Лаф-муабет со Кирил Талески: Прифаќањето на сопствената стилска филозофија и мажественоста е клучот за одржување на одличниот изглед

Понеделничката рубрика во Машки магазин, т.е. лаф-муабетот е сеопфатен, исто како и целта: да претставиме што повеќе личности, не само од политиката, естрадата, туку од сите домени, кои се издвојуваат со нивната работа, начинот, стилот на живеење, облекување.., вклучително и сфаќањата за животот, меѓу нив и хедонистичкото, идеалите... 

Се разбира, нашата преференција е соговорниците да ги поседуваат веќе споменатите карактеристики, повеќето од нив. За среќа и отстапките се интересни, повремено. Битна е инспирацијата, во поголемиот дел. Како било, денешниот учесник во разговорот го избравме од неколку причини: тој е радиолошки технолог по вокација, професијата е особено важна за медицината, битна карика, иако не се пишува многу за неа и секако, за специјалистите во областа на радиолошката технологија. Од друга страна е млад човек со занимливи гледишта и таков начин, стил на живеење, облекување и слично.

Имено, се работи за триесет и едногодишниот (безмалку) Кирил Талески од Крушево, роден во Прилеп, со кого се разговоривме буквално за сé - ги опфативме и работата и нејзиниот прогрес и заштитата од икс-зраците, но и здравиот воздух и здравата средина и здравата храна, неопходни за доброто здравје, со препорака за крушевските, а не ги заобиколивме ни патувањата ни љубовта кон животните ни гардеробата. И уште нешто. Размислувањето на Венко Андоновски за убавината е всушност и негово мото, но и порака: „Никој не е виновен ако е роден грд или со некој недостиг, исто како што никој не е заслужен ако е роден убав. Тоа му го дал Господ, или како награда или како казна. Но, дали некому душата му е грда или убава, тоа зависи од него самиот“.

ММ: Радиолошката технологија е многу важна, т.е. значајна карика во медицината, односно дијагностиката. Можете ли да ни кажете што сѐ опфаќа Вашето работење како радиолошки технолог, без оглед на тоа што моментално не сте во работен однос? Кои се Вашите обврски (одговорности), каква е поврзаноста меѓу радиолошкиот технолог и радиологот, комуникацијата? И што Ве наведе да ја одберете за професија?

К. Т.:Радиологијата е прозорецот на дијагностиката, радиолошки технолог е здравствен работник специјализиран за методи на снимање, како што се рендген, МРИ/КТ-скенови, нуклеарна медицина, радиотерапија и дентални скенови - извршени превентивно во дијагностички цели. Одговорноста на радиолошкиот технолог е точно, правилно одредување на дози и аплицирање на јонизирачки зраци, добра комуникација и соработка со пациентите и укажување на ризиците од самото зрачење. Радиолошките технолози треба да имаат блиски работни односи со радиолозите кои ги толкуваат сликите. Со цел лекарите да можат да ги вршат своите работни задачи, технологот мора да биде темелен и прецизен со својата техника на снимање.

Оваа професија ја одбрав напрвин од хуман аспект, како да се помогне на човештвото, а второ - љубовта кон обичните слики, што ми помогна да откријам и друг начин на правење слики, како овие - медицинските.

ММ: Вашето занимање бара познавање и на информатичката технологија, претпоставувам. Дали напредокот на радиолошката зависи од неа, од нејзиниот прогрес? Кои апарати се последен збор на техниката во светот, новини? Дали нашата земја оди во чекор со него, што е најсовремено тука и дали во малите градови е присутно, како на пример во Крушево?

К. Т.: Со самото откривање на рендгенските зраци, пред повеќе од еден век, започнува развојот и на технологијата. Како гранка во медицината, се развила уште во далечната 1895 година, кога Wilhelm Conrad Röntgen го открил рендгенското зрачење или рендгенските зраци. Со самиот развој на технологиите, се прилагодоувале и рендгенските апарати. Денес, со пребрзиот развој на информатичката технологија, сведоци сме на пребрзите интервенции и снимки кои можат да се видат во најразлични проекци, големини и да се донесат правилни одлуки за патологијата и дијагностиката на пациентите. Порано или подоцна, има чекор напред во технолошкиот напредок. Овој чекор напред овозможува голем скок во тек отколку порано.Оваа гранка од медицината подразбира примена на разни видови зраци со цел таргетирање, дијагностицирање и лечење на разни болести. Рендген првично се правел на стаклени фотографски плочи, но со текот на годините, рендгенот како метода се модернизира и рендгенските слики се снимаат и складираат дигитално. Во денешната радиологија се користат и радиобранови и ултразвук, како и радиоизотопи.

Кога станува збор за приватниот сектор, премногу се вложува во апаратура и се следат сите новости во технологијата, но така не е во државниот сектор каде што сé уште се користат апарати од пред 20 и повеќе години. За жал, малите места, вклучително и Крушево, сé уште користат застарена апаратура која заостанува во дијагностицирањето. За Крушево можам да кажам дека и покрај застарената апаратура, колешките професионално, брзо и навремено ја обавуваат својата работа и им помагаат не само на жителите од нашата општина туку и на жители од околните општини во Крушево, што стварно  е незамисливо во 21 век, во 2022 година

ММ: Ме интересира колкава е штетноста од изложувањето на зрачењето, како влијае на организмот, неговото здравје? Мислам и кај вас, како професионалци, но и кај пациентите. За какви зраци се работи? Јонизирачки, така? Како се заштитувате себеси, болните?

К. Т.: Штетноста на изложување на зраците има силно дејство на сите живи организми, почнувајќи од бактерии, вируси до цицачи. Карактерот и последиците зависат од дозата и видот на зрачењето. Едно исто зрачење делува различно на различни видови организми. Различно делува кај мажи, жени и кај деца, во зависност од нивната телесна тежина и висина, старост и заболувања. Станува збор за вештачки јонизирачки зраци, односно рендгенски зраци, наречени и Х-зраци, кои претставуваат форма на електромагнетно зрачење и се дел од електромагнетниот спектар. Секој процес има и позитивности и негативности, па така и зраците. Пожелно е што помалку изложување на јонизирачки зраци за да се одбегнат посериозни нарушувања во организмот на пациентите. За разлика од нив, радиолошкиот технолог треба максимално да се заштитува со тоа што нема да биде присутен во кабината за снимање, а истото би го вршел од соседната.

ММ: Од причина што медицината Ви е поле на дејност, кажете ми нешто за начинот, стилот на живеење, дали е врзан со здравите навики - здравиот воздух, здравата средина, здравата храна? Што преферирате, на што се концентрирате, сосредоточувате најповеќе? Каква е Вашата животна филозофија?

К. Т.: Да, стилот на живеење и дејноста ме формираат како личност која сака здрави навики од причина што израснав во една од најчистите средини на нашата територија и пошироко, во воздушната бања на Македонија и Балканот - Крушево, така што ги одбирам најздравите навики за живот, чистата околина и чист воздух, поврзани со здравата храна и чистата вода, но сето тоа простудирано и применето со медицински докази. Се водам од тезата дека местото на човекот му е сепак во природата. За среќа, се соочуваме со нов тренд во кој во текот на викендите, планините, реките и езерата се посетени од луѓе кои го сфаќаат здравиот начин на живот и барем за момент се враќаат таму каде што навистина припаѓаат, во природата.

ММ: Колкаво значење, важност му придавате на хедонизмот? Како го перципирате и него и долче вита? Можно е идентификување на обата поими? За младоста се врзува и бонвиванскиот живот, па... Во што уживате максимално, за што имате голем мерак?

К. Т.: Знам да уживам и тоа го правам со задоволство, а не за да покажам на социјалните мрежи, преку фотографии, дека тоа е така. Нормално, речиси сите сакаме да прикажеме лагоден живот и некаков луксуз - секој си е приказна за себе, но во мојот случај - тоа сум јас, без некакво наметнување. Си угодувам сé со мојот начин на живот во кој хедонизмот не игра најголема, туку голема улога.

Бонвиванскиот живот не ме карактеризира целосно. Обично го избирам потешкиот пат кон нештата. Но, само за да научам што повеќе.

ММ: Сакате да патувате, Ве привлекува Истокот, неговата култура... Кои земји, од каде поточно - Блискиот, Средниот, Далечниот? И со што Ве импресионираат, можеби со нивната мистериозност, духовните и материјалните вредност..? Дали би живееле таму?

К. Т.: Да, сакам да патувам и кога сум во можност, времето го користам за патување, љубопитен сум и сакам да ги истражувам сите држави, нивните култури, традиции, храна, музика, уметност, природа и слично. Истокот ме привлекува од причина што се соочувате со инаков начин на живот, во споредба со Западот каде штоима многу маркетинг(храната, гардеробата, архитектура и динамиката) - Блискиот Исток е доста интересен за патување и уживање. Би го посетил Израел, но и делот од Персискиот Залив, Обединетите Арапски Емирати (Дубаи). Во Израел, поточно во Ерусалим би патувал и откривал многу нешта, тој е Светиот град на три религии и има што да се се види и научи. Дубаи би го посетил од причина што сакам да го видам урбаниот свет, луксузот, плажите и ноќниот живот, но не би живеел таму.

ММ: А, кујната? Ориенталната ја претпочитате или..? Што сакате да јадете особено? Имате омилена комбинација, деликатес и пијалак? Вино на пример, нешто друго? И готвите ли за своја душа, за свое задоволство? Ритуал, имате некој?

К. Т.: Во кујната не сум вешт, но ја обожавам храната. Ориенталната храна ја препорачувам поради нејзините преубави зачини, кои служат и како лек, што исто така не е многу далеку од нашата кујна, но традиционалната македонска храна ми е омилена. Храната ја гледам како лек, не како нешто што треба да ме прејаде - затоа ја комбинирам со свежи салати.

Утрата ги започнувам со чаша цеден лимон и горко турско кафе како ритуал, во зимскиот период пијам пелинковец, а во лето чист „Аперол“.

ММ: Околу начинот, стилот на облекување, можете да го дефинирате имиџот, Вашиот? Му посветувате внимание доволно? Каква гардероба фаворизирате, обувки? Кои парчиња облека? По што сте препознатлив на пример? Носите аксесоари?

К. Т.: Најчесто сам ги комбинирам парчињата - колку е поедноставно, толку е подобро. Облеката ја одбирам така што внимавам секогаш моменталните трендови да бидат во фокусот. Прифаќањето на сопствената стилска филозофија и мажественоста е клучот за одржување на одличниот изглед. Најчесто носам кошули, кои ми се неизбежен дел од гардеробата, од класични до кошули со руски јаки. Носам чисто бели и црни маички со јаки или без, обични панталони и фармерки (бели и црни патики) и се разбира, класични чевли. Часовникот ми е неизбежен детаљ и редовно го носам, што мислам дека ме прави препознатлив.Очилата за сонце, сите видови капи, ремени, шалови, спортските маици со логоа и неизбежните одела.

Доволно вниманние му посветувам на имиџот, почнувајќи од косата, па до обувките.

ММ: Правите дистинкција меѓу дневната и гардеробата за вечерните излегувања? Модата не, во смисла на тенденциите. Правилата се кршат сѐ повеќе, а Вие - како гледате на тоа? Еве, кога носите костум? Дали вратоврските ги ставате, односно бирате согласно пригодата? На што внимавате кога купувате одело, битен Ви е квалитетот на материјалот, брендот - што поконкретно? И како се чувствувате во него?

К. Т.: Апсолутно, дневната гардероба и гардеробата за вечерните излегувања речиси секогаш ја класирам во зависност од местото каде што се движам и седнувам и кој е поводот на излегувањето. За правилата да се кршат, најпрво треба да се знаат, но живееме во време во кое сé повеќе се излегува од рамките на начинот на облекување, така што луѓето си земаат право да комбинираат секаков вид гардероба што нé оддалечува од вистинскиот кодекс на облекување на мажите, но и на жените, така што се прави една мешовита состојба каде што не може да се истакне мажественоста, но и женственоста. Костумот си има своја прикаска и го одбирам во зависност од настанот, дали е свадба или друг вид забава, исто како и вратоврската. На вратоврската ѝ давам посебно значење бидејќи таа е вистинскиот виновник што ќе ја оформи целината на гардеробата  и замислата за пригодата. Кога избирам костум, најголемо внимание обрнувам на квалитетот на материјалот и како би се чувствувал во него, затоа што тоа е најбитно - пријатно да се чуствувате во самата облека.

ММ: Кога се манирите во прашање, забележувате промени во однесувањето на луѓето во последно време? Се чини дека се отуѓивме, како да ја изгубивме трпеливоста ден со друг. На што се должи тоа, според Вас? Им верувате на луѓето целосно или.., со доза на резерва? Што Ви е битно во комуницирањето, од секој вид?

К. Т.: Да, промените кај луѓето се видливи, сé функционира механички, како роботи - ги нема емоциите, чуствата и среќата, сé е сведено на материјална корист, затоа и се отуѓуваме. Технологијата и капитализмот се едни од главните виновници зошто луѓето се отуѓуваат, заборавајќи дека тие се жива материја и дека треба да бидат дел од природата. Искрено, немам доверба во луѓето и затоа сите обврски си ги завршувам сам. Комуницирам во одредени граници - зависно од човекот, прво го ислушувам, а потоа одговарам.

Блиц прашања

ММ: Како љубител на часовници (рачни) и олдтајмери, која марка Ви е омилена, т.е. на кој/а автомобил/кола имате ќеф, кое годиште?

К. Т.: Имам повеќе марки на часовници, но највеќе ги носам часовниците на Diesel. Кога сме кај олдтајмерите - Porsche 911 од 1980-тите.

ММ: Досега во лаф-муабетите не сме ја начнале темата за животните, љубовта кон нив. Чувате малтезер, така? Ќе ни кажете ли нешто за поврзаноста? Каков е Вашиот однос кон него и општо, кон животните? Многумина, откога ќе земат домашен миленик, се прашуваат што чекале досега, дотогај.

К. Т.: Уште како дете ги сакав животните и секогаш чував некој домашен миленик, затоа не сум имал простор да се каам што сум чекал до тој момент, додека немам миленик. Сега имам малтезер со кој сите во семејството сме поврзани и го чуствуваме како дел од него. Односот спрема него е најкоректен во смисла дека не го измачувам како некои луѓе што сакаат да им даваат навики на човек. Сепак, тоа е милениче кое си има свои инстинкти, потреби и навики.

ММ: Како вистински, прав крушевчанец, која е Вашата препорака за добронамерниците, каква е таа - што да посетат во Крушево, задолжително? Кој специјалитет да го пробаат, каде?

К. Т.: Крушево е јадрото на државата и треба да го посети секој Македонец, барем еднаш во својот живот, бидејки оттука започнуваат темелите на оваа убава држава, тука се крева Крушевската Република. Затоа, на сите добронамерници им препорачувам најпрво да се запознаат со историјата, со посетата на бројните музеи од каде што ќе научат многу повеќе за своите корени и држава. Потоа, сé околу Крушево, преубавата природа, коријата, езерото, чаршијата и полетувалиштето на параглајдерите од каде што се гледа цела Пелагонија.

Крушевчани се препознатливи по преубавата кујна, денот се започнува со најубавото турско кафе и локум, кое се пие во чаршијата, под липите, а за ручек во крушевските чаршиски кафани кои изобилуваат со традиционални јадења (крушевски чомлек, крушевска пита, крушевски колбаси, питулици со лук, сарми од лозов лист, гурабии со локум и крушевска баклава). Вечерните излегувања се прекрасни со преубавата панорама од двата хотела (Монтана и Панорама), кои се сместени во преубавата корија која го заобиколкува градот. Да не ги заборавиме и адреналинските паркови, скијачките терени, јавањето на коњ и тандемското летање со параглајдер, кои се вистински атракции за сите гости, но и за нас.

ММ: На која жена, девојка од Крушево на пример ѝ одговара синтагмата „неодолива убавина, македонска“ и сакате да ја видите во истоимената рубрика? Добро, не мора крушевчанка по секоја цена.

К. Т.: Каролина Гочева.

 ММ: Егзодусот е тема на која се пишува, говори често, па дури и размислува (интензивно) од страна на младите. Каде се гледате себеси во иднина, тука или надвор, во странство?

К. Т.: Едно од најтешките прашања во рубриката... Ќе бидам искрен, емотивно сум поврзан за домот, градот и државата. Искрено, сега за сега се гледам тука што не би значело дека еден ден не би заминал во странство. За чекорот на заминување - секогаш тргнувам од тоа што добивам, а што губам.

Игор Ландсберг

 

Фотографии: приватна архива на Кирил Талески