прилега на летните денови.
ММ: Популарноста на реалните шоуа не запира, според нивната гледаност. Интелектуалците од Балканот ги критикуваат, обвинуваат за негативно влијание на младите луѓе. Што мислите за нив, како гледате на „Велики брат“ и „Задруга“ сега, од инакво - гледиште на повозрасен човек и секако, интелектуалец? Па и воспитувач.
Д. П.: Концептот на Питер Вир од 1998 година денес прави хаос на малите екрани,
посебно кај балканската публика. Правам паралела помеѓу филмот „Шоуто на
Труман“ и зависноста на обичниот човек од желбата за ѕиркање во туѓиот живот на
друг човек затворен во имагинариум. Иако тогаш беше научна фантастика, денес
учесниците прават реалити кариери, а и се заработува добро, но реалното шоу
некому е мајка, некому е маќеа или како што би кажал еден мој другар од
Куманово: „Мачката што јаде маст, јаде и стап“. „Дојдов, видов, победив“ би се
викала мојата книга, доколу би пишувал за мојата реалити кариера и, како
образован човек кој се занимава со умствена, духовна и творечка дејност, имам
100.000 причини да го сакам реалното шоу „Велики брат“ во кое победив
благодарејќи на балканската публика на која ги освоив симпатиите. Кога веќе
имам некое влијание, па и како воспитувач како што споменавте, ги советувам
младите луѓе да се посветат на образованието, едукацијата, самопомошта,
надоградувањето (и духовно и телесно), развивањето, патувањето и дружењето.
Ќе скратам, нема да зборувам многу за „Велики брат“, повеќе пати го имам кажано
мојот став, а за „Задруга“ само би додал дека еволуира во погрешен правец од
година во година затоа што еволуира и просечниот гледач, фан, обожавател, реалити
ентузијаст.
ММ: Спортот е Ваша страст, дефинитивно. За дисциплината која се учи со текот на времето и стекнува, ме интересира дали, колку е значајна - Ви помага во секојдневната работа и животот генерално? На што Ве научи таа, пак? Се чини дека мнозинството не се потпира на неа. И како се снаоѓате во денешниот, светот на недисциплинираноста?
Д. П.: Јас сум роден во Југославија, во работничко семејство каде што имаше строго утврден ред и правила кои го почитуваа сите членови на семејството. Од рана возраст тренирам во спортски школи каде што тренерите беа повозрасни и искусни педагози и психолози кои ме научија на строгост кон самиот себе, на совесност и одговорност во тренирањето. Формулата за успех е едноставна: ред-работа-дисциплина. Сите овие вредности ги негувам од мал, до ден-денес. Би рекол дека дисциплината е фундаментална. Во пракса не спијам повеќе од шест часа, денот не смее да ми почне без дневен, неделен, месечен и годишен план, се трудам да ги испочитувам сите рокови, болен сум доколку не ми се чисти обувките, посебно спортските, работната средина секогаш ја одржувам чиста, колата. Така сум научен од мал и поинаку не знам, овие принципи само ги надоградувам и свесен сум дека само така можам да успеам во остварувањето на целите.
ММ: За жал, ни спортот не ѝ одолева на корупцијата. Има корупциски афери, скандали во Македонија? Се соочувате со такви? Кој дел е особено загрозен? На спортот мислам. На што укажува тоа? Излез..?
Д. П.:Не сум баш компетентен да зборувам за корупцијата во спортот во Македонија. Како да играм ферплеј во спортот, научив од мојот ценет професор, д-р Иван Анастасовски на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје. Сведоци сме на бројни афери, скандали, како што имало отсекогаш, па колку и да сме оптимисти, ќе има и во иднина. Ние, како мала држава, треба коефициентот на корупција да го сведеме на минимум за да почнеме со остварување на значајни спортски успеси. Се соочувам со корупција не само во спортот туку и на други полиња и не би навлегувал многу во тоа, само ќе апелирам да се пријави секој вид на истата. Излез гледам во нов, реформиран, унапреден спортски систем без политизација, креиран од експерти по примерот на големите спортски сили.
ММ: Дали состојбата, ситуацијата во Македонија и единечно, т.е. локално, ненормалното функционирање на институциите, па и луѓето, влијаеше на одлуката и политички (непартиски) да се ангажирате? Што Ви пречи во државата, во Куманово на пример? Што би смениле? Во каква општествена средина живееме? А, што Ви се допаѓа?
Д. П.: Состојбата во Македонија е таква што може да нѐ спаси само суперхерој, не оној од стриповите на Марвел - го видов во огледало. Тројца браќа сме, јас сум најстариот, едниот се пресели во Словенија, другиот во Германија. Бидејќи си отидоа затоа што немаше суперхерој за да направи подобро место за живеење во Македонија, решив да бидам еден. Институциите работат неефикасно, народот импровизира во живеењето, платите се симболични, има огромна бездна помеѓу високиот сталеж и ниската класа, заостануваме светлосни години зад елитното друштво на држави, за да им се пруклучиме, треба да сме конкурентни, а не да им се приклучиме само за да им се приклучиме. Гинеме на нозе во холовите на институциите за европските интеграции. Затоа кумановци ја избраа вистинската опција, па можеме да се пофалиме со локален напредок, а што се однесува до мојата бранша, значително е подобрена спортската инфраструктура. Се надевам дека и останатите градови ќе го следат примерот на Куманово.
ММ: Кога се кандидиравте за советник на градското собрание - лани, го сменивте и надворешниот изглед, односно имиџот. Ме интересира, што е пресудно за неговото градење, па и сменување? Каков е денес, можете да го дефинирате? Сакате да експериментирате со начинот, стилот на облекување?
Д. П.: Често го менувам надворешниот изглед, девојка ми некогаш ќе ми каже дека не ѝ се допаѓа мојата фризура на пример, некогаш не ми се допаѓа ни мене во моментот, но оставам на стилистот да се изрази преку мојата коса на пример затоа што му верувам. Сакам да правам екстремни промени, овие две години практикувам да се движам во класични комбинации почесто, спортската гардероба подолго време ми е здиплена во орманот, но принцип ми е секогаш да ми е удобно во тоа што го носам.
ММ: А, кој е одраз на Вашата личност - природа, темперамент? Мислам на стилот. Каква гардероба Ве отсликува најдобро - Вашиот нарав, карактер? Имате омилени парчиња облека, дизајнери? Па и аксесоари.
Д. П.:Веќе споменав погоре, тука само би додал - како што созревам, така преферирам и потемни комбинации. „All Black Everything“ ми е омилен тонски концепт, омилени ми се обувките, посебно спортските, имам над четириесет пара и сите ги носам во текот на годината. Во однос на соработката со модните брендови, секогаш избирам да соработувам со брендови кои произведуваат гардероба која е по мој вкус и во која се чувствувам јас.
ММ: Како се доживувате себеси кога е хедонизмот во прашање? Го практикувате? На кој начин? Според Вас, што е тој, а што не е или не би требало да биде? За жал, многумина го сфаќаат погрешно.
Д. П.: Мојата потрага по задоволства во животот престана кога од мојот живот си направив причина за задоволство. Хедонизмот е друга димензија на живеење, тоа не е порок, тоа не е наследно, тоа не може да се купи, копира, да се опише, тоа е доживување, тоа е филозофија или „State of Mind“.Јас уживам во убавината на сончевите зраци на пример, го сакам дождот, верувам дека дождот ми носи само убави работи, моите задоволства можат да бидат врзани со материјални работи, но и не мора. Внимавам креативноста на моето живеење да не му наштети некому, не дај Боже да го повреди, моите лични цели понекогаш се и за општо добро, многу сакам кога постигнувам вин-вин комбинации, зделки и договори, сакам кога другите постигнуваат успеси, подеднакво сакам и да губам и да победувам, така никој не може да ме победи. И накрај, просечниот Македонец се обидува да биде во чекор со светот - јас го ставив светот под моите чекори!
ММ: Кујната Ве привлекува? Готвите или..? Ве прашувам бидејќи спортот изискува соодветна исхрана. Внимавате на неа? Што јадете вообичаено, ресторански јадења или..? Бело, црвено или шампањско вино, кој е Вашиот избор? И со што го комбинирате?
Д. П.: Кујната ме привлекува само кога се слатките во прашање, знам да готвам, но обично пијам шејкови, смутија и фрапеа, па во кујната се задржувам пет-десет минути. Мојата исхрана се базира на многу протеини од растително и животинско потекло, пијам „енергетици“, обожавам газирани пијалаци без шеќер, лимонада, ладен чај и многу цедено овошје. Во последно време не внимавам баш, но поголемиот дел од годината сум на строг режим. Исто така обожавам морска храна, обожавам свинско и пилешко месо, напролет и налето јадам многу салати, и овошни и зеленчукови. Алкохол не пијам воопшто, само неколку голтки црвено вино во специјални прилики. Во ресторани обично нарачувам кинеска, мексиканска и домашна традиционална кујна. Значи, гурман.
ММ: Често патувате? Каде обично? Какви места претпочитате особено, егзотични..? Во што уживате на патувањата, што Ви е интересно - дневните прошетки, ноќните забави..? Можеби сакате да се запознавате со менталитетите, да стекнувате нови пријатели..? Би живееле некаде во странство?
Д. П.: Патувам да, сакам, едвај чекам... Патувам со учениците кои ги учам, патувам со клубот низ Европа и Балканот, патувам сам, но најчесто со девојка ми за која се приврзав многу во последно време, со неа до звездите. Инаку вака на работа, на екскурзии, на припреми, утакмици, до локалните езера или море и понекој врв. Патувам секое годишно време, годишните одмори ми се омилени и да, егзотичните дестинации се полн погодок со мојата поубава половина. Моите најблиски членови на семејството живеат во Словенија и Германија, можеби еден ден и јас ќе купам билет за еден правец. Во блиска иднина немам такви планови.
ММ: Џентлменски однос, на што Ве асоцира? Џентлменството е нешто за кое наголемо се зборува. Но, дали се применува е прашањето. Се разбира, тука. Според Вас, кои се најголеми џентлмени - можеби спортистите? А, политичарите - какви се нивните манири? Ве прашувам и за нив од причина што ја надминаа популарноста и на естрадните уметници.
Д. П.:Џентлмен е еднакво на манири, а денес мажите со манири се ретки. Покрај манири, треба да поседува интегритет, одлучност, одговорност, совест, емпатија, харизма, цврсти атрибути, да има контрола на ситуацијата, да инспирира, да зрачи, да води, да биде лидер. Не мора да облечете костум, една поговорка вели: модата може да се купи, но не и стилот. Џентлменот не следи трендови, тој ги поставува. Има пар џентлмени кои не се расфрлаат со богатството, имаат почит кон послабите - пар спортисти, не политичари. Треба да зрачите со самодоверба и да ве ценат по репутацијата, а не по богатството. Новак Ѓоковиќ, Жозе Мурињо, Дејвид Бекам, ако веќе треба да набројам или во однос на политичарите - дефинитивно спортистите. Спортистите, па актерите, па бизнисмените, па научниците, па сто празни места, па политичарите. И накрај, џентлменот не се коцка со своите принципи, моралот - има свое јас и држи до себе, не се плаши да го сподели својот став, па дури и ако не му се допаѓа на мнозинството или не го кажува тоа што другите сакаат да го слушнат. Пол Њуман рече: „Покажете ми маж без непријатели и јас ќе ви покажам маж без карактер“.
Блиц прашања
ММ: Што научивте од реалното шоу (и едното и другото) за меѓучовечките односи, за луѓето генерално? Дали спознанијата Ви помагаат и денес, во работата, комуникацијата и слично?
Д. П.: Реалните шоуа од „Велики брат“ (2015-та) и денес „Задруга“ (2022 г.) немаат ништо од „реално“, а имаат премногу од „шоу“. Што научив? Во првото научив како не треба да се однесувам и да победам во второто, како треба да се однесувам и да излезам за еден месец. Денес реалните шоуа можам да ги опишам со обратната слика од.., ако ви текнува на Дарвиновата теорија. Еден мој ментор ќе ми кажеше: од некој учам како треба, од некој како не треба - благословен сум што можам да бидам меѓу море од карактери, не само во реалните шоуа туку и надвор од имагинариумите.
ММ: Околу парфемите, какви ноти сакате, мириси? На кое ливанто се враќате постојано, секогаш?
Д. П.: Омилени ми се парфемите на Диор, а моментално го користам Валентино. Кај парфемите ми е битно да траат, никогаш не употребувам еден ист парфем, ги менувам постојано, ми годат комплиментите во врска со нивниот избор, соработувам со еден бренд - синџир парфимерии, а често, наместо за себе, одбирам по еден за подарок, најчесто за девојка ми, мајка ми или друга блиска личност. Парфемот е нешто без кое не излегувам од дома ако го немам на себе.
ММ: Како музичар, дел од „Балкатон ганг“ и едноимената продуцентска куќа на Раста - што Ве инспирира повеќе - квалитетот на музиката (сосе артизмот, естетиката) или комерцијата? Односно, дали комерцијалната музика во исто време може да биде и квалитетна?
Д. П.: Тоа е уште еден бенефит од победата во реалното шоу. Знаете, популарноста сама по себе беше предизвик, а ми донесе и нови предизвици - меѓу нив и запливувањето во музичките води. Да не се повторувам, продукциската куќа и продуцентот сами по себе претставуваат квалитет и реноме на нашите простори и пошироко, чест и привилегија е да се биде дел од една таква. Моите поддржувачи и фанови од мене очекуваа да се впуштам во тие води во кои пливав успешно - не дека од себе очекував многу, но се изненадив од успехот на моите песни, односно реакцијата на публиката. Денес комерцијалната музика е и квалитетна, овие две поделби често се теми на дискусии на музичките ентузијасти, но јас не гледам разлика.
ММ: Слободното време како Ви поминува? Знам дека сликате. Обично што? Каква техника применувате? И дали се надградувате или..? Селфмејдмен е Вашето сликарско „звање“?
Д. П.: Искрено, не сликам последниве три години, немам време, а сликам со маслени бои. Имав неколу обиди да почнам да се занимавам посериозно, но сфатив дека ми го заматува фокусот на другите поважни работи бидејќи пред да седнам да сликам, долго време мислам што да сликам, а кога треба да завршам нешто, пролонгирам бидејќи не сакам да остане незавршено. Сакам повеќе да размислувам за првите пет работи од мојата листа на приоритети, а кога ќе одам во пензија, тогаш ќе сликам. Инаку, да не запишев Факултет за физичко образование, спорт и здравје, ќе запишев Факултет за ликовни уметности.
ММ: Читате книги, така? Особено за личен развој, умствен. Кој автор Ве одушевува, чие видување на полето на психологијата, душевниот живот на човекот? Некоја препорака?
Д. П.: На последниот Саем на книгата си ги купив „Икигаи“, „Тајните на милионерскиот ум“, „Ослободете ја моќта на потсвеста“, „Е, баш ме заболе“, кои ќе ги читам летово на плажа. Во меѓувреме ја читам „Магијата на големите соништа“, паралелно со „Клубот 5 наутро“. Во последно време читам само книги за личен развој и самопомош, најмногу читам книги од Наполеон Хил, но не значи дека ми е омилен. Едноставно немам омилен автор, но имам препорака - „Мисли и збогати се“ од него и „Без оправдувања!“ од Брајан Трејси.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Дарко Петковски алиас Спејко