Лаф-муабет со Иво Ранѓеловиќ: Бостон е виновен за мојот карактер, култура и знаење, а Лондон - таму го „купив“ култот кон јадењето бургер
Неговите размислувања ќе ви се допаднат сигурно, како и елоквентноста чиј гранд е повеќе од забележлив. Со таков манир е и нарацијата, следствено. Независно дали го читате или слушате, гледате на ТВ, коментарите на Иво Ранѓеловиќ се наместо, буквално секогаш - глобалната политика му е специјалност, првенствено меѓународните односи за кои се школувал во САД и во Англија, во тамошните угледни школи, т.е. факултети, а приправничкиот или практикантскиот стаж во Британскиот парламент е особено важен кога се работи за бекграундот на политикологот чија моментална преокупација е градежништвото.
Муабетевме за сешто, вклучително и за неговите патувања, сосема неизбежно.
Всушност, Иво Ранѓеловиќ го запознавме и поинаку, од различна перспектива што е
и крајна цел на овој и на другите, останатите лаф-муабети со нашите соговорници
- разонодата - опуштено, без каква било напнатост.
ММ: Јавноста Ве познава меѓу другото и како редовен коментатор на глобалната политика, меѓународните односи. Пишувате и колумни. Всушност, политикологијата е Вашиот фах, попрецизно аналитиката. Ќе ги одбегнеме таквите прашања бидејќи целта не ни е да ја оптоваруваме читателската публика дополнително, туку да ја разонодиме. Но, се чини дека неизбежен е муабетот за политизирањето на буквално сѐ, вклучувајќи ја и пандемијата. Зошто е така? Можеме ли конечно да се опуштиме и како? Политиката ни стана опсесија, неизбежно и политичарите.
И. Р.: Некако комотно се осетив во вашиот вовед кој ме наслови коментатор на глобална политика. Сигурно не сум експерт, но и поимот аналитичар тешко го апсорбирам. Она што е сигурно е дека уживам во политиката, наука која се испостави како најудобно место за моите мисли и чувства. Уживам и во нејзината неегзакност која секогаш подава рака за нова идеја. И покрај тоа што применувањето на политичките парадигми често знае да создаде хаос, во политичката мисла хаосот е всушност систем.
Но, во моментот кога политиката ја перципирате како идејна матрица, тогаш настанува проблем. Секој може да си дозволи да „разбира“ политика, да ја вреднува и интегрира по свој вкус, да манипулира. Така политиката стана најразвиена стопанска гранка во Македонија, а партиите најголеми работодавци. Генералната причина за политиката да се постулира како колективна опсесија е неспособноста на нашето општество да фати чекор со времето (читај: реалноста). Лажицата која нѐ меша надолу по оваа спирала е всушност масовната некултура и отсуството на вредносно-културниот систем. Таквите општества најчесто гледаат вина во политиката, а спас во религијата. Сѐ додека е така, тешко ќе се опуштиме. А, лекот? Лекот е пред нас. Сѐ започнува со домашното воспитание, продолжува со однос кон околината (да не уринираш по скали, да не кршиш клупи и лифтови, да кажеш добар ден итн.), потоа се развива свеста за потреба од институции, еволуира во култ кон државата, но и природата, за да заврши со достоинствен животен век. Колку и да звучи едноставно, едноставноста е најтешкиот сегмент на животот.
ММ: Завршивте додипломски, па и постдипломски студии во странство. Заради нив, извесно време поминавте во САД и во Англија, т.е. во Бостон и во Лондон. Па, можете ли да ни кажете зошто се вративте кога егзодусот на мозоците рапидно се зголемува? Што Ве мотивира тука? Што е убавото? Како гледате на можностите за успех овдека, постојат ли воопшто?
И. Р.: Круцијална пречка при носење на животна одлука е неискуството. Особено кога сте млади. Се разбира, тоа не значи дека по автоматизам ќе згрешите. Но, често на одлуките им судиме согласно успехот кој сме го постигнале. Барем таков беше тоналитетот во вашето прашање. Јас имам малку поинакво, не така конвенционално разбирање на успехот. Имено, моралниот императив на секој успешен човек би требало да е балансот. И кога јаде, и кога пие, и кога спие, и кога работи. Тоа е предизвик во земјите на доцниот капитализам. Втора особина за успех е да се осознаеш себеси преку стекнување на квалитетно образование, а потоа да го запознаеш и светот, преку книга или патување. Третата (не и најмалку важна) компонента е придонесот кон општеството. Секој од нас треба да се стреми кон придонес со кој светот би бил поубаво место за живеење.
Ако се согласиме за момент дека ова се премисите на успехот, тогаш е ирелевантно дали ќе се одлучите да живеете во Бостон, Лондон или во Скопје. Не би сакал да идеализирам, но секогаш сум размислувал да се вратам и да придонесам во својата држава. Освен што размислувам, сега и работам на тоа, па времето нека биде сведок.
ММ: За Бостон се зборува суперлативно, инаку не. Како влијаеше на Вас? Што Ве импресионира кога се работи за стилот на живеење? Како функционираат неговите граѓани? Мислам на врсниците. А пропо жителите на Лондон, еве. И, се разбира, што „купивте“ од англиската метропола? British Style можеби.
И. Р.: Бостон не го освоив на прва топка што се вели. Имав потешкотии да се адаптирам, особено поради возраста и интензитетот на учење со кој морав да се справам. Набрзо фатив чекор со суштината на градот кој важи за најевропски во Америка. Огромен диверзитет на луѓе циркулира по улиците на Бостон, пред сѐ млади. Ако на тоа наддадеме дека Бостон е градот во кој се „крои“ светскиот поредок, што му преостанува во очекувањата на еден студент како што бев јас? Најубавите години од мојот живот поминаа во тој град. Бостон е виновен за мојот карактер, култура и знаење.
Од друга страна, Лондон е метропола по многу нешта. Незаборавни се моментите кои ги поминав како практикант во Британскиот парламент, но и оние доцни, навидум наивни разговори со колегите на различни теми од науката од кои научив многу. А, кога сме кај стилот, правите лондонери се исклучителни во својата уникатност кога станува збор за модата и џентлменството. Сепак, она што јас го „купив“ е култот кон јадењето бургер во Лондон, како чин на раскош и карактерни манири. Оние што живеат во Лондон знаат на што мислам.
ММ: Без оглед на студиите, откако се вративте, почнавте да се занимавате со градежништво. Ме интересира зошто. Сепак нема допирни точки со нив. Односно, што беше пресудно за еден таков пресврт? Како ги поделивте ангажманите? Мислам на пишувањето статии, политиколошките истражувања од една и, секако, бизнисот од друга страна.
И. Р.: Уште како студент бев свесен дека шансите да не работам по струка се големи, односно да се занимавам со различни професии. Градежништвото се наметна во сплет на околности, на што лесно се адаптирав. Немаше некој пресуден момент за пресврт. Ми се допаѓа динамиката во оваа сфера, особено делот во кој не сум принуден да седам во канцеларија цело работно време. Во однос на другите ангажмани, не секогаш им посветувам внимание во слободното време. Често знам и во работно време да почнам да пишувам или барем да запишам некој мотив. Подоцна ќе читам или развијам дискусија со колегите на точка глобална политика. Во последно време гледам и документарци - филмови со таква тематика. Воглавно, сето ова го правам за лична сатисфакција, но би било убаво еден ден да му се најде на општеството и како додадена вредност.
ММ: Доста читате, па можете ли да издвоите книга што Ве промени како личност, можеби некој лик? На што Ве научи? Кој жанр Ви е омилен за релаксација? Политичката литература ќе ја оставиме настрана овој пат.
И. Р.: Не постои личност што ме променила. Можам да ја издвојам тетка ми како личност која ме упатила во правец да го изучувам светот, но генерално растев без идол. Ако се сеќавам добро, последен пат што сум читал некоја книга што нема политичка конотација, тоа се можеби некои дела на Џон Гришам и тоа веројатно сум го правел на некој аеродром, во метро и слично.
Во слободно време се релаксирам со книги од политичкиот жанр, но во делот на глобалната мисла. Би го издвоил Едвард Лус со „The Retreat of Western Liberalism“, секако и Тим Маршал, Френсис Фукујама, Јувал Ноа Харари, Џаред Дајмонд и други.
Доколку, пак, дозволите да издвојам стил на изразување и тон кој го рефлектира мојот карактер, тогаш тоа е кое било дело на Славој Жижек.
Би забележал и дека не читам преводи, се забавувам со глобусот во мојата соба или, пак, листам атласи. Изгледа дека не сум многу забавен во слободно време.
ММ: Но, патувањето Ви е најголема страст, дефинитивно. Оставате впечаток на бонвиван, искрено. Патувате доста, се чини дека егзотичноста Ве привлекува особено. Украина, Јужноафриканската Република и Јордан се последните крајни дестинации што ги посетивте скоро. Набргу ќе одите во Грузија, Ерменија и Норвешка. Ме интересира всушност како ги одбирате маршурите. Колку земји сте посетиле досега, евидентирате? Која Ве фасцинирала посебно и зошто?
И. Р.: Немам некоја конкретна методологија по која се одлучувам за одредена дестинација, но постојат два многу важни фактори при изборот. Предност секогаш давам на државите во развој, со богата култура и интересна традиција на живеење. Не сум фан на модерни градби, чисти улици и дисциплинирани култури. Барем не во својство на турист. Вториот фактор очекувано е финансискиот аспект, односно цената за превоз, сместување, уживање. Но, никогаш на пример не ја земам предвид дистанцата, климатските услови или формалните пречки како визите. Не само што имам живци, туку и ентузијазам за долг лет, чекање ред за виза и слично. Инаку, до скоро не водев евиденција за тоа колку земји сум посетил, но неодамна дадов интервју во врска со моите патувања и испадна дека имам посетено педесетина држави.
Ќе звучи чудно ако кажам дека ретко која земја не ме фасцинирала, но би го издвоил Виетнам. Народот во Виетнам е олицетворение на тоа како една индивидуа треба да ја сака државата и да го цени животот. Питоми, насмеани луѓе кои знаат многу за убава храна и култно кафе. Би го потцртал градот Хо Ши Мин (поранешен Сајгон) како вистински Париз во пределите на Индокина.
ММ: Видикот се проширува со патувањето, нема сомневање. На кој начин се запознавате со народот, граѓаните на државата што ја посетувате, нивната култура, менталитетот? Преовладува мислењето дека споредните улици, пазарите и рестораните (кујната) се доминантни во перцепцијата. Кој народ Ве инспирирал во поглед на живејачката, онака посебно?
И. Р.: Кога патувам се трансформирам во личност која сака да проба сѐ и сешто. Уште при самото качување во авион знам да започнам комуникација со патникот до мене, на точка разно. Знам и да седнам на маса за повеќе луѓе во ресторан кој го дозволува тоа со цел социјализација. Морам да признаам дека најмногу скриени факти може да дознаете од таксистите, каде било во светот.
Народ кој ме инспирира во поглед на живејачката се мештаните во Кејптаун, ЈАР. Вода на сите страни, полни плажи и локали. Преку викенд се возат олдтајмери, најчесто до прекрасните вински предели познати низ целиот свет. Повторно би ги споменал и Виетнамците со нивната рационална скромност, како и умешноста за живот на Италијанците и Грците.
ММ: Омилена кујна имате? Некој специјалитет можеби? Има нешто чудно или необично за кое би се вратиле повторно, би го јаделе пак? И обратно, нешто за кое би се двоумеле? Може и пијалак, зошто да не.
И. Р.: Морам да ја споменам кујната на мајка ми бидејќи веројатно ќе го прочита ова интервју. Инаку обожавам кореанско барбекју (телешко), виетнамски ролс од ориз, американските ребра и бифтек, како и морска храна генерално. Во моментов би сакал да навратам на еден „пастел де ната“ во Лисабон или на чаша вино Angels Tears Le Chocolat Pinotage во Кејптаун. Зошто да не и во познатиот бостонски ресторан за чоколадо Макс Бренер. Дајте да ја смениме темава, храната ми е слаба точка.
ММ: Дека внимавате на својот изглед - тоа е факт, неоспорно. Дали стилот на облекување го рефлектира животниот? Вашиот, се разбира. Кој фазон Ви е омилен? Дали купувате или, пак, шиете по мера? И каде најчесто?
И. Р.: Апсолутно. Стилот на облекување го рефлектира и вашиот карактер, покрај животниот стил. Меѓутоа, не сметам дека го дефинира во целост. Имено, животниот стил подразбира начин на однесување, вокабулар, сфери на интерес и општи познавања кои заедно со облеката ја формираат индивидуата. Она што е амблемно за мојот начин на облекување е уникатноста. Бегам од класична и/или конзервативна облека. Скоро никогаш нема да ме видите во костум и кравата на пример. Припаѓам на слим фит категоријата и сакам контрасти. Не шијам, напротив, секогаш купувам облека. Некако наивно верувам во веќе изработеното парче облека отколку некој да шие за мене по мера. Најважниот сегмент во облеката е како таа стои на вас, сѐ друго е во втор план. Во втор план нека остане и прашањето за тоа каде купувам облека.
ММ: Како се доживувате, како џентлмен или..? Што мислите, дали господственоста изумира? Можеби се воздигнува. И што недостасува, кои манири? Воспитанието, како и однесувањето се особено важни, ама... Чинам дека ги карактеризира слободен пад.
И. Р.: Ако не е оксиморон, тогаш на себе гледам како на воспитан космополит. Господственоста е состојба која доколку не ја негувате низ целиот ваш живот, не може да се наречете џентлмен. Една бескомпромисна одлика на господственоста е културата. Не можете да послужите алкохол првин во својата чаша, да не давате трепкач или да не викате добар ден. Таквите манири ве оддалечуваат од џентлменството, а со тоа и од суштината на животот.
Блиц прашања
ММ: На што Ви асоцира когито, ерго сум? Од политиколошки аспект.
И. Р.: Ако навистина мислите, а со тоа и постоите, тогаш верувајте во идеали, но не и во идеологии. Идеологијата е погуста и од крвта.
ММ: Бидејќи политичката економија Ви е специјалност, меѓу другото, сигурно имате чуено за лесе фер (буквално: „оставете секој да прави што сака и сѐ нека оди по својот тек“), геслото на економскиот либерализам. Но, фигуративно, како ќе ја објасните паролата? Во смисла на животот, секако.
И. Р.: Како умерен поддржувач на паролата лесе фер би порачал секој еден човек да го живее својот живот, но никогаш да не дозволува пазарот да ја одреди неговата цена.
ММ: Ја познавате Македонија доволно, географски? Шетате во нејзината внатрешност? Имате омилено место?
И. Р.: Релативно добро ја познавам внатрешноста на Македонија, но не можам да се сетам на подобро место од Скопје.
ММ: Сакате луксузни предмети? На пример часовници, што било. Дали скапотијата е другото име на луксузот?
И. Р.: Да, обожавам часовници. Но, од луксуз најмногу сакам културен свет и душевен мир, нешта кои се испоставија како доста скапа работа.
ММ: Кој влијаеше на стилот, се разбира во неговото градење? Можеби татко Ви, родителите? Што научивте од него/нив?
И. Р.: Kога станува збор за облекувањето, можеби најголемо влијание има мојот татко. Но, стилот на живот е со мој ракопис. Она што го научив од моите родители е дека доколку се впуштам во канџите на истомисленоста, веднаш ќе исчезнам.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Иво Ранѓеловиќ