Лаф-муабет со Иван Анастасовски: Луѓето на неколку балкански конференции се чудеа бидејќи чорапите ми се истакнуваа, но мене фино ми делуваше - впрочем, секој поединец си гради сопствен стил на облекување
Изборот на соговорникот, учесникот во денешниот, понеделнички лаф-муабет е неслучаен, како впрочем и сите останати досега. Се разбира, така ќе биде и во иднина од причина што убавите прикаски, т.е. примери делуваат мотивирачки, а целта ни е во исто време и да ве разонодиме. Освен за професијата, односно за спортот преку двата предмети кои ги предава на Факултетот за физичко образование, со Иван Анастасовски се разговоривме и на други теми, вообичаени за рубриката - од стилот на живеење, облекување до т.н. евдемонизам или крајната цел на човечкиот живот. И уште повеќе.
Инаку, професорот е носител
на докторски, највисок академски (научен) степен, а неговиот потпис е ставен на
петнаесетина трудови. Едновремено се јавува и како иницијатор, поттикнувач на
младите да вежбаат или, пак, физички да се активираат, односно да се бават со
некој спорт и да негуваат здрави навики (животни, секако). Патем ни откри што
му е слабост, и кога е кулинарството во прашање, но и кога се работи за модните
додатоци, вклучително и гардеробата воопшто. И патувањата ги доживува како
севда, но и возењето автомобил со гласна музика, без исклучок на концертите на „Симпли
ред“ и така натаму. Сосема неизбежно и Куманово, градот каде што се родил и
живее, го ставивме на дневен ред. И кумановци, се разбира. Поради шегачењето на
своја, но и на туѓа сметка.
ММ: Кога се работи за Вашата професура на УКИМ, конкретно на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, сакам да поразговараме за двата предмети - спортски менаџмент и социологија на спортот, кои ги предавате. Би започнал со вториот. Ќе ни кажете ли нешто за него, за спортот како феномен - и социјален и социолошки. Каков е тој? Но, и за неговата позадина, исто така социолошка. Ме интересира на пример, од каде доаѓа пристојниот израз „тоа е (не)спортски“?
И. А.: Во суштина мојата научна кариера ја започнав како вонреден професор по предметот методика на физичко воспитување или денешна дидактика. Но, со текот на времето, фокусот на развојот на мојата професионална кариера ја насочив кон социологијата на спортот и, со таа цел, докторирав по втор пат на ИСППИ при УКИМ со што бев избран за редовен професор. Преку моето дополнително усовршување и работата со студентите, интересот го насочив кон тој нов феномен во спортот наречен спортски менаџмент или, едноставно кажано, управување во спортот. Развојот на оваа млада дисциплина датира од поново време со што на почетокот на 21 век има сериозен непредок. Всушност, брзиот развој на секторот спорт како бизнис компонента придонесува за тоа да се развива и спортскиот менаџент. Конкретно, зборот менаџмент потекнува од латинскиот збор manus што значи рака и зборот agere што значи да се дејствува. Подемот на менаџментот во спортот го форсираат Американците кои на терминот менаџирање не гледаат само како на процес, туку и на луѓе кои го извршуваат тоа, односно човечки ресурси. Спортскиот менаџмент како што напоменав предходно е една од најмладите области во генералниот системот на менаџментот. Проблемите и аномалиите кои го следеле професионалниот спорт со текот на годините се такви што поставеноста на управувањето во спортот и со спортските организации се базирала на погрешни аспекти, како на пример сопствениците на спортските клубови самите себе се нарекувале менаџери, многу често тие биле и апсолутисти.
ММ: А, спортскиот или менаџментот во спортот, како функционира во Македонија? Или каде, на кое ниво е спортската „индустрија“ овде? Чинам дека порано ѝ се придаваше инакво, да не кажам поголемо значење во смисла на нејзино менаџирање или не? Дали резултатите влијаат на него и обратно, дали менаџментот влијае на резултатите? Има ли доволно спонзори, каков е маркетингот? Неоспорен факт е дека спортот го обединува македонскиот народ, очигледно дека само тој и може да го соедини.
И. А.: Реално не можеме да се пофалиме многу дека се движиме во насока да го имплементираме концептот на спортски менаџмент во нашиот професионален спорт. Сакам да потенцирам дека Факултетот за физичко образование, спорт и здравје заедно со Економскиот факултет при УКИМ има студиска програма од втор циклус на студии - Спортски менаџемент, кој финкционира одлично. Целиот наставен потенцијал кој е инволвиран во оваа програма настојува да го приближи спортскиот менаџмент преку научни методи до широката спортска, но и општа јавност со цел да ја промени перцепцијата за управувачкиот дел од спортот. Јас лично немам дилема дека доколку се промени системот на управување во спортот, односно од застарениот интервенистички модел на финансирање да преминеме во неитервенистички модел, каде што државата нема да биде водечка во финансирањето на спортот и спортските клубови, ќе имаме силен напредок, не само од натпреварувачки, туку и од управувачки аспект. Во принцип, спортот е замислен да ги дружи, социјализира и релаксира луѓето, односно тоа што вие го нарекувате да ги обединува, да ги сплотува, особено во тешки моменти. Впрочем, најдобар пример за тоа е последниот успех на нашата фудбалска репрезенатација која го елиминира актуелниот европски првак во фудбал Италија каде што се покажа колку на нашиот народ му значат тие спортски победи кои го храбрат и сплотуваат, особено во време на сериозна здравствено-економска криза. Впрочем, тоа е моќта на спортскиот успех.
ММ: Тука се наметнува и прашањето за спортската или психологијата во спортот. Можеме ли да говориме за некаква си поврзаност меѓу финансиите и мотивираноста на спортистите, а пропо претходното прашање? Како се „креваат“ во случај на психолошко „паѓање“? Одржувањето на спортскиот здрав дух е особено важно, а и ферплејот. Како се мотивираат, кои фактори (внатрешни, надворешни) влијаат мотивациски? И дали о(п)кружувањето има влијание? Односно, дали публиката некогаш „притиска“, не сакајќи?
И. А.: Во принцип јас не сум меродавен за коментар во психолошкиот дел на спортот, за тоа има други експерти, но факт е дека мотивацијата е значаен предуслов за спортскиот успех. Мојата експертиза во спортот се базира на општествените карактеристики на спортот каде што примарен дел е ферплејот или коректниот однос (популарно кажано џентлменство и ривалство). Од аспект на тоа дека денешниот модерен или професионален спорт е голема профитабилна дејност, затоа и мотивираноста кај професионалните спортисти во најголем процент, за жал, се базира на финасиски аспект. Денес имаме млади спортисти под 20 години, кои се милионери, каде што финасиите ги преземале и ги контролираат. Таквата состојба претендира да му ја одземе примарната улога на спортот (социјализација, дружење, задоволство и игра) и да го позиционира во редот на најпрофитабилните гранки во светот со што спортистите ќе бидат алатки за реализација на таа цел на големите корпорации. Факт е дека спортот се игра за публиката, без неа (публиката) спортот е ништо. Големите спортски колективи во фудбалот, како што се Реал, Барса, Јувентус, Челси, Јунајтед и други, претендираат да имаат поддржувачи на сите континети. Со тоа ја шират својата моќ како спортски систем, но и ја зголемуваат својата економска моќ токму преку бројот на поддржувачите. Затоа, силината на денешните спортски клубови покрај тоа што се мери по спортските резултати и успеси, се мери и по бројот на поддржувачи широм светот. Навивачите се основата на спортската филозофија.
ММ: Освен што пишувате (Вашиот потпис е на петнаесетина книги), се јавувате и како иницијатор, поттикнувач на младите да се бават со спорт. На кој начин? Преку Вашата невладина организација, клубот, велнесот? Како функционираат, на кои принципи? Здравјето има приоритет, но какви се навиките (животните, секако) на младите во Македонија? Што им препорачувате?
И. А.: Точно, јас сум автор или коавтор на 15 книги, брошури, практикум и слично, кои се издадени на македонски и на англиски јазик, а дел од нив се публикувани во интернет (онлајн) форма и се достапни не само за студентите туку и за пошироката (општа) јавност. Покрај мојата примарна професионална, научна професија, основач сум и на две невладини организации кои се занимаваат со состојбите и процесите во спортот, едукацијата и здравите животни навики од кои едната е наречена Геостратешки институт ГЛОБАЛ, кој веќе 11 години реализра проекти во делот на спортот, и спортската академија Скај Велнес, која е отворена пред година дена и која е фокусирана на разни спортски секции како што се пливање, тенис и други индивидуални спортски активности за млади лица, додека од пред 5 години сум основач и малцински акционер со група на ентузијасти од спортот и здравиот живот на компанијата Скај Велнес ДОО која сепак е профитабилна компанија за спортување, рекреирање и манифестирање на здрави животни навики. Здравиот животен стил денес треба да е имепратив за секој поединец, особено со пандемијата на ковид 19 увидовме колку е значајно да водиме грижа за нашето здравје и да негуваме здрави животни навики. Од мое искуство (јас живеам во Куманово, а работам и егзистирам во Скопје), постои сериозна разлика во перцепцијата на манифестирањето на здравиот животен стил кај луѓето. Жителите на главниот град во голем процент промовираат урбан или здрав животен стил, додека во помалите градови е поинаку, но има и помалку можности за тоа бидејќи нема доволно спортско-рекреативни комплекси.
ММ: А, Вие спортувате? Вашите деца, сопругата? Дали живеете здраво, каков е начинот, стилот на живеење на семејството Анастасовски? Мислам и на исхраната, се разбира. И, секако, дали постои меѓусебна поврзаност на спортувањето и возраста, кој спорт е идеален за младите, а кој за постарите? Но, и за отфрлање на стресот.
И. А.: Повеќе би рекол дека водам грижа за сопственото здравје и здравиот животен стил преку физичка активност. Спортувањето е малку поширок контекст за кој секогаш ви е потребен партнер или партнери да спортувате. Однoсно, се трудам, согласно обврските, да пешачам, трчам, возам велосипед, пливам, посетувам сауни и други сегменти за здрав животен стил, а што помалку да користам автомобил. Преку тоа ја компензирам мојата седечка позиција која ми е добри 40 % од денот. Сопругата Ирена Анастасовска се обидува да негува здрави животни навики многу повеќе преку начинот на исхрана отколку преку физичка активност, но тоа е и поради професионалниот ангажман како одделенски наставник, каде што има многу одговорна задача, но во секој случај јас сум тука да ја потсетувам дека треба да негува здрави животни навики пред сѐ за сопствената психофизичка состојба која многу ќе ѝ помогне да ги реализира дневните професионални активности. Бруно и Лана Александар, кои се на 20 и 13-годишна возраст, во принцип се олицетворение на нас како родители. Тоа што ние го промовираме како животен стил гледам дека тие го прифаќаат, односно развиваат професионални навики пред сѐ да бидат одговорни кон обврските кои ги имаат (факултет и училиште), а во слободно време да се дружат, да се рекреираат, да развиваат социјална комуникација која е многу значајна за секој млад човек во ова време на технолошки развој. Во принцип ние како семејство сме насочени кон семејно патување со автомобил во мали и пријатни европски дестинации, што многу не опушта и релаксира, со што го неутрализираме стресот како форма која денес е сѐ повеќе присутна кај луѓето, така што препорачувам секој поединец да го најде својот фокус со што ќе биде успешен во борбата против стресот.
ММ: Околу исхраната, си давате одвреме-навреме оддишка? Имате омилени јадења, вина или комбинација што Ви е фаворитска? Пиете кафе? Го сакате ритуалот?
И. А.: Дома многу ни е важно да имаме традиционална (готвена) исхрана што реално е многу тешко согласно професионалните обврски, особено децата да јадат готвена традиционална храна, јас би рекол не брза храна (fast food),туку добра, чиста првична храна (slow food) за која најмогу ни помага мојата мајка Нада Анастасовска која, сепак, има време да се посвети на готвењето и за тоа сме ѝ бекрајно благодарани. За време на викендите, кога сме дома, обожавеме да правиме јадење, но има еден мал проблем оти секој на некој начин има свое мени за јадење. Ирена и Лана не се пребирливи, имаат поголем избор на храна, додека јас и Бруно сме специфични во изборот на јадењето. Впрочем, заеднички именител на трпезата ни е италијанската храна (паста и пици) што не ја ставам во редот на здрава храна, но сепак е вкусна и неодолива. Лично дома колекционирам вина (бели и црвени) од секое наше патување. Со сопругата Ирена обожаваме вина како заедничко уживање, додека таа сака јегеркако дижестив, јас сум просечен корисник на чаша виски. Еднаш во неделата јадеме морска риба со добро бело македонско вино, но не ја спремаме туку ја купуваме од специјализирана продавница за риби. Околу кафето, не само што сум голем љубител, можам да се ставам и во графата „болесник“, дома имаме кафемат од компанијата Lavazza,мојот апсолутен фаворит за кафе, инаку пијам само еспресо и понекогаш нескафе. До пред извесно време пиев до 7 кратки еспреса дневно, без шеќер, но денес намалив на бројка до 4, тоа е максималниот компромис кој го направив самиот со себеси за кафе. Пиењето кафе за мене е ритуал и филозофија на живеење. Ако гледаме од тој аспект - кафе, вино и паста ми се топ опција. Инаку, кога одиме на патување, на пример од Куманово до Монпеље или до Лајпциг или која било друга дестинација, секогаш барам информации каде е престижно да се испие шолја еспресо во градот каде што престојуваме, особено ако тоа е на некој плоштад со интересна архитектура за да можеме да се фокусираме на погледот.
ММ: Хедонизмот е врзан и со начинот, стилот на облекување. Забележливо е Вашето уживање, задоволството меѓу другото и во него. Каква облека преферирате, на која ѝ давате предимство? Дали Ве интересираат брендови? Кој Ви е омилен?
И. А.: Тоа е и значењето на хедонизмот - уживање и задоволство. Впрочем, кој е тој што не го сака тоа. Од рана возраст облекувањето ми стана пасија (пиењето кафе доаѓа подоцна), особено кога се работи за нешто што е вредно и квалитетно. Во стилот на облекување за мене важни детали се кондурите и часовникот за машката популација. Стилот на облекување ми е насочен кон терминот casual smart гардероба што, впрочем, значи да имате спортско-елегантни модни сегмени на себе, кои можат да ве позицинираат во секоја прилика. Без оглед дали се работи за состанок или, пак, кафе дружење, тој моден стил на облекување ми е доминантен. На пример, добри панаталони со кошула и џемпер ми е перфектна комбинација, така облечен можам на состанок, на кафе, на натпревар или на друго место. Таквата комбинација ми дава комоција за дневниот ритам. Сите сме насочени кон италијанскиот стил на облекување или дизајн, но сепак за мене, особено кога се работи за елегантниот изглед, број еден е германскиот бренд Hugo Boss. Тој денес има и одлична спортска комбинација за дневно облекување. Инаку, ако гледаме од дневен аспект, широк спектар на избор на гардероба, квалитет и цена на чинење има шпанскиот гигант Zara, кој е незаменлив.
ММ: Поради звањето, вклучително и заради честите гостувања, и конгресни, па и телевизиски, неминовен е костумот. Формалната облека знае да биде понекогаш и здодевна, еднолична. Ѝ давате ли „боја“, т.е. како ја разбивате монотоноста? Џебните шамичиња се идеални за тоа. Или колоритните чорапи а ла Џастин Трудо. Кои Ви се омилени?
И. А.: Јас сум, сепак, со годините од еден поранешен вредносен систем кога моравме на работа или на некоја професионална активност да бидеме облечени елегантно, па оттаму преферирам на одредени конгреси од повисок ранг да сум во одело, но комбинацијата мора да биде црно-бела timeless иако таквите моменти денес сѐ повеќе се ретки. За останатите префесионални активности сум за спортско-елегантна комбинација која впрочем може да помине на одредни семинари, работилници или гостувања на медиуми. Во последно време, сега не знам дали тоа е Трудо ефект, но омилен дел ми станаа шарените чорапи како моден детаљ од марката Happy Socks. Луѓето на неколку балкански конференции се чудеа бидејќи чорапите ми се истакнуваа, но мене фино ми делуваше - впрочем, секој поединец си гради сопствен стил на облекување, што е сосема разбирливо. Пред повеќе од дваесет години, кумата на мојата свадба ми донесе шамиче за сако од Лондон и ми рече: на свадба да те видам со овој детаљ, што ми делуваше одлично. Шамичето го имам и ден-денес, а оттогаш до денес на повеќето гостувања носам таков моден детаљ, особено ако на себе имам блејзер - таа комбинација е наземенлива.
ММ: Дали претпочитате аксесоари? Можеби часовници? Одамна се хит, синоним на престижот би рекол. Бројаници, украсни копчиња за манжетни, дали носите?
И. А.: Колекционар сум на часовници, други аксесоари не користам, само часовници. Во одредени прилики носам манжетни бидејќи имам една кошула со мои инцијали и, кога ја носам неа во одредни прилики, оди со манжетни, додека часовниот е дневен концепт, така што часовниците ми се слаба страна.
ММ: Кога веќе говориме за хедонизмот, ме интересира што мислите за евдемонизмот, дали евдемонијата - среќата, блаженството е крајната цел на човечкиот живот? Вашите стремежи, какви се тие? И едниот и другиот, и хедонизмот и евдемонизмот е комплексен.
И. А.: Моралот е основа за секој поединец, кој треба да го негуваме. Па, тоа што вие го велите, евдемонизмот е всушност таа морална филозофија за среќата која би требала да го движи човештвото. Себеси се ставам во редот на среќни и исполнети поединци, кој го негува пацифизмот како филозофија. Искуството ме научи да се држам до луѓе кои зрачат со позитивна енергија и кои знаат таа енегија да ви ја пренесат, односно да ве релаксираат. Впрочем, живееме во брз и динамичен свет со многу стресови и ситуации кои, сепак, ги доживуваме од страна на луѓето и затоа е важно каква енергија пренесуваме и примаме и дали таа нѐ прави среќни и задоволни, а тоа многу ќе се рефлектира на нашата ментална состојба. Кратко кажано, подалеку од негативни и неисполнети луѓе.
Блиц прашања
ММ: Колку средства би одвоиле (најмногу) за некој часовник што Ви е фаворит? Кој бренд е, кој модел?
И. А.: Ако гледаме на тој начин, од целата колекција можам да издвојам два кои ми се значајни. Едниот часовник е од брендот Longines, кој ми е подарок од страна на мојата баба (мајка на сопругата), кога ја запросив, а кој има голема вредност од секој аспект и тука е нереално да говорам за материјалниот аспект. Другиот е од брендот Armani,кој го купив во стор во Глазгов, да бидам искрен - беше со попуст и чинеше 200 фунти, што мислам дека е коректна цена за еден таков моден бренд.
ММ: Како се „луфтирате“? На пример, се возите на мотоцикл? Дефинитивно брзината опушта.
И. А.: Мотоцикл не сум возел никогаш и најверојатно нема да возам оти не сум љубител. А, наспроти тоа, уживам да возам автомобил. Ги имам смеменето во приличен број и поминато многу километри со нив. Возењето со гласна музика ми е многу смирувачка и релаксирачка опција. Лично не сакам брзо возење и знам дека тоа се коси со слушање гласна музика во автомобил.
ММ: Често патувате. Која дестинација Ви е омилена? И пролетна и летна. Зимата помина. Одите на концерти надвор?
И. А.: Патувањата се дел од мојата професионална активност. Значи, не само како турист, туку и работно, што е најдобра комбинација. Немам дилема за дестинацијата - тоа е Италија, држава која е убава на секој дел од својата територија, а конкретно во Италија како омилена дестинација ми е вечниот град Рим кој статистички е најпосетуван град од страна на туристите. Во летниот период имам работни патување кои обично се во период на месец август и тие се во зависност од организацијата, но туристички, како семејство одиме највеќе во градот Кавала во Грција, одлична комбинација за летен одмор и урбана прошетка. Како голем љубител на музиката, посебно поп и рок, имам посетено неколку концерти во и надвор од Македонија. Јас сум голем фан на бендот „Симпли ред“ кој го следам со години и имав прилика да ги гледам во Софија, Белград и сосема случајно во Лондон, но верувајте, не е иста енергијата кога одите на концерт на Балканот и на Островот. Останатите концерти кои сум ги следел се на овие простори, и тоа на „Сантана“, „Дуран Дуран“, „Ваја Кон Диос“, Морисеј, Дејвид Брн и уште неколку.
ММ: Што Ве иритира кај луѓето? Чувствувате ли промени кај нив последните години? Која е причината за тоа, според Вас?
И. А.: Напоменав погоре, во последната деценија, поради разни општествни промени, има сериозна трансформација во делот на расположението кај луѓето, а особено после пандемијата на ковид19, кога се случуваат драстични човечки промени, што е сосема разбирливо. Но, сепак, убеден сум дека социоекономската состојба во Македонија највеќе придонесува за промените кај луѓето. Младите се насочени кон виртуелен живот на социјалните мрежи и сакаат да живеат нереален живот кој го гледаат по филмовите, додека возрасните се депримираат бидејќи не можат да им го овозможат на младите тоа што го бараат, тоа се тие извртени вредности кои влијаат сериозно на луѓето, посебно на овие простори. Многу има фрустрации или тоа да го наречен едноставно негативен набој кај луѓето што ги прави нерационални.
ММ: Живеете во Куманово, таму се родивте исто така. Кумановци важат и за големи шегаџии. Но, каков е животот во него, дали се живее порелаксирано од Скопје, на пример? Ве прашувам оти престојувате и тука.
И. А.: Од 1973 година до денес во Куманово. Куманово во времето на поранешна Југославија бил проектиран како градот Манчестер во Англија, со многу индустрија - повеќе од 15 стопански гиганти во градот, луѓето работеле напорно и слободното време го користеле за дружење, седење во кафеани и правејќи шега на своја или на туѓа сметка. Сетоа тоа по распадот на таа држава се промени сериозно, градот потона во депресија и агонија и денес е град на принудно печалбарство за луѓето да можат да имаат социјален мир. Релаксиран живот во Македонија може да се побара во руралните средини, во урбаните не сум убеден дека има релаксиран живот, особено што Куманово (официјално е најголема општина во Македонија со над 98.000 жители) е град со прилично висока динамика на движење, но и седење во кафеани, катеферии и ресторани по цел ден, така што тоа е синонимот на секој еден кумановец, додека во Скопје ситуацијата е сосема поинаква, темпото и движењето е многу поголемо и подинамично, но седењето во кафеани и кафетерии мислам дека е на исто ниво со Куманово.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Иван Анастасовски