Метамодернистички манифест во пет дневнички точки
Известување на Владимир Лукаш до Мобилна галерија на ЦСУ
Концептот е едноставен: влегувам во галерија со материјали за цртање и сликање и почнувам: 5 дена по 8 часа дневно. Отворањето на изложбата е шестиот ден, собирањето – осмиот. Инспирација? Уф. Да речеме дека сакам да се изненадам; да речеме дека сакам да се соочам tet-ə-ˈtet со дедлајнот и да видиме кој ќе победи; да речеме дека баш ми е гајле за тајновитоста на процесот на создавање и така натаму. Значи: галеријата 5 дена ќе глуми ателје во кое ќе се создава изложба и кој сака, кога сака и како сака, може да дојде, да гледа, да учествува, да разговара, да пие пиво или што и да е, да мрчи, да се радува, да пее, танцува, фотографира, да кова заговори, да готви и така натаму. Концептот е едноставен: влегувам во галерија со материјали за иатаканатамштини и почнувам. Што почнувам? Не знам. Не ме интересира се’ додека не почнам. Како може да не ме интересира? Како така изложба без јасен концепт и порака? Какви се овие дедлајнерски ѓурултии? Уметниците си ја сфаќаат работата многу сериозно, не како тебе, односно, како мене... Како и да е, ќе седнам да цртам/сликам/штоидае и сето тоа ќе биде јавно. Ова е, всушност, надоврзување на една моја изложба од пред седум години којашто ја нареков „Цртежи што никогаш нема да ги изложам“: ѕидовите на галеријата беа празни, на една маса беа поставени околу 300 цртежи и публиката ја создаваше изложбата по принцип направи сам. Освен „закачи на ѕид што ти душа сака“, немав никаква контрола врз процесот на поставување на изложбата - на голема жалост на кураторките Нита и Марија. И така. Концептот е, значи, едноставен: влегувам и работам. По 8 часа на ден. Од четврток до понеделник. Изложбата е во вторник и во среда. Во четврток – катанец. За време на тие 5 создавачки дена, Дарин Ангеловски, дотеран во костум на многу сериозен теоретичар, ќе пишува метамодернистички манифест што ќе глуми кураторски текст. Штом прифати да учествува во процесот, сигурно е дедлајнер. Крајнорокџија. Петдодванаесеетолог. Да живее прокрастинацијата! Да живее!
Фото: Архива на проект/Дарин Ангеловски
20.10.2022 г.
Концептот е едноставен: влегувам во галерија со материјали за иатаканатамштини и почнувам.
Најновиот авторски потфат на Владимир Лукаш Hello, Deadline, my old friend I’ve come to talk with you again (2022) се случува седум години по претставувањето на Цртежи што никогаш не би ги изложил (2015) и четири години по настанувањето на Скицерајките (2018). Тој е изведен како комбинација на цртачките и сликарски техники маркер, коректор, акрилна боја и маслени пастели на хартија и е осмислен во духот на изненадувањето кое ги испитува можностите што ги нуди промената на форматот, колоритот и презентацијата. Навраќањето кон богатата палета на бои, склоноста кон детаљот, промената на форматот заедно со експериментирањето при изложувањето, упатуваат на примена на низа изразни новини кои дискретно го менуваат јазикот на досегашната ликовност на Лукаш: неговиот препознатлив нестандарден формат сега е разраснат до размерите на монументалниот визуелен израз; цртачката техника како да посегнува кон сликарската; фигурацијата иако е доследна на раскажувањето, таа овој пат повеќе е врзана со идејата за алегориско-симболичката нарација, одошто со елементите на зборовната графичкост што се својствени за неговите претходни изведби во монохроматскиот цртачки код, каков што е, на пр., циклусот Ликови од романот што никогаш нема го напишам. Сето тоа упатува на едно специфично организирање на светот на омилената тема на авторот: Човекот и неговата речиси лирска драма. Поставена и согледувана во контекстот на метамодернистичката парадигма, оваа опсесија во рамките на проектот Hello, Deadline, my old friend I’ve come to talk with you again почнува да се развива како авторска реплика на продолжените кризи: (пост)модернистички, (пост) транзициски, интегративни, епистемолошки, идеолошки, финансиски, безбедносни, еколошки, епидемиолошки, итн.
23.10.2022 г.
Ролни бела хартија на подот, тркалца креп трака, до нив во ќошот неколку четки стојат брцнати во тегличка со боја. Лукаш го одмотува првиот триптих. Поставувањето на човекот во симболичкиот сликовен говор наново прашува дали, во која мера и како ликовното како визуелен наратив интерферира со книжевниот наратив т.е. со расказноста. Овие замислувања над темите од областа на специјализираните семиотики се присутни во неговиот речиси целокупен опус. Нивното внимателно проследување се открива како заемна релација меѓу музиката и расказот (Радишански прелудиуми, Темплум, 2017), друг пат како релација којашто ликовното мислење ја воспоставува со расказноста (Микромонографија на отпадниците од светот на анимираниот филм, Флип Бук, 2022). Но, во Hello, Deadline, my old friend I’ve come to talk with you again елементите на деконструкција, иронија, релативизам, нихилизам и отпорот кон големите наративи својствени за постмодернистичкиот круг на продукција и рецепција на смисла ја наоѓа својата придружба во нивниот огледален антоним, попримајќи со тоа универзализирачко и осовременувачко значење. Ваквото соочување и здружување на идејните со изразните средства се раствора во метафоричноста својствена за секое дело: како антитеза на енергија и аналогија, премостувајќи го поимањето од род во вид и обратно, со намера да се размрда веќе востановеното сфаќање на стварноста, пред сѐ етички, а потоа и уметнички.
Мапирајќи сличности во различните појавности, премостувањето, односно, метафоричноста во изразот на Лукаш се реализира како изненадување, зачудување, замислување и осмислување во сферата на добро составената енигма. Една од сигурните водилки низ огласувањата на овој примален, буен, значенски богат и речиси тотемистички осмислен ликовен свет на Hello, Deadline, my old friend I’ve come to talk with you again, меѓу другото, е именувањето на делата (наслови-раскази, наслови-нотни записи, наслови-музика, визуелни наслови) што како постапка на давање толковна насока воспоставува дијалектички возбудливи дијалози. Се работи за нова примена на едно класично-естетичко начело, кое можеби е, а можеби и не е сосема освестено, но кое во духот на метамодернистичката постапка ја реинкарнира идејата според која уметничкото дело „треба да се изведува од нешто што е убаво [и] по звук, [и] по значење, [и] по изглед или е убаво [и] за некое друго сетило (Аристотел. Поетика 1405 б 13). Исполнувајќи ги со содржина дури и најзабаталените структури на изразноста што се скамениле низ времето, Лукаш создава своевиден парадокс кој е мошне близок на Еротовата дуална природа и самата антитетички вечно заглавена меѓу копнежливата природа на прекумерноста и недостигот. Оттука толкувањето на неговото дело се одмотува по непредвидливите траектории на скоро сите духовни рамништа: етички и естетички, научни и философски, критички и есеистички, или како во случајов – дневнички.
25.10.2022 г.
Какви се овие дедлајнерски метамодернистички ѓурултии?
Фото: Архива на проект/Жарко Иванов
Отпорот кон салонското презентирање на уметноста е перформативно вграден во делото на Лукаш. Овој пат галерискиот простор станува привремено ателје и обратно, ателјето станува галерија – своевиден хронотоп во кој интимната игра на процесот на создавање е изложена пред нејзината хронотопична другост – окото на општата, јавна, колективна љубопитност. Резултатот предлага прагматичен романтизам ослободен од задршките на идеолошките усидрувања. Состојба која може да се опише (или дефинира) како нешто помеѓу иронија и искреност, наивност и упатеност, релативизација и вистина, оптимизам и сомнеж. Една сосема нова метамодернистичка ориентација која ита кон плуралноста на недофатливите и неспоиливи хоризонти и чиешто начело повикува да се тргне и да се осцилира врз пресеците на овие крајности. Краткорокџиството го наложува тоа. Притисокот треба да наведе на грешка, грешката да роди смисла, смислата да тежнее кон поетска елеганција, поетската елеганција да трага по вистината. Крајната точка на оваа патека нѐ изведува пред скриената улога/суштина на уметноста да/кога се твори во рокови, т.е. да/кога се истраж(ува)ат дадените ветувања. Понуденото сосредоточување врз сопствениот творечки афект артикулиран како непосредно искуство од осознавањeто на разликата која е свесна за себе станува основен услов и двигател за уметничкото творештво на Лукаш. Во таа смисла Hello Deadline my old friend I’ve come to talk with you again претставува резултат на личното и колективно освестување за ограничувањата што ни ги задава зададената задача. Тоа воедно е и нејзино надминување и ослободување коешто нѐ отвора пред Светот.
27.10.2022 г.
Левитирачот и Накурчениот спремни за отворање
Фото: Владимир Лукаш/Архива на проект
Диптих со наслов: Левитирачот и Накурчениот, еднаш одамна, поодамна од сѐштобилоинебилонапланетава, самотакасистоелеинеброелеовци–отиовцинемало, небркалечавки–отичавкинемало, нежртвувалелуѓе–отилуѓенемало, несемолеленикому - оти ни Бог немало. Тие само така си стоеле, иако Левитирачот баш и не стоел туку левитирал, исто како и Накурчениот – оти немало на што да си стојат. Левитирачот и Накурчениот, еднаш одамна, поодамна од сѐштобилоинебилонапланетава, самотакасибиле и ништо повеќе од тоа.
Автор: Дарин Ангеловски
ПР објава