Милевски: Македонија може да биде конкурентна само ако функционира како тим

Селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски го објави списокот со повикани фудбалери за двата квалификациски натпревари за ЕП 2024 против Италија (9 септември, 20:45 часот, Национална арена „Тодор Проески“) и Малта (12. септември, 20:45 часот, Малта). 

Предводникот на националниот тим ги изнесе своите очекувања од двата натпревари. Посочи дека Македонија ќе се обиде да дојде до позитивни резултати со тимот што го имаме на располагање во моментов, иако се соочуваме со проблеми во составот. Селекторот нагласи дека треба сите комплетно да ја согледаат реалната слика на нашиот фудбал, додавајќи дека ние не сме фудбалска велесила, а високиот пораз од Англија треба сите да не спушти на земја.

Благоја Милевски - селектор на македонската А репрезентација: 

Тројца од списокот нема да бидат со нас, отпаѓа Марјан Радевски, а исто така и Дарко Чурлинов нема да биде во комбинација за настап, како и Ваљон Етеми, кој ја влече истата повреда од минатиот месец. Димитар Митровски и Ахмед Иљазовски добија дебитантски повик во националниот тим и ќе се обидат да ја зголемат конкуренцијата.

Александар Трајковски е во моментов без клуб, но тој е професионалец кого добро го познавам и изрази желба да биде дел од тимот. Физички е подготвен, но за сите играчи ќе направиме проценка околу нивната подготвеност и ќе одлучиме кој колкава минутажа ќе добие на двата натпревари. 

Сакаме да покажеме дека Македонија е конкурентна и покрај проблемите со кои се соочуваме. Ќе го дадеме максимумот, момците ќе бидат подготвени за предизвикот и мислам дека атмосферата во нациналниот тим ќе биде добра и позитивна. Без разлика на резултатите, Македонија заслужува поддршка од трибините и се надевам дека стадионот ќе биде исполнет до последното место“.

„Македонија може да биде добра само ако функционира како тим и наша должност е сите да се ставиме во функција на тимот, само така може да се надеваме на успешни настапи. Факт е дека постојано, освен со Португалија, секогаш ни недостасувале витални играчи, но ростерот е тој, изборот е тој, тоа е реалноста. Не сме фудбалска велесила. Тоа што ни се случи со Англија е можеби и добро, за да се спуштиме на земја и да почнеме од доле, да градиме тимски дух и тим“

Македонија - Италија

Квалификации за ЕП 2024

9. септември, 20:45 часот, Национална арена „Тодор Проески“, Скопје

Влезници од 300 и 500 денари во продажната мрежа на MKTickets