Лаф-муабет со Дејан Блажески: Во официјалниот регистар на болести мора да стои дијагнозата „отсуство на емпатија“ и да се третира
Доколку не сте ги читале колумните и фејсбук-статусите на Дејан Блажески, сте пропуштиле многу. Неговите гледишта побудуваат интерес, првенствено заради квидитетот. Сепак, четириесетгодишниот охриѓанец, инаку магистер по економски науки, без оглед на специјалноста - здравството, работи како менаџер во банка. Покрај шеф на министерскиот кабинет, бил и советник на градското собрание.
Постојаната надградба е исто така негова одлика. Извесно време поминал во Кина со цел да се дообразува. Со него разговаравме опуштено, без притисок. За сенешто, а неговите размисли ќе ви се допаднат и вам, сигурно. Муабетот е доста инспиративен.
ММ: Вашето присуство на социјалните мрежи е забележливо и преку нарацијата, меѓу другото. Факт е дека Вашите фејсбук-статуси го привлекуваат вниманието на јавноста. Нивната стилизација е очигледна, вклучително и ортографскиот речник, правописот. Но, каква е целта? Разонода или...? Каква е пораката што сакате да им ја испратите на пријателите, следбениците?
Д. Б.:Во манирот на доброто однесување, најпрво благодарам за ваквата констатација. Луѓето во принцип, заради однапред определени и општоприфатени шаблони на однесување, најчесто мислат дека е најправилно и најбезбедно да бидат лажно скромни, но најчесто не се свесни за тоа колку им тежи зборот (кажан или пишан), на крајот на краиштата и карактерот. Целосно сум свесен и стојам позади тоа што го пишувам. Поривот е среќата, тагата, емпатијата, носталгијата, љубова, анскиозноста, стаменоста, постојаноста, непостојаноста, стравот, храброста... Компилација од сето ова, a не само фрлено во етер. Си го направиле годините, искуството, образованието, дарбата од Бог, презирот кон примитивизмот, кон снобизмот, кон коруптивноста, кон неемотивноста, кон нечовеноста, кон отсуството на емоционлна интелигенција. Навистина мислам дека контаминацијата на социјалните мрежи, односно нејзиниот нусефект може да се неутрализира исклучиво со поинаков пристап. Со убави мисли, со пристојни фотографии, со убава музика... Социјалните мрежи за жал станаа судница, секојдевно се отсекуваат глави, царува примитивизмот, неписменоста, површноста и злобата. Од друга страна, многумина интелектуалци останаа неми набљудувачи на настаните, уживајќи во конформизмот. За жал, најголем дел од нив се токму оние за кои се претпоставуваше дека согласно професијата треба да бидат најгласни. Интелектуалецот не смее да молчи, мора да најде начин макар да протне став. Сѐ друго е неподнослива леснотија на релативизирање на работите. Во ова општество секој став чини, оттаму сметам дека називот разонода во овој контекст е целосно неупотреблив.
ММ: Забележлива е Вашата филантропија исто така. И добротворството и човекољубието е убава работа. Како се чувствувате кога знаете дека помагате некому, макар и накратко? Што Ве мотивира, од какви побуди? И како започна сѐ?
Д. Б.: Во официјалниот регистар на болести мора да стои дијагнозата „отсуство на емпатија“ и да се третира. Не ги разбрав индивидуалната среќа и себичноста. Приврзаник сум на колективна среќа. Секој мора да помага во рамките на своите можности. Секој има морална обврска да помогне со нешто во нечија борба. Нема поголема среќа кога легнуваш со помислата дека нешто добро си направил за некој во денот. Не знам зошто луѓето не сфаќаат дека помагајќи на другиот си помагаат и себеси. Законот на природата го наградува тоа. Не знам како започна, внатрешно е, инертно е... Навистина не знам.
ММ: Сепак, здравјето е Вашиот интерес. Го врзавте со економијата, и кога е заштитата во прашање, и кога се работи за системот. Како? И кои се приоритетните задачи во услови на вирусна пандемија? Како државата се справува со неа?
Д. Б.:Во мојот докторски труд,сакајќи да ја објаснам битката меѓу здравството и економијата, напишав дека здравството и економијата се во принуден брак, како брак со стројници, брак од интерес, договорен брак... Едниот е домаќин, а другиот филантроп. Кога, пак, и двајцата ќе ја вклучат статистиката и бројките во одлуките, тогаш нивниот најголем непријател е „правото“, налик на љубоморна старосватица. Овој систем одамна е на апарати, со примеси налик на лоша размаска, кризен менаџмент, неразумна емпатија, колективна неодговорност, МР снимка без контраст. Викајте го бунар без дно или непознато крвавење, како сакате. Успехот се крие во балансот. За среќа, литературата ја памети „користа“ од непродуктивнитрошења во здравството. Само здравите нации создаваат додатна вредност. Имајќи предвид дека сѐ уште немаме релеванти бројки врз оснава на кои треба да се прават анализите, би се воздржал од избрани заклучоци, уште повеќе кога состојбата ја гледам отстрана. Тоа е некоректно. Последиците од ковид-19 треба да се анализираат од една друга временска дистанца. Сѐ повеќе мислам дека пандемијата ги извади на површина децениските проблеми на здравствениот ситстем.
ММ: А пропо Вашето занимање, дали здравјето е дел и од Вашиот стил на живеење? Ако имате совет за читателите, каков е тој? Може ли да се живее здраво денес кога стресот е всушност незаобиколен? Како?
Д. Б.: Човекот е скроен постојано да чувствува лесен немир и своевидно незадоволство, токму заради неизвесноста и промените. Во текот на животот, наместо да го прифатам, постојано се трудев да побегнам од ова чувство. Современиот начин на живот за жал нуди многу начини за бегство од реалноста, најчесто погрешни. Сфатив дека нема бегање од ништо. Исклучителноста е во моментот. Она што го викаат здодевен живот, токму тоа е мирот. Знаете, во овој свет на комерцијализам, навистина неисплaтливо е да продаваш мир. Впрочем, мирот не е интересен ниту за маркетингот. Можеби сржта е во едноставноста. Во многу малку храна, од еден до два дена гладување во неделата. Во редовната физичка активност, во финската сауна, во бањите и термалните води. Сето ова го применувам, не знам дали е правилно. Сепак, себедијагностиката е најважна, доколку сте хиперсензитивна личност и доколку предвреме успевате да ги забележите туѓите намери, единствено нешто што ќе ве спаси е љубовта и кон оние кои не те сакаат. Многу е лесно да сакаш човек што те сака. Потоа молитвата и постојаните монолози со себе. Човек мора да работи на себе, да биде во постојана трка ислучиво со себе. Најважното, мора да се сака и почитува себеси. Нѐ научиле на многу работи, но многу малку на потребата да бидеме среќни. Генетиката и субината се прифатливи, но нивното користење како изговори е многу погрешно. Човек со својот стил на живот може да ги моделира, одолговлекува, менува. Ништо не е така зададено како нашите шаблони, мрзеливост и лакомост. Навистина мислам дека нема потреба да се бега од стресот, да се бега од неминовноста. На крајот, што е важно колку долго ќе останеш овде. Можеби поважно е како, со колкава желба, со која мисија и како си го „кинел“. Сѐ е убаво и прифатливо, дури и најтешкото. Ги сакам вечерите кога јас и сопругата остануваме сами, откако ќе легнат децата, кога со една чашка алкохол правиме рекапитулација на денот.
ММ: Охрид е Вашиот град, таму живеете. Што е својствено за него, за стилот на живеење на охриѓаните? Како живеете, што Ве привлекува и како индивидуа, но и како група луѓе - жители на Охрид?
Д. Б.: Охрид е привилегија, да живееш во Охрид е заслуга. За жал, многумина одамна почнаа да го уништуваат, но во една своја колумна пишав дека го доживувам како стар асматичар кој ќе успее повторно да се издигне и ќе вдише соодветна количина воздух. Оваа воздушна бања, ова светилиште, оваа колепка на културата и писменоста ќе издржи сѐ. Има луѓе кои го живеат градот, езерото, градската традиција... Во мојот Охрид сѐ уште се живее со стил, во другиот мислам дека се вегетира. Всушност, не сакам да знам.
ММ: Заради усовршување, извесно време престојувавте во Кина. Се чини дека споредбата е нонсенс. Што „купивте“ оттаму, што усвоивте? Дали го применувате и денес? Во што предничат Кинезите?
Д. Б.: Во прво сте, тоа е еден поинаков свет. Навистина, може многу да се научи од таа традиција. Првенствено, тие се за вистинска пофалба кога станува збор за љубов и почит кон својата земја и народ. Таа нација е исклучително вредна, галопира кон иднината. Дисциплината им е императив. Ја имав честа да ги слушам предавањата на еден од најстарите универзитети во светот. Нивните професори се особени научници, но со исклучителна скромност и со голема сомосвесност. Таму нема импровизација во науката. Ако си се определил за неа, тогаш животот буквално ти е посветен на тоа. Налик на посветеноста на монасите. Секојдневие е утринската гимнастика на кое и да било место. Нема хиерархија и ред. Заедно вежбаат заменик градоначалникот на Пекинг и собарката од хотелот во кој престојував. Ова го кажувам како момент на посветеност. Вежбаат за да се избалансираат, а не со цел да бидат видени... Момент кој ме напрви тажен е тоа што во тој свет нема персонализација. Персоналот и вработените се водат по број. Следен е 346 доколку 345 потфрлил и погрешил на работното место. Лично, не ми се допаѓа кога човекот е само бројка, па која и било бројка да е.
ММ: Имате партиски стаж, вклучително и советнички, во градското собрание. Што сфативте, каква игра е политичката? Засекогаш им одолеавте на предизвиците во политиката или..? Планирате да ѝ се вратите?
Д. Б.: Искуствено сметам дека исклучивоста е многу погрешна, површна и е резултат на неоправдана самодоверба. Оттаму никогаш нема да кажам дека со нешто сум завршил или, пак, дека сум одолеал на предизвиците. Политиката не смее да биде занимација, барем јас секогаш така сум ја поимал. Луѓето во политиката мора да бидат регрутирани согласно нивните квлификации, односно согласно она што знаат да го работат и каде што потенцијално ќе дадат најголем придонес. Ми се лоши од квазиполитичките поставки кога место што знаеш да работиш, примат има што сакаш да работиш. Од таа дискрепанција страдаат заедницата и идните генерации. Задоволен сум со тоа што од моето политичко дејствување, како на локално, така и на централно ниво, не само што не се срамам, напротив, сметам дека ревносно одговорив на дадената доверба успевајќи да ги зачувам принципите. Многу е важно што за вас ќе читаат вашите деца и внуци кога може и нема веќе да сте овде. Во овој момент, целата моја енеригија е насочена на менаџирањето во АД Стопанска Банка - Скопје, на остварување резултати во реалниот сектор, каде што доколку не си на ниво на задачата по авоматизам нема да си на таа позиција. Фер и професионално. Многу ми е важно што во СБ има параметри за мерење на трудот и придонесот. Тогаш се гради кариера на реални основи.
ММ: Неизбежно е прашањето за стилот на облекување, па... Како ќе го дефинирате? Што преферирате најмногу, класика или..? Кои парчиња облека се најзастапени во Вашата гардероба? Што Ви е слабост?
Д. Б.: Сметам дека стилот е вродена работа. Со годините и со искуството само се рафинира. Мојата работна позиција бара една монотона класика и јас, како секој професионалец, тоа го почитувам. Сепак, таа класика се надевам дека успевам да ја „оживеам“ со посмели комбинации и бои на платна, како и со храбри дезени на џебни марамчиња. Поклоник сум на белата кошула, добар часовник и добри обувки. Гардероба купувам организирано и рационално. На свечени приеми и настани никогаш не си дозволувам слобода. Се знае какво одело и каква боја си бара настанот, црн смокинг со црна лептир-машна. Човек мора да држи до себе и да биде соодветен за секоја пригода. Да се разбереме, средовечните луѓе не треба да лутаат со стилот, претпоставка е дека на таа возраст веќе треба да е оформен. На таа возраст не треба да се зборува за гардероба и брендови, недопустливо е. На таа возраст работите најважно е да се износат на вистинскиот начин, согласно конституцијата и карактерот.
ММ: Парфемот е своевиден заштитен симбол, знак на секоја индивидуа, поединец што внимава на себе, на својот изглед. Какви мириси Ви се допаѓаат? Имате ли омилен?
Д. Б.: Парфемот е своевидна ароматерапија, парфемот е печат кој го оставате зад себе. Спомените имаат мирис. Мирисот мора да коренспондира со карактерот. Многу луѓе ги паметам, покрај по делата, и по тоа како мирисале. Смета декам без парфем не се оди на лекар дури и кога не ти е добро. Ги обожувам класичните парфеми, оние со сериозна нота. За спортски комбинации и дневни варијанти преферирам лесни парфеми кои асоцираат на чисто, на свежо. Никави слатки тонови.
ММ: Согласно здравиот начин, стил на живеење, какви јадења претпочитате? Дали се делициозни, какви деликатеси? Специјалитетите на македонската кујна се исто така неодоливи. Сепак, дали се здрави?
Д. Б.:Многу салата, овошје, чисто месо, риба, морско и добри масти. Млечните производи ги сведов на минимум. Грешам со благо, но кога веќе грешам, тоа мора да е нешто добро. Тортите ландман и добош од „Дела Роса“ во Охрид се мојот избор. Ги сакам традиционалните јадења и неколкупати во годината со сопругата ги „нарачуваме“ од мојата мајка. Здравјето е во умереноста, пред сѐ.
Блиц прашања
ММ: Кога се работи за машко-женските односи, што е карактеристично за еден кавалер, кои атрибути?
Д. Б.: Жената е таа што на суптилен начин прави мажот да се чувствува моќно, а мажот е тој што со своето однесување треба да го потенцира дамското во неа. Старомодните атрибути на еден кавалер не смее да бидат под влијание на модата и новините. Ми се допаѓа добропознатата класика на однесување на еден кавалер.
ММ: Дали спортувате? Пливањето е својствено за охриѓаните. Вежбате или..? Како ја одржувате кондицијата?
Д. Б.: Трипати во неделата имам персонален професионален тренинг со најголемите професионалци Елена Бубало и Атанас Михајловски за што навистина сум им благодарен. Да бидам искрен, во последните години пливањето повеќе ми се сведе на опцијата разладување, но си ветив дека и тоа ќе го променам. Сакам пловни објекти каде што буквално се излежувам. Водата смирува...
ММ: Носите ли аксесоари? Што најмногу?
Д. Б.: Без очила за сонце и часовник не излегувам од дома. Всушност, од аксесоари тоа најмногу го носам. Жалам што не успевам да си ги исполнам сите желби во поглед на очилата за сонце и часовниците, ама затоа, пак, се смирувам со купување по разумна цена, потпирајќи се на вкусот. Машкиот накит е многу деликатна работа, за него секогаш барам совет, при што изборот најчесто се сведува да се консултирам со луѓе кои се модно освестени.
ММ: Вашите деца, во која насока ги воспитувате? Какви навици сакате да им всадите, кои вредности?
Д. Б.: Да бидат добри луѓе, да ги антиципираат настаните, да бидат чесни, да се трудат да не ги повторуваат нашите грешки, да вложуваат во себе, да бидат амбициозни, да не се премногу строги кон себе, да не бидат сервилни кон никого, но да почитуваат. Најважното, да бидат здрави и среќни. Сето ова се постигнува со определена дисциплина и многу работа, кои на моменти може да им изгледаат како ограничувања, но постојано им повторувам дека во животот сѐ е по заслуга, дури и тогаш кога не изгледа така. Со добивањето деца не смееме да се залажуваме дека и родителството доаѓа природно, напротив. Меѓу другото, мислам дека многу е погрешна тезата дека со децата треба да се има пријателски однос. Во тој случај, ниту децата ниту родителите ќе имаат свој живот, а таквата средина не е добро место за воспитување. Љубовта, дисциплината и меѓусебната почит се најважни.
ММ: На кој специјалитет од Вашиот град не можете да му одолеете? А, кое јадење во Кина Ви се допадна многу?
Д. Б.: Белвицата за мене е највкусната риба, подговтвена на охридски начин и послужена во Трпејца. Во Кина победи интернационалната кујна која, за среќа, ја имаше во хотелот. Во тој поглед останавме на „Вие“ со Пекинг.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Дејан Блажески