Лаф-муабет со Сашо Димоски: Џентлменството стана потрошена именка бидејќи често се сведува на фасада
Резимето на триесет и шестгодишниот Сашо Димоски е толку
впечетливо што делува збунувачки (во добра смисла), меѓу другото и заради
неговата обемност, дури на шеснаесет страници. Затоа и предизвикува внимание. Креативниот
сензибилитет не може да му се оспори, како ни талентот за пишување, вклучувајќи
ја и неговата литероманија. Во театарот се чувствува како дома, најубаво. Таму
го минува поголемиот дел од времето, а драматизацијата на текстовите го
исполнува стопроцентно. Важи за воркохоличар, но и како љубител на патувањата,
на „слаткоста“ кога се работи за сетилното уживање... Можеби затоа и Фиренца ја
смета за своја. Интересен човек, нема што. Пред сѐ поради неговите становишта
кои дефинитивно се занимливи.
ММ: Имате навистина импресивно резиме. Театарската уметност Ви е фах. Што Ве привлече најмногу, кога? И дали сцената е всушност местото каде што се чувствувате најубаво, најпријатно.., имајќи ја предвид Вашата театрографија?
- Денот е среда, датумот -10 август. Годината е 2008. Имам 22 години и од пред некој месец сум дипломец на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет Блаже Конески. Во родниот Охрид, на сцената на Античкиот театар, во рамките на тогашното 48 Охридско лето, гостува претставата Калигула, копродукција меѓу GDK Gavella, Pandur.Theaters, Grad Teatar Budva, Kazalište Ulysses, Охридско лето и Mittelfest. Режисер на претставата е магот Томаж Пандур, насловната улога е на Ливио Бадурина. По завршувањето на претставата бев сигурен дека мојата страст е театарот, а љубов - книжевноста и токму во оваа смисла се чувствувам најубаво на местото кај што ми се среќаваат страста и љубовта - во драмскиот текст и неговите потенцијали, средба во која го наоѓам сопствениот идентитет.
ММ: Неоспорна е Вашата огромна литероманија (страст за пишување), вклучително и креативниот дух. Но, како ќе го претставите, опишете Вашиот стил на пишување? Дали е приемчив за широката читачка публика? И можете ли да го споредите, чиј стил е најблиску до Вашиот?
- Пишувањето за сцена во голема мера се разликува од пишувањето проза (следна разлика прави поезијата, следна хибридните жанрови...) и во оваа смисла - прозната стилистика многу се разликува од особеностите на драмскиот дискурс и тоа во ракописот на секој професионален писател. Едноставно - намената им е различна. За пишување драма, односно за пишување кој било текст наменет за изведба, потребно е да се совлада занает, technè,нешто што се учи, со цел да се создаде оригинален начин на мислење. Својот ракопис го структурирам преку слики кои се поврзуваат во тангенти, без разлика на тоа дали се однесуваат на дејството, на драмската напнатост која треба да се случи на сцената, или на потенцијалот за драма (или тип пејсаж) на прозната слика. Што се однесува до личниот стил во авторството, моите дела се стилистички и жарновски разнородни, со што се однесуваат на разнородна публика и секогаш се трудам да тежнеам кон оригиналност, автентичност, кон новост за публиката. Во мојот систем, автентичноста е многу важна именка.
ММ: Околу издаваштвото, последните години се чини дека го преокупираа литераторите, па и денес. Почна да објавува секој, сенешто, а нивниот прозаизам иритира. Постојат ли мерила, критериуми? Од друга страна, кој македонски автор го читате со задоволство? Дали сте помислиле на драматизација кога се работи за неговите книги?
- Речиси сум сигурен во тоа дека бројот на луѓето кои се занимаваат со пишување го надминува бројот на читателите во Македонија. Секако, меѓу првите има и сериозни писатели. Страдаме од хиперпродукција во секоја смисла и за сметка на тоа имаме недостаток од сериозен влог во вистинските потенцијали, а само на таков начин квалитетот може да излезе на површина. Пред да зборуваме за тоа што и како го одредува уметничкиот/книжевен квалитет, како и за тоа што и како треба да се продуцира, со каква стратегија, кои се тие стратегеми, нам ни е неопходна национална стратегија за читање - колку да сфатиме како се читаат книгите и што навистина има во нив што е толку важно и ги издигнува до ниво на уметност, што е тоа кое го препознаваме како такво. Голем број македонски автори читам со задоволство и им се навраќам, а што се однесува до драматизацијата - ми се чини дека на контекстот му е податлив (сега повеќе од кога било!) романот Тврдоглави од Славко Јаневски.
ММ: Што Ве мотивира за Вашето непрестајно движење во нагорна линија, за Вашето надградување? Освен што магистриравте, во 2019-тата се здобивте и со академски степен - доктор. Тука се гледате во блиска иднина? Можеби надвор?
- Потребата од поместување на сопствените граници, од проширување на себството, од раснење, потребата од искуство повеќе со цел знаење повеќе. Фасцинантна, па дури и страшна е количината знаење која ни е достапна. Провоцира. Себеси секогаш се гледам онаму кај што можам да бидам исполнет, но и онаму каде што можам да раснам. Средините и односите кои не ми го овозможуваат тоа ги напуштам.
ММ: Важите за воркохоличар. На што се должи Вашата несовладлива потреба да работите непрестајно? Како изгледа еден Ваш ден, работен? Кога се опуштате и како?
- Денот го започнувам рано, а легнувам доцна. Функционирам со малку сон, биоритамот ми е адаптиран на обврските, а обврските ми се задоволство. Ја имам привилегијата да го работам она што ме одредува. Најчесто се опуштам во кругот на семејството и пријателите кои ми се апсолутна поддршка во животот.
ММ: Често патувате, некогаш и работните обврски Ви наложуваат, претходно и едукацијата. Која земја Ви е омилена, каде се чувствувате најпријатно, најубаво? А, град? Што Ви се допаѓа во него? Стилот на живеење или можеби надворешниот лик?
- Човек кој не патува не може да стигне до себеси. Патувањата ни служат за откривања - човек да се открие себеси преку нови искуства, нови средини, нови луѓе. Или преку една парафраза на Неруда - умира оној кој не патува, кој не чита, кој не слуша музика, кој не наоѓа задоволство во себеси. Од сите градови во кои сум бил - Фиренца ја препознавам како „свој град“. Живиот музеј распослан низ градот со сета своја историја, уметност, култура и цивилизациски придобивки кои во него се случиле, најверојатно на секој уметник му даваат чувство на припадност, чувство на дом, па дури и на идентитет.
ММ: Италијанците претпочитаат долче вита. Вашите престои во Италија Ви овозможија да го „вкусите“, па... Што сѐ подразбира слаткиот живот? Хедонизмот е дел од него, сигурно. Што Ви е густ?
- За концептот долче вита можам да зборувам само преку сопственото доживување на „слаткоста“ - за мене тоа е сето она кое ми ги буди сетилата и ми дозволува да уживам во и со светот кој ме опкружува.
ММ: Кога се работи за стилот на облекување, преовладува мислењето дека е одраз на личноста, резултат на моменталното расположение итн. Како размислувате Вие, каков е Вашиот стил? Што преферирате да носите, кои бои? Според фотографиите, црната е доминантна. Има некоја симболика или..?
- Стилот ми се менуваше низ годините во насока на поедноставување. Денес најчесто носам црна боја во едноставни кроеви. Важно ми е да бидам комотен и свој во тоа што го носам.
ММ: Согласно гардеробата, особено важно е и држење, и однесувањето. Всушност, манирите ја комплетираат сликата, влијаат на севкупниот имиџ. Дали се доживувате како џентлмен? Кој е всушност џентлмен? Опишете го накратко.
- Џентлменството стана потрошена именка бидејќи често се сведува на фасада, а не на суштина. За да се биде џентлмен потребно е многу повеќе од гардероба, држење, манири или однесување. Сметам дека сето тоа почива на воспитувањето кое потекнува од дома и на начинот на кој човек се воспитува себеси во светот во кој живее.
ММ: На крај, изминатиот период зачестија конфронтациите во тетарите, културно-информативните центри, меѓу директорите и вработените. Обвинувањата се заемни, а неретко се присутни во јавноста, на Фејсбук на пример. Според Вас, каде лежи проблемот? Дали е политички, односно разнопартиски? Може ли да се избегне?
- Театарот им припаѓа на театарџиите, ниту на политичките, ниту на разнопартиските табори. И тука доаѓаме до едно прашање: што навистина стои зад таа именка - театарџија. Сметам дека, како и многу други именки, така и оваа, во нашиот контекст се износува. Потребен ни е нов пристап кон театарот со цел да го спасиме, ако тоа е воопшто возможно, од неговото музејско импостирање. Театарот мора да се менува за да остане жив, целата негова историја се сведува на 2.500 години од промени во средствата и начините на подражавање на искуството. Мораме да ги следиме промените и да бидеме дел од нив ако сакаме да направиме нешто и да престанеме да бидеме „фејсбук-култура/нација“. Македонскиот театар во мигов е сведен на фабрикување претстави со разнороден квалитет и најчесто краток живот. Пандемијата се покажа во голема мера и како алиби. Мораме да понудиме нова оптика, нов пристап кон продукцијата на театарската уметност, а до тоа се стигнува со вмрежување на автентични индивидуалци без кои колективното дело/чин/претстава е невозможно. Потребни ни се радикални промени во застарениот модел во кој го живееме, долго и мачно, распаѓањето на театарскиот систем наследен од поранешната заедничка држава. Мораме сами да го направиме исчекорот кој ни е повеќе од неопходен. За тоа се потребни радикални одлуки за кои сметам дека нема ниту волја, ниту желба, ниту перспектива да се случат. Конформизмот е канцероген.
Блиц прашања
ММ: А пропо Вашите фотографии на Инстаграм, имате омилено вино? Црвено или бело? Можеби розе?
- Не пијам алкохол.
ММ: (Хм!) Шиете по мера или преферирате конфекција? Според Вас, кој е најдобриот моден креатор во Македонија? Носите ли негова облека?
- Купувам и конфекција и шијам по мера. Македонија има мноштво одлични дизајнери, голем дел од нив мои лични пријатели. Со задоволство ги носам нивните парчиња.
ММ: Меѓу парфемите, дали постои некој што сте го купиле повеќепати? Можете ли да се присетите на првото ливанто, брендирано?
Dior-овиот Fahrenheit, парфем на татко ми, е мојот прв парфем. На брендот му останав верен користејќи го долго време L`Homme. Последните години користам неколку парфеми од линијата Private blendна Tom Ford.
ММ: На што Ви асоцира луксузот? Можеби на живот или..?
- Именка со повеќе негативни отколку позитивни одредници имајќи го предвид образот на светот во кој живееме.
ММ: Која е Вашата тера инкогнита? Немате познавање од... Која област?
- Многу области не ми се познати во мера во која посакувам да ми бидат.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Сашо Димоски