Лаф-муабет со Марјан Петков: Лично сметам дека мажите конкретно изгледаат подобро и помажествено со некоја брчка на лицето, па и седа коса
Претпразнично, во екот на летната и сезоната на годишните
одмори, ќе се обидеме и ние да влијаеме на вашето расположение, ако е можно, да
го подобриме, благодарејќи на лаф-муабетот со Марјан Петков чија професија е
стоматологијата, веќе дваесет години. Специјалност му е протетиката. Имајќи го
предвид фактот дека т.н. кадкам-техника беше дел од неговата докторска
дисертација што ја одбрани во 2018-та, може слободно да се каже дека е експерт
за неа. Од друга страна, тој е сопруг на Сања и татко на две синчиња,
седумгодишниот Ристо и петгодишниот Дамјан.
Во слободните часови е целосно посветен на спортовите, меѓу нив и фитнесот и велосипедизмот (рекреативно), а важи и за многу добар сноубордер. Уште во раното детство се бави со пливање, карате, кошарка, фудбал, фул-контакт. Градското однесување му е битна одлика, во добра смисла. Вклучително и интересноста - од начинот, стилот на живеење до имиџот, гардеробата и слично.
Како што ѝ доликува на понеделничката рубрика со цел да ве разоноди, темите на разговорот се различни, опфаќаат сѐ, а нивната интенција, односно намера е јасна: меѓу другото и да ве инспирираат - за животен успех на секое поле.
ММ: Веќе дваесет години работите како стоматолог. Ваша специјалност е протетиката. Ќе ни кажете ли нешто за трендот во неа? Што е новина и секако - дали се применува и овде? Кад-кам е последниот збор на техниката или тенденцијата е инаква?
М. П.: Тренд во стоматологијата е дигитализацијата. Мотото на претпоследниот саем во Келн (Германија) каде што се прикажуваат светските новитети беше Digital Dentistry. Како во сите сегменти од медицината, така и во стоматологијата, сѐ повеќе се користат компјутерите, софтверите и машините за да ги намалат човечките грешки, да изработат попрецизни изработки за пократко време. Кад-кам претставува Computer-Aided Design (CAD) and Computer-Aided Manufacturing (CAM). Во Македонија постојат добро опремени лаборатории, техники кои ги изработуваат овие протетички изработки веќе петнаесетина години од кога датираат и моите почетоци со кад-кам протетичките реконструкции. Најдобра едукација за дигитална стоматологија и обуки имав во Копенхаген (Данска) каде што имав можност да работам во една од најдобрите и најопремените клиники во светот. Мојата докторска дисертација е од областа на кад-кам, така што може да се каже и дека сум експерт во таа технологија.
ММ: Кога се мажите во прашање и естетиката, убавиот изглед на забите, каква е Вашата препорака, совет - кои се решенијата за проблемите со нив, чија цел е исполнување на естетските критериуми, задоволување на истите? Функционалноста е исто така битна, особено важна. Во светот на пример, т.н. винири станаа голем хит. Композитните фасети, луминирите...
М. П.: Голем дел од естетиката на индивидуата се лицето и забите, најголем тренд се естетските корекции на забите, при што пациентите побаруваат корекција на формата и бојата на забите. Со годините, забите природно се трошат, пигментираат, потемнуваат и најчесто побарување на пациентите (секако, наметнато и од медиумите, социјалните мрежи) е да се има совршена бела насмевка. Сѐ почесто се случува и млади луѓе да бараат корекција на забите со протетички реконструкции со инвазивни методи. Мој совет е секогаш прво да се проба со конзервативни неинвазивни методи, како на пример ортодонтски третман за исправање и подредување на забите, избелување - доколку забите се здрави. Секако, постојат и методи со изработка на порцелански или композитни фасетки - винири, кои се изработувааат без стружење на забите и кои се одличен метод за насмевката на пациентите да се подобри. Како доктор специјалист, секогаш правам добра анализа на ситуацијата во устата и планирање на функционална и естетска протетичка реконструкција, соодветна за секоја индивидуа. Секако, постојат случаи каде што апсолутно мора да се направат инвазивни протетички реконструкции кога недостигаат заби, дали тоа се трауми, генетика, заби со големи и неестетски пломби итн. Би сакал да напоменам дека не секоја техника, метод е применлив кај сите пациенти, особено фасетките - ламинатите каде што има и контраиндикации и случаи каде што не можат да се применат. Ова го напоменувам бидејќи често во ординација знае да дојде пациент и да каже: на комшијата, другарот му правеа ова и јас сакам исто, а тоа е невозможно да се примени кај него. Здравата и убава насмевка се прави и одржува од детска возраст, со правилна орална хигиена и редовни посети на стоматолог.
ММ: Последните неколку години, многумина стоматолози се ориентираа и на корективната, естетската дерматологија - ботокс за „измазнување“ на брчките и слично. Вам, предизвик Ви е тоа? Или сметате дека стареењето е природен процес и не треба да му се пркоси? Мислам на мажите конкретно.
М. П.: Лично сметам дека мажите конкретно изгледаат подобро и помажествено со некоја брчка на лицето, па и седа коса, што не значи дека треба да се препуштиме на сите надворешни влијанија и да се оштети кожата. Треба да се внимава на кожата на лицето со користење соодветни креми. Секако, немам проблем и со луѓето кои прават естетски корекции и користат ботокс. Your Body, Your Temple. Животот е краток и секој треба да го прави тоа што го чини среќен.
ММ: Естетиката се врзува и со облеката. Се сметате за модернист или поблиска Ви е класиката? Што преферирате да носите во лето, какви материјали, дезени, бои? Претпочитате аксесоари?
М. П.: Се сметам за модернист, сакам да носам облека во живи бои, посебно во летниот период. Во лето носам исклучиво природни материјали: памук, лен и сакам облеката да биде во боја. Омилен аксесоар ми е часовникот. За мене лично, најдобар накит за еден маж претставува добар часовник и секако, добар парфем. Ги менувам зависно од пригодата.
ММ: А, брендови? Фаворизирате некој посебно? И што мислите, дали високите цени на трговските марки од широки, светски размери се оправдани, т.е. основани? Предност ѝ давате на формата или на содржината? Одамна спортувате, оттаму и прашањето за спортската облека - битна Ви е исто како и другата? Обрнувате големо внимание на неа?
М. П.: Брендот обично носи квалитет, сакам и носам брендирана облека, но не по секоја цена. Кога бев помлад, секогаш сакав да го имам најновото парче облека и го купував. Со годините, посебно откако станав родител, тоа повеќе не ми е приоритет. Цените на брендираната облека се качија повеќекратно, но доколку човек сака да носи добра и квалитетна гардероба, секогаш може да ги почека попустите и да купи добро парче брендирана облека за пристојна цена.
Спортувам доста години и секако дека и спортската облека ми е важна и обрнувам големо внимание на неа. Важно е да се има квалитетна спортска опрема која соодветствува на спортот. Не можете да се качите на планина на 2-3.000 метри надморска височина, а да не бидете соодветно опремени - се воведувате во ризик.
ММ: Кога веќе го споменавме, од кога се бавите со него? Мислам на спортот. Дали со текот на времето ги менувате дисциплините? Со која се занимавате отсекогаш? Патем, возите и велосипед. На долги патеки, во планина? Ме интересира, колкава е најголемата километража што сте ја минале и како се чувствувате откога ќе се изнавозите?
М. П.: Спортот ме научи на дисциплина, истрајност и фокус. Спортувам од петгодишна возраст, променив доста спортови. Првиот спорт кој го паметам е пливањето, потоа одев на карате, фудбал, кошарка, фул-контакт, но најдолго се задржав на фитнесот - почнав на осумнаесет години и ден-денес одам во теретана барем трипати неделно. Велосипед возам петнаесетина години, навистина се пронајдов и во него, тоа ми е издувен вентил за да заборавам на сите стресови и да уживам во природата.
Порано возев планински велосипед и повеќе одев на планини, сега возам друмски велосипед и често возам до околните села и градови, најчеста дестинација ми е Водно - Матка. Велосипедот го носам и кога одиме на одмор, станувам рано и сакам да ја истражувам околината со него. Најдолга тура ми е стотина километри, околу Охридското Езеро и ја препорачувам на секој што не бил. Вообичаена тура ми е педесетина километри, чувството е прекрасно, особено кога возам некој нов, неистражен терен. Од спортот научив дека колку е поголем напорот да се достигне некоја цел толку е поголемо и задоволството.
ММ: Поврзаноста меѓу спортскиот начин, стил на живеење и посебниот режим на исхрана е логична, природна. Сепак, за гурманството се врзува и сензуализмот, другото име на хедонизмот. Имате омилена кујна? Деликатесно јадење, густиозно? Како го комбинирате, со што? Некое вино - гут д’ор, златна капка?
М. П.: Апсолутно, доколку сакаме да постигнеме добри резултати, потребен е и посебен начин на исхрана - зависно од тоа што ќе спортувам, таква ми е и исхраната. Во принцип јадам храна богата со протеини, сакам добар бифтек или риба. Омилена кујна ми е медитеранската и уживам во чаша добро вино. Лазањите со лосос би ги издвоил како деликатесно јадење, омилено бело вино ми е „Барово“ од винаријата „Тиквеш“.
ММ: Пиењето кафе го ритуализирате? Го сакате повеќе сами, во друштво? Какво преферирате? За што размислувате додека го пиете утринското, првото кафе на пример? Каде сте го испиле најубавото?
М. П.: Првото кафе секогаш го пијам сам бидејќи станувам најрано од сите дома, сакам да го испијам во мир и тишина, размислувам за дневните обврски и го организирам денот. Секако, кафето ни е ритуал и во нашето друштво, барем еднаш во денот се собираме со другарите, колегите и фамилијата и уживаме во добро друштво и кафе. Вообичаено пијам четири-пет еспреса дневно, пребирлив сум доста и сакам квалитетно кафе. Најдоброто го пијам во„Dabov Specialty Coffee“каде што сопственикот е еден од подобрите баристи во Скопје и секогаш ме изненадува со нов тип на кафе.
ММ: Патувате доста често, па... Која земја Ве освои веднаш, на прв поглед? И кој град? Со што? Бидејќи е лето, Ваша препорака за литорал (морско крајбрежје), изола (остров)...
М. П.:На прв поглед ме освои Ибица (Шпанија). Енергијата која ја има островот е неверојатна. Секако, една од моите поомилени дестинации е и Грција - го обожавам летото, морето и сакам да одам на нови места. Нашиот јужен сосед има едни од најдобрите плажи во светот. Го препорачувам островот Лефкада во Грција, како и крстарењето по островите Кефалонија, Скорпио и другите јонски острови.
ММ: Во денешно време, кога етиката, моралот и неговите принципи, норми се заглавија меѓу борбата за (гол) живот и за доминација, престиж.., се испитувате себеси, сопствената личност, совест? Автоанализата, автоопсервацијата е битна, особено важна. Што Ви пречи во меѓучовечките односи? Пријателствата, стабилни се?
М. П.: Апсолутно се согласувам со Вас, животот стана многу динамичен, комплетно е променет начинот на однесување. Како наставник на универзитет, можам да приметам големи промени од генерација до генерација во однесувањето и домашното воспитување. Изгубени се човечките вредности, почитта кон повозрасните, повеќето пријателства се сведуваат на корист. Најмногу ме иритират негативни личности кои се однесуваат непристојно.
Како што поминуваат годините, бројот на другари со кои секојдневно комуницирам се намали драстично, но среќен сум што имам два брата и другари на кои можам да се потпрам во секое време, и во добро и во лошо. За мене, другарите се фамилија која самите ја бираме.
Самокритичен сум и се самоанализирам, континуирано се надградувам, се трудам да ги поправам грешките кои ги правам и да бидам добар пример. Верувам во карма и НИКОГАШ НЕ ИМ ГО ПРАВАМ НА ДРУГИТЕ ТОА ШТО НЕ САКАМ ДА МИ СЕ ПРАВИ МЕНЕ.
Блиц прашања
ММ: Имате два сина - петгодишниот Дамјан и седумгодишниот Ристо. Како ги воспитувате со Вашата сопруга, на што ги учите, на какви манири? Се изместија вредностите, материјализмот е доминантно сфаќање...
М. П.: Искрено да Ви кажам, можам да кажам дека многу работи и јас научив од нив. Преку нивните емоции и експресии научив повторно да се радувам на „обичните работи“. Денес сите ние трчаме да создадеме кариера, да купиме материјални добра, да бидеме подобри од другите, но забораваме на основните работи кои се најважни во животот - да се радуваме и уживаме во секој ден.
Децата ги воспитуваме да бидат културни и да ги почитуваат повозрасните, да им помагаат на другарчињата, да не бидат себични и да бидат добри луѓе како што нѐ воспитувале сите нас.
ММ: Која е основната мотивација на сите Ваши активности - мовенс? Од каде ја црпите? Книгите се изворите, вистинските места за тоа. Нивните автори.
М. П.: Најголема мотивација за моите успеси и мој херој е мојата мајка Елена, која сама успеа да нѐ израсне и исчува три сина и да нѐ изведе на прав пат.
Еден од моите омилени автори е Робин Шарма. По првата прочитана книга од него - „Калуѓерот што го продаде своето ферари“, едноставно морав да ги прочитам сите негови дела. Од книгите и секако, од моето искуство научив дека стравот е поголема пречка од самата пречка.
„Секоја промена е тешка на почетокот, неуредна во средината и прекрасна на крајот“, „Единствениот начин да се подобрите утре е да знаете што сте згрешиле денес“ (Робин Шарма).
ММ: Меѓу другото, важите и за многу добар сноубордер. Каде одите на зимување обично, дали е врзано со квалитетот на снегот, стазите?
М. П.: Бордам од мојата осумнаесетта година. Навистина уживам во овој адреналински спорт. Голем дел од моите другари и фамилија се спортски ориентирани, така што секогаш наоѓам друштво за планина. Последниве години ни стана традиција да одиме на Алпите. Апсолутно, важно е какви се стазите (иако често возиме и надвор од нив - Free Ride), но и каква е подготвеноста на скијачкиот центар, неговата локацијата и колку снег има.
ММ: Околу пандемијата, што научивте од неа? Како Ве промени, што сфативте? Очигледно дека здравјето е најважно, сепак. Другото е само привид.
М. П.:Во принцип сум човек што во секоја ситуација се труди да ги согледа и убавите работи. И покрај тоа што пандемијата нѐ затвори и навистина беше тешка, научив дека сите ние можеме да живееме без многу работи кои мислиме дека се неопходни, дека најважно е здравјето и дека времето поминато безгрижно надвор (без маски и социјална дистанца) со фамилијата и пријателите е бесценето.
ММ: Само по себе се наметнува и прашањето за кризата (и финансиска и политичка и енергетска), наводно нѐ чека лоша, тешка зима. Стравувате за иднината, животот во земјава? Има надеж?
М. П.: Се очекува силна рецесија, настануваат глобални воено-политички промени кои сите нѐ засегаат - секако дека размислувам и дека не ми е сеедно. Како земја која триесет години живее во транзиција, со сите можни блокади и опструкции од сите страни, оптимист сум и мислам дека ќе успееме некако да испливаме, како и секогаш, од тој амбис кој сигурно не чека.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Марјан Петков