Најголемиот карантин до сега во земјава: Криволак во борба против коронавирусот и најдобро место за изолација
Македонски државјани кои беа заглавени на унгарско-српската граница, а кои доаѓаат од земји со висок ризик од коронависурот како Италија и Австрија, веднаш по пристигнувањето во земјата беа префрлени во карантин во касарната „Пепелиште„ во Криволак. Таму им се обезбедени услови, снабдување со храна, медицинска поддршка за проверка, прегледи, како и соодветно обезбедување. Местото изгледа како да е целосно изолирано, а и е добро познато на македонската армија.
Криволак е армиски полигон за воени вежби во Македонија. Површината на центарот за обука е 22.546 хектари и е еден од најголемите центри за воена обука во Европа.
Лоциран е во централниот дел на земјата, во близина на
градот Неготино и веднаш до главниот автопат на коридорот север-југ
„Пријателство”, а е отворен во 1970 година како дел од воената доктрина на
поранешната Југословенска Народна Армија.
Мисијата на центарот за обука е да се обезбеди поддршка за спроведување на вежбите на припадниците на армијата.
Капацитетите на самиот полигон се погодни за спроведување на различни видови обуки и стрелби, како што е стрелање со повеќе видови оружје, стрелање од авиони, тактички вежби на ниво на баталјон, обука на инженерски единици, обука на специјални единици, работа на контролна точка, обука за конвои, обука за надминување на водни препреки и други видови обука.
Криволак зафаќа голема површина на воглавно неплодно земјиште. Ридови, долини, водни и пустински површини кои се користат за тестирање на вештините и издржливоста на војниците. Воените вежби што се одвиваат таму се честопати комбинација од стрелање со тешка артилерија, воздушно бомбардирање и пешадиски напади. Многу објекти се користат за симулирање на реални воени услови, вклучувајќи и привремени згради и конструкции, возила и други препреки.
До денес, повеќе од 25 мултинационални вежби се изведени во центарот за обука Криволак.
Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска беше во касарната. Таа сподели видео на Фејсбук и напиша дека Пепелиште ќе биде првиот прифатен пункт за нашите граѓани кои се враќаат од држави со висок ризик, во групна изолација.