Лаф-муабет со Рилинд Хоџа: Освен часовници, не носам никаков накит, можеби затоа што цело време сум присутен во тој свет
Стремежот на
Рилинд Хоџа или аспирацијата кога е професионалноста во прашање, вклучително и
успехот во работата, но и во животот се разбира, делува мотивирачки не само на
соработниците, туку и на сите што го знаат макар и кратко. Принципиелноста му е
исто така одлика. Точноста и уште повеќе, атрибути за кои денес има соодветна
дефиниција - апстрактни именки. Причината е површноста, медиокритетството и
слично.
За среќа, учесникот во денешниот, понеделнички разговор, лаф-муабет ѝ пркоси. Шест години води маркетиншката, односно рекламната агенција со неговиот партнер, а напоредно се грижи за семејниот бизнис, продолжувајќи ја еснафската, односно традицијата во изработката и продажбата на јувелирски производи. Всушност, Р. Х. ѝ припаѓа на третата генерација златари. Фотографирањето му е исто така страст. Многуте награди, признанија и овдешни, па и меѓународни, ја потврдуваат неговата креативност, творечка сила, но и работа.
Освен музи, т.е. извори на вдахновенија, инспирации, сопругатата и синчето - Јулинда и Крон се причина и за неговата среќа. Ги опфативме буквално сите полиња, сфери на интереси, па и размислите околу темите чија незадолжителност е дел од разговорите, лаф-муабетите со нашите соговорници в понеделник. Многумина вдахнуваат, односно инспирираат. Одбирот е намерен или неслучаен.
ММ: Вашите работни обврски се многубројни. Водите маркетиншка, односно рекламна агенција, вклучително и златарница, т.е. две. „Смарагд 1969“ е Ваша, т.е. сопственост на Вашето семејство. И таму се ангажирате околу работата. Сепак, што Ве исполнува најмногу, каде се пронаоѓате себеси најповеќе? Како ги усогласувате сите активности? Се чувствувате ли уморен понекогаш?
Р. Х.:Уште од мал, израснат во фамилија со
долга традиција во разни бизнис структури (златарството како примарна дејност), секогаш имав
големи амбиции да креирам нешто свое. Така и започна целата приказна околу
нашата агенција која
сега, веќе шеста година е на пазарот. Како што научив и многу други работи,
сфатив и дека човек не може да постигне сѐ сам.
Во самата структура на агенцијата,
освен мојот партнер, има и цел еден тим на креативни
умови кои работењето го прават многу забавно. Во „Смарагд 1969“ сум присутен откога
паметам за себе, но официјално сум вклучен од почетокот на
2021 година. Секогаш со нови идеи, жеден за креирање и за поставување
високи стандарди во сѐ што правам.
Уморот секогаш е присутен, но никогаш не ја победува желбата
за успех. Најтешкиот дел е менаџирањето на времето, но со добар тим и со добро делегирани
обврски, сѐ станува полесно. Сепак, за тоа секогаш треба време.
ММ: Маркетингот има особена важност денес кога е пласманот на производите во прашање. Имам впечаток дека сопствениците на помалите фирми не го сфаќаат неговото значење, особено сега, во услови на криза од секаков тип, дополнета со вирусната пандемија и оружените конфликти во меѓувреме. Како се справувате со денешната состојба? Кои маркетиншки потези се неопходни денес?
Р. Х.:Се согласувам дека маркетингот е неопходна алатка во денешницата за пласман на производите. На самиот почеток имаше голем пад на сите маркетиншки активности и навистина беше хаотично. Многу компании првин го скратија маркетингот за да не им биде трошок. Малите фирми во Македонија, кои беа подготвени и ги следеа маркетиншките и дигиталните трендови пред да почне пандемијата, дури и тие што брзо се адаптираа на новите трендови, мислам дека имаат огромен раст. Како најсовремена алатка е дигитализацијата за која во светот се зборува веќе со години, но бизнис-заедницата во Македонија беше доста неспремна за време на пандемијата.
ММ: Потекнувате од еснафско семејство, ѝ припаѓате на третата генерација златари. Како што кажува името, златарницата постои веќе 52-53 години. Која е тајната на долгогодишната работа? Дали приспособувањето на пазарот е дел од неа? Златарските производи некогаш ги правело Вашето семејство, како е денес? Вие знаете да изработувате накит од злато?
Р. Х.:Нашиот фамилијарен
бизнис постои многу одамна, многу пред да се родам јас. Од дуќан со шест
квадратни метри во Старата скопска чаршија пораснавме во
интернационален бренд и за тоа сум многу горд. Приспособувањето е еден од
најголемите фактори за успех, но не само на пазарот,
туку и кога се работи за новите технологии бидејќи тие овозможуват да креираме
нешто што не постоело досега. И токму тогаш, кога таткоми
како диполомиран електроинженер направил пресврт во производството на злато, од
рачно во машинско, нашиот успех ескалирал. Со глобализацијата на светско ниво, многу производи станаа подостапни и
затоа, во денешно време, најголемиот
дел од производите се од странство, како на пример Италија, Дубаи, Хонгконг,
Антверпен, Турција. Произведуваме само накит кој е„Custom-мade“,
за потребите на нашите клиенти.
Златото има многу начини на изработка, јас ги знам повеќето, а ги научив со
моја желба низ годините, иако тоа денес не го практикувам.
ММ: Дали постои тренд во модата кога се работи за машкиот накит? Што е модерно сега? Кои благородни метали, (полу)скапоцени камења? Постојат ли правила на „гиздење“ кај мажите?
Р. Х.:Отсекогаш сме имале и машки колекции, но за жал, кај насне се купува толку накит за мажи. Во последните години може да се каже дека побарувачката расте. Часовникот без сомневање е најбараниот накит за мажи, но сега доста се бараат и пенкала, ланци и алки. Повеќето мажи го преферираат белото злато, но како попристојна варијанта може да биде и среброто или челикот. Моментален светски тренд кога се работи за машкиот накит е челикот, а ниего увезуваме најпознатиот италијански бренд - „Zancan“.
ММ: Каква е симболиката на златото, неговата амблематика? Факт е дека има широк спектар на квалитети. И, ме интересира, зошто името на бесценетиот камен со зелена боја? Знам дека смарагдот е христијански симбол на бесмртноста, на верата и надежта. Го сметаат за камен на римскиот папа. Во муслиманството има симболично значење?
Р. Х.:Златото секогаш го симболизира високиот статус во општеството бидејќи е еден од најскапите метали од кој може да се креира накит, само платината е поскапа, но таа е многу тешка за изработување и честопати се избегнува. Квалитетот на златото се мери со карати и, доколку има декларација на производот дека е 14-каратно или 18-каратно,тоа е исто низ целиот свет, квалитетот е ист. Златото како материја во земјата секогаш има жолтозлатна боја, а потоа, со различни додатни метали, креираме бело злато, розе и сите други бои на злато. Во муслиманството, зелената или смарагдната боја има големо значење бидејќи и самото знаме е зелено, но нашата смарагдна приказна нема поврзаност со тоа. Повеќето членови на нашата фамилија имаат зелени очи, можеби тоа било дел од инспирацијата за името, поконкретни информации немам.
ММ: Една од Вашите страсти е фотографирањето. Ми се допаѓаат репортажите во слики направени за време на патувањата. Импресивно ги доловувате визумите. Кажете ми кои македонски регии Ве инспирираат најмногу, Ве поттикнуваат да го извадите апаратот и да фотографирате? А, кои метрополи, предели во странство?
Р. Х.:Фотографијата за мене има посебно значање, иако во последно време имам премногу обврски и не можам доволно да ѝ се посветам. Секогаш го носам апаратот со мене, на секое патување. Во Македонија има извонредни пејзажи кои често ги сликам, дури и близу Скопје. На пример Матка е фантастична. Шар Планина исто. Фотографијата за мене е можност да го извлечам најубавото од кој било момент, од тоа што е пред мене, да го штракнам и да го донесам дома, без разлика во кој град или во кој регион се наоѓа.
ММ: Следствено, имам впечаток дека уживате во патувањата. Кој град Ве импресионира кога се работи за стилот на живеење? Може и држава, сеедно. Што Ви се допаѓа во неа/него? Истокот е восхитувачки, на пример Истанбул. Кој град е најблиску до Вашиот сензибилитет?
Р. Х.:Во некои фантазии или планови за животот, моите касни години би сакал да ги живеам во Фиренца, Италија. Таму што и да видам ме инспирира, почнувајќи од стилот на живеење, храната, културата, архитектурата.., незнам дали би можел да ставам крај на сите атрибути. Сум прошетал доста низ светот, но Фиренца е мојот омилен град.
ММ: Вашате сопруга е архитект. За уметничко обликување на градежни објекти е неопходно развиено чувство за убавото, смисла за убавото. Ви сугерира ли што да облечете, какви бои да носите и слично? Всушност, каква е Вашата гардероба, кој стил го преферирате? Ставате ли накит?
Р. Х.:Секогаш сакам и нејзино мислење. Обично пазариме заедно и секогаш се надополнуваме еден со друг, мојот стил е и нејзин стил. Некако така се споиле коцките. Имам разновидна гардероба, немам посебен стил кој секогаш го следам. Нормално, зависи и од приликата, но секогаш се трудам да изгледам соодветно за пригодата. Освен часовници, не носам никаков накит, можеби затоа што цело време сум присутен во тој свет.
ММ: Кога се аксесоарите во прашање, часовникот важи за престижна работа. Мислам на скапиот, брендираниот. Како и автомобилот, се разбира. Според Вас, како се стекнува со престиж, дали предметите (луксузните) можат да го „изградат“? Се чини дека моралните вредности, па и критериумите на многумина се тотално изместени. Како се „гради“ угледот, авторитетот?
Р. Х.:Мислам дека накитот или аксесоарите се само додатни елементи на престижот, но не и мерни точки за него. За да изградиш престиж, треба да имаш повеќе атрибути. Освен успехот, треба да бидеш и точен и ажурен, да имаш животни принципи и цели, дисциплинираност итн.
ММ: Според Вас, што е висок морал? Се придржувате кон моралните правила? Како го воспитувате синчето? Его-идеалот е доста присутен, какво е Вашето размислување на оваа тема?
Р. Х.:„Високите“ морални стандарди за мене значат добри односи со другите, чесност, лојалност, да се знае што е добро, а што погрешно и да се биде верен на себе. Мислам дека луѓето се способни за такво однесување и дека тоа е клучот за било што да правиме. Се трудам да не отстапувам од тоа и, секако, истото да го пренесам на синот. Децата најлесно учат преку примери, а не преку усно кажување.
Блиц прашања
ММ: Која реклама Ви оставила силен, комплетен впечаток? И дали постои тренд во маркетингот или целта е јасна, да се привлечат купувачите, корисниците на услугите и толку, без оглед на естетиката, содржината? Велат дека и лошата реклама е добра.
Р. Х.:Има доста, обично рекламите кои можат да ги размрдаат емоциите се паметат најмногу, но и комичните остануваат во сеќавањето. Мислам дека сите активности од маркетиншкиот оддел треба да имаат естетика, но содржината во нив е тоа што рекламата и дизајнот ги прави впечатливи. Лошата реклама е добра доколку ти, како бренд, после неа се промениш и почнуваш да реагираш на лошите критики и коментари, но доколку продолжиш исто, лошата реклама може да те уништи.
ММ: Кој бренд Ви е омилен кога се работи за машкиот накит? И зошто?
Р. Х.:Часовникот ми е омилен дел од машкиот накит. Има многу брендови кои ми се допаѓаат, на пример „Hublot“, „Audemars Piguet“, „Rolex“, „Vacheron-Constantin“.
ММ: Сите имаме хирови, каприци. Вашиот, кој е? Можеби луксузен предмет за кој сте потрошиле големи пари?
Р. Х.:Хм! кога се работи за храната, секогаш сакам да пробам што повеќе, можам да кажам дека тоа е еден од моите каприци. За мене задоволството има многу поголема вредност од парата и доколку нешто може да ме направи среќен, често не размислувам за цената.
ММ: Преферирате здрава храна или..? Сакате кулинарски специјалитети, од каде? Чии?
Р. Х.:Преферирам секаква храна, гурман сум и сакам да пробам сѐ. Сакам разновидни, добри јадења. Често готвам и дома.
ММ: Како се справувате со манипулаторите? Факт е дека знаат да извадат од кожа. Има доста. Сепак, треба да се работи, да се комуницира.
Р. Х.:За некој да има простор да манипулира со тебе, секако дека треба да има прилика. Обично се пазам доста и многу сумточен во тоа што го очекувам назад. Не ги оставам работите недокажани и секогаш на крајот на разговорот прашувам дали тоа е сѐ што сме се договориле.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Рилинд Хоџа