Лаф-муабет со Виктор Јакимовски: Џентлменството повеќе е во манирите и карактерот отколку во стилот
Во денешно време, кога е интересот на државата и граѓаните во прашање,
соработката меѓу партиите е невозможна, препукувањата и компромитирањата се
доминантни, но затоа, кога се работи за личниот, сѐ функционира во духот на
заедништвото. Платформата чиешто име асоцира на нешто божествено (пантеон) е
основана и со цел градење на кооперација меѓу политичките странки, невладиниот
и бизнис секторот, меѓу другото. Имено, функцијата ѝ е поширока, стремејќи се
кон унапредување на државата. Нејзин соосновач, извршен директор е Виктор Јакимовски, магистранд на
Правниот факултет „Јустинијан Први“, со кого разговаравме и на други теми,
согласно рубриката - за џентлменството и т.н. џентлменска спогодба меѓу
политичарите, која е работа на моралот и честа, за хедонизмот и патувањата, за
Барса и Роналдињо, за начинот, стилот на облекување..., а сосема неизбежно беше
и прашањето за енергетската криза во најава - кои се виновниците за истата, односно
причините за незнаењето да се справат со неа. И да, сатирите на Јувенал небаре
се измислени за реалноста на македонската политика, како на пример стихот „сик
воло, сик јубео“ (така сакам, така заповедам).
ММ:На почетокот на муабетот, ќе ни кажете ли со каква цел е основана платформата „Пантеон“ каде што сте извршен директор? На кој начин функционира? Можете да ни доловите? Искрено, ме заинтригира со нејзиното име - пантеон асоцира на нешто божествено.
В. Ј.: Пантеон е платформа за стратешка соработка меѓу политичките партии, бизнис заедницата и граѓанскиот сектор. Таа, преку различни програми во неколку клучни области, има за цел да придонесе во процесот на градењето на здрави и демократски институции, промоција на политики и добри практики, работа со лидерите на новото време, како и помош и логистика во претприемништвото и стимулирање на иновациите. Токму затоа нашиот тим е составен од млади и амбициозни луѓе кои делат иста визија и кои сакаат да помогнат во унапредувањето на нашата држава. До крајот на првиот квартал од следната година, нашиот примарен фокус ќе биде финализирање на неколкуте предвидени проекти за помош на одредени општини преку обезбедување на финансиски средства од странски донатори.
ММ: Тука се наметнува и прашањето за односот меѓу партиите во Македонија - на какво ниво е? Препукувањата, компромитирањата се доминантни, нема соработка кога е интересот на државата, граѓаните во прашање, само кога се работи за личниот. Истото важи и за соработувањето со невладиниот, бизнис секторот. Што мислите, дали со вакво општење ѝ се пишува добро на земјата? Некогаш е потребна и џентлменска спогодба, што е работа на моралот и честа.
В. Ј.: Секако, целосно се согласувам со ова што го кажавте. Неопходно е најголемите политички субјекти да имаат добра и здрава комуникација и јавно и позади „јавниот циркус за гласови“ бидејќи доколку сакаме државата да продолжи да се развива, неопходно е процесите да течат. Може да се забележи дека по одредени, можеби не толку клучни прашања постоеше одреден, сакате наречете го џентламенски, сакате наречето го премолчен договор меѓу двете најголеми политички партии во времето на Бранко Црвенковски и Никола Груевски, но и тоа не беше идеално, но да речеме дека беше нешто. За разлика оттогаш, во последните 7-8 години постои тензичен и напати комичен однос, како и дебата која е сведена на тоа кој колку украл, а вистинските теми и проблеми се ставаат во втор план.
ММ: Лично се фокусирате и на геополитиката и на меѓународните односи, безбедноста. Постојано се соочуваме со некаквиси условувања, уценувања. Гледате излез од ситуацијава? Вашите досегашни анализи што покажуваат? Географската положба на Македонија е значајна - централна на Балканот. Сѐ може да биде поинаку, т.е. подобро, поубаво. Каде е проблемот, во што?
В. Ј.: Видете, добро споменавте, ние географски сме во центарот на Балканот, на раскрсница и најголемите проблеми што ни се случиле и ни се случуваат се токму поради тоа. Условувањата и уценувањата се „нормални“ кога сте мали и кога барате нешто, но на крајот на денот, кога има условувања и уценувања, без притоа да има закана од физичка, т.е. воена опасност, тука се покажува вашата дипломатска умешност и способноста да постигнете договор. За жал, доколку ги анализираме овие 30 години како независна држава, јас не можам да кажам дека покажавме дипломатски капацитет во полна смисла. Единствена надеж или, како што велите, „излез“ од ситуацијта, но и за иднината, ни е ако успееме да ги надминеме внатрешните поделби и да се договориме за клучните национални прашања и градење на општество базирано на „мерит“. Сѐ додека не го направиме ова, нема да ни бидат потребни надворешни непријатели, доволно зло ќе си бидеме самите на себеси.
ММ: Со што Ве заинтригира толку за политиката да стане Ваш фах, специјалност, поле на дејност? Интересот за музиката во средната школа Ви спласна или проработи Вашето рацио? Бевте диџеј? Му се навраќате понекогаш, на пример во друштво, за свое задоволство?
В. Ј.: Да, дефинитивно бев луд по музика во средно и едно време навистина мислев дека по него ќе продолжам на музичка продукција. Сепак, летото пред самиот почеток на четврта година во гимназија навистина ми беше бурно, во позитивна смисла, можеби и едно од најубавите досега во мојот живот, но исто така, кон крајот на тоа лето сфатив дека сепак тоа не ме исполнува целосно и дека сакам да направам нешто повеќе во својот живот, како и за општеството во кое живеам. Веќе почнав да звучам како политичар, но верувајте, навистина го имав тој „аха-момент“. Во тој период уште не знаев дека сакам политика и дали би се занимавал со неа. По неколку месеци размислување, всушност приметив дека отсекогаш сум сакал и сум бил многу добар во историја, филозофија и географија, а исто така, уште од свои 13-14 години, активно следев вести, особено политички, нешто за што моите родители, кои патем презираат политика, ми рекле дека сум „чуден“. И така некако одлучив да се запишам на политички студии. Инаку, да, на приватни забави со друштво знам да понесам опрема и на одредено време да ја преземам музиката.
ММ: Со убавата музика се врзува и убавиот ручек на пример, убавото вино. Дали сте гурман? Што Ви е највкусно, кое јадење? Знаете да го приготвувате сами? Ќе ни ја откриете ли Вашата омилена комбинација, мераклиска?
В. Ј.: За себе дефинитивно можам да кажам дека сум гурман и мислам дека вистински гурман не може да издвои едно јадење како највкусно. Едноставно, секое јадење е како приказна, уникатна на свој начин. Омилени кујни ми се италијанската и домашната (балканската). Знам да готвам и сакам да експериментирам во кујна. Можам да кажам дека најчесто готвам некој вид паста, некое парче месо или бургер и риба.
ММ: А, душевната, духовната храна? Во последно време како да не се внимава на душевниот, духовниот живот - се согласувате со мене? Дали се доживувате себеси како идеалист? Што Ве инспирира, кои вредности?
В. Ј.: Се согласувам. Социјалните медиуми најмногу, но и самото време во кое живееме, влијаат на тоа сѐ повеќе луѓе да гледаат на светот и на останатите луѓе низ материјална призма, а сѐ помалку низ духовна - кога ќе кажам духовна, не мислам само на духовноста во религиозна смисла, туку и општо. За мене и оддалечувањето на луѓето од природата на еден начин претставува оддалечување од духовноста или недостаток на истата. За себе уште не можам да кажам што сум повеќе, дали идеалист или реалист. Веројатно малку повеќе сум идеалист.
ММ: И патувањата влијаат на духовниот развој, душевноста. Ме интересира, како ги бирате дестинациите за краткотрајна посета или за летување, зимување? Од која сте воодушевени? А, разочарани?
В. Ј.: Дестинациите ги бирам во зависност од тоа што е карактеристично и што нуди духот на секој град, дали тоа ќе биде добра забава, култура, историја, авантура итн. Досега не можам да кажам дека некоја дестинација ме разочарала, но можам да кажам дека сум имал високи, нереални очекувања од Милано и Букурешт, додека пак сум имал мали очекувања од Опатија и Брно, а ме изненадиле многу позитивно.
ММ: Како страстен навивач на ФК Барселона, имате желба да присуствувате на утакмица во каталонската метропола, каде било? Или можеби сте присуствувале? Со што Ве воодушеви Роналдињо за да ја засакате Барса?
В. Ј.: Роналдињо беше фудбалер чии дриблинзи, потези, слободни удари и голови беа многу атрактивни, вистинска магија. Неговата игра изгледаше толку природно што навистина беше невозможно да не го засакате и него и Барселона од тоа време. Инаку, веќе сум следел утакмица на Барселона на Камп Ноу.
ММ: Кога е начинот, стилот на облекување, каков е Вашиот? Битен е вкусот, марката или..? Според Вас, што е класика во модата - нешто што ѝ пркоси на тенденцијата, секогаш? Можеби некој аксесоар? И сето тоа надополнето со убав парфем. Кој, на пример?
В. Ј.: Кога се работи за класика во модата, мислам дека ништо не може да ги надмине црното, сивото и светлосиното одело во комбинација со бела кошула и добар часовник - тука никогаш нема грешка. Кога сме кај стилот, сметам дека правилната комбинација на гардеробата и правилната комбинација на боите, кои би го одразиле вкусот на една личност, е многу подобра варијанта од носењето на „марка“. Од парфеми би ги издвоил Versace Eros и Givenchy Gentleman.
ММ: И покрај тоа што џентлменството е на цена, погрешната интерпретација не го засега никој. Поврзаноста со начинот, стилот на облекување е делумна, парцијална. Што е својствено за џентлмените, всушност? Има такви во политиката?
В. Ј.:Џентлменството повеќе е во манирите и карактерот отколку во стилот. Придржувањето кон договорот, односно држењето до дадениот збор е една од фундаменталните џентлменски карактеристики - ако судиме, според ова, дали има џентлмени во политиката, тогаш би рекол дека нив можеме да ги изброиме на прсти.
Блиц прашања
ММ: Кога е музиката во прашање, кои се вистински евергрини? Шундот во последно време надвладува.
В. Ј.: Сѐ зависи до жанрот на музиката, кој се преферира, како и од музичките трендови кои ќе бидат присутни во одредени периоди, но сепак мислам дека попот, рокот, прогресив хаусот, но и општо, ЕДМ хитовите кои се појавија во 1990-тите и 2000-тите останаа актуелни и денес, како за мојата генерација, така и за оние што се и постари и помлади.
ММ: Сѐ повеќе има и шунд-литература. Вие, каква читате обично? Ваша препорака за белетристика... И за филм, секако. Може и серијал.
В. Ј.: Да бидам искрен, во последните 3 години, 99% од книгите што ги прочитав се или стручни/научни или филозофија и историја. Многу ретко читав „полабави“ книги. Кога сакам да се опуштам, многу повеќе претпочитам филм или серија. Од серии би ви ги препорачал Peaky Blinders, House of Cards, Breaking Bad,како серии во кои се внимавало на секој детаљ и имаат одлични приказни, додека пак од филмови би ги издвоил The Godfather иThe Matrix трилогиите и еве, исто така и Fight Club, за кој мислам дека треба да биде задолжителен за секој маж, особено во денешно време.
ММ: Најголема инвестиција во себе, што е за Вас?
В. Ј.: Секоја нова посетена дестинација, секоја нова прочитана книга, секоја нова научена вештина и секое ново пријателство се четирите најважни инвестиции кои човек може да ги направи за себе.
ММ: Сик воло, сик јубео - така сакам, така заповедам е стих од сатирите на Јувенал. Соодветствува на македонската стварност, негативните појави на политиката?
В. Ј.: Секаде каде што една личност ќе биде ставена во позиција на моќ и ќе може да одлучува арбитрарно, оваа фраза секогаш ќе биде актуелна. Особено кога нескротено его ќе дојде во комбинација со одредена повисока форма на власт. Оттука и претпоставувам дека ви е јасно всушност каква е ралноста во политиката.
ММ: Најавата за енергетската криза Ве плаши? За што најмногу стравувате? Очигледно дека не сме во можност да се справиме со неа.
В. Ј.: Она што моментално се случува на релацијата Брисел - Москва е евидентна трговска војна, без разлика дали европските земји и Русија би сакале тоа да го окарактеризираат како такво или не. Оваа ситуација е одраз на кратковидоста на многу европски политичари со која гледаа на „крајот на историјата“ (менталитетот) и кои мислеа дека 21-от ќе биде век во кој светоста на профитот ќе ги стави геополитиката и надворешно-политичките интереси на земјите во втор план, но се излажаа. Ние, како мала земја, единствено што можевме да направиме за да не настрадаме беше правовремено да предвидиме во која насока ќе се движат процесите и во однос на тоа да реагираме, но кога некомпетентни лица се наоѓаат на некои од клучните позиции во државните институции, тогаш ќе имаме криза.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Виктор Јакимовски