Мажи vs. жени: Те сакам, ама игра Македонија
Кога Македонија игра на некое натпреварување, а посебно ракомет, мажот е „на дијазепами“, а жената не дека не гледа, само фокусот можеби и не и е пред тв. Токму сега е светското првенство во ракомет што се игра во Египет, а нашата репрезентација веќе започна со борбата... Како „се справуваат“ со емоциите Божидар Божиновски ака Моџо и Ана Бунтеска?
Моџо Килингтон
Ах, светско во ракомет. Пиво, дијазепами, влашка магија, нервоза и радост, тахикардија, пцуење и експертски анализи дур седиш на двосед пред телевизор. И нормално, телефон на сајлент. И тензии на теренот на љубовта, кај шо треба да се снаоѓаш ко Кире Лазаров на светско. „Кај си?“, „Зошто не ми врати за четири секунди дали да ги нарачам карираните постелнини со зелено или со светло зелено“, „А ти ме сакаш уште?“. Те сакам ама игра Македонија!
Ова ми е твојот емотивен ПМС кога ти идат солзи на рекламата за Мерси со возот, ова ми е твојот нервозен ПМС кога те нервира зошто сонцето е жолто. Ова ми е вентил каде можам да исфрлам сѐ што ми се собирало кон парче техника шо го составувале Кинези негде за плата под долар. Да излезе нервозата кон шупакот шеф, кон општеството, кон колегата шо ти клава срциња на слики (нема да му го свиткам вратот ко шо реков, не ми се оди в затвор). Ова ми е емотивен ролеркостер. А нашите знаат да го возат Бога ми.
Те сакам, седни гледај со мене. Да нашите се во жолто или црвено. Аха со рака се игра, не е пенал пошто е ракомет. Да, дебел е ама стварно добро игра. ГОООООООООЛ! Извини шо те уплашив. Ќе помине за пола сат после или ќе ме тешиш или ќе сум радосен. Игра Македонија ама те сакам ако се осеќаш запоставено. Светското врви, љубота не. Сфати ме. ГОЛЛЛЛЛЛЛ!
Ана БунтескаСамо изговори за пиење апој и бегање од романтика! (Ова ти е за тоа дека сме демек pain in the ass кога гледате спорт). Инаку, спорт ме интересира колку ланскиот снег, нооооо, знам некогаш со татко ми од ќеф да изиграм спортска (да, дури и фаќаме) колку да му е интересно да гледа утакмици. Од спорт ми е важно партнерот да не ми е ептен забеган, односно да не треба да се однесувам ко да не постојам оти Реал ќе играл со Барса. Во превод, тоа е како информацијата за вас мажите дека има попуст (една моја другарка го вика понижење) во Зара. Искрено, ќефој сум за ракометот, ама не сум сигурна дека ќе гледам, оти многу емотивно ги доживувам тие еуфории. Ми текнува на една утакмица која во живо ја гледав во Италија, во Рим кај што почнав да рикам од плачење ко магарица кога цел стадион ечеше од бодрење и пеење. Друга приказна е што барав на фудбалски натпревар и не е тема на денешниов муабет! (односно никогаш)
Верувале или не, не сме 24/7 желни за внимание. Вашето гледање спорт е како нашето читање, гледање серија, па дури и некое лигаво романтично филмче на кое ќе може да се измрсулавиме со изговор дека е до филмот. Единствената добра работа во врска со пандемискиве рестрикции е што нема веќе собиранки по дома кога има битни спортски настани. Да се разбереме, секако растурате...ама кога игра Македонија, тогаш сте неподносливи. Нормална спортска еуфорија, помножена по 100. Неконтролирани движења, па тоа флеки од пијачките на тросед, ѕид, тепихот да го истресеш гарант полни 2 кесички од смоки.
И сето тоа се знае кој го чисти! А го нема Кире Лазаров да помогне...и ај него шо го нема, пошто (како што би рекол ти) РЕАЛНО нема што он да чисти по туѓи куќи, туку и вие нешто не сте баш орни да си го зачистите нередот зад вас.
Затоа, еве компромис...нашиот молк за време на ракометот, во замена за вашиот молк кога сме зад воланот. Deal?