Најотворено со Едмонд Сотир: Децата треба да растат во „комунизам“ и со полнолетноста да влезат во „демократија“
За глумечкото искуство на Едмонд Сотир е зборувано, т.е. пишувано често и
многу, вклучително и за неговата вештина, исто актерска. Обожавателите, љубителите
на театарот или драмската уметност, како било, не ги пропуштаат неговите,
односно претставите каде што глуми, во Театар Комедија, но и десетината
филмови, се разбира. Овој пат е инаку. Во Машки магазин говори за неговото
детство, животот минат во албанскиот дел на Преспа, комунистичка и транзициска
- не заобиколувајќи, отворено чија претставка е нај. Секако, за време на
интервјуирањето не избегнавме да поразговараме и за периодот на двегодишното
престојување во Германија, животните потези, решенијата кои ги донел за себе по
враќањето, неговата слабост и поддршката, семејството и уште повеќе.
ММ: Едмонд, името е англосаксонско. Ќе ни го кажете значењето? Дали го наследивте од некој Ваш предок? Често е во Мала Преспа од каде што и потекнувате? А, презимето? Ја познавате историјата, колку вековна е лозата, семејната? Ве интересира минатото на семејството, фамилијата, го истражувате?
Е. С.: Да, името е од англосаксонско потекло и станува познато во средината на 9 век, по кралот на Источна Англија - Едмунд, кој го убиле викинзите затоа што одбил да се откаже од христијанството. Значењето на името најчесто е толкувано како „заштитник на просперитетот“ (така прочитав некаде, ха-ха). Во 1980-тите Едмонд беше популарно име во Преспа, а и во цела Албанија, така и го добив, додека моите предци се со традиционални македонски имиња. Презимето потекнува од Егејска Македонија, некаде помеѓу 17 и 18 век, дел од фамилијата се преселува во Украина каде што го задржува презимето Сотир до денес. Се интересирам за потеклото, има многу за истражување.
ММ: Корча е Вашиот роден град, но сепак, израснавте во Леска. Можете да се потсетите, какво беше Вашето детство? Живеевте во услови на комунизам, а општопозната е состојбата во преспанскиот регион и денес, па и тогаш. Албанија во 1980-тите, каква беше? Имаше оскудица? Можеби некакви забрани?
Е. С.: Секогаш кога одам за Леска имам чуство како да се враќам во детството - преубаво чувство. Таму се среќаваме со другарите од детството, убавите спомени. Раното детство беше строго организирано кога станува збор за школото и воспитувањето, имаше тотална демократија надвор од тоа. Ха, денес мислам дека децата треба да растат во „комунизам“ и со полнолетноста да влезат во „демократија“.
Во 1980-тите не знаевме дека нешто ни недостасува, никој немаше ништо повеќе, ништо помалку. Имаше многу забрани, како на пример гледање, слушање странски телевизии, радија.., но уживавме да ги прекршуваме. Понекогаш гледавме ТВ Скопје, но тоа беше друг свет, друга реалност и не се оптоварувавме со тоа.
ММ: Средно училиште во Пустец завршивте, така? Колкава е оддалеченоста меѓу селото каде што израснавте и местото на школувањето? Секој ден патувавте? Како беше? Тогашните услови се подобрија или не, падот на комунистичката власт ги подобри нештата, живејачката и слично?
Е. С.: Општа гимназија завршив во Пустец, 2,5 км оддалечен од Леска. Секој ден пешачевме, од петто одделение до матура. Преминот од комунизам во демократија ни се поклопи со пубертетот и, иако гледавме како светот се превртува наопаку, со другарите Васил (Ваче), Васил (Ване), Павле, Мишко.., наоѓавме причини за постојано да се забавуваме. Јас, на пример, го славев роденденот неколкупати годишно, ха-ха. Со падот на комунизмот се подобрија многу работи, исчезна стравот од системот кој тогаш, поради возраста, и не го разбиравме најдобро - Албанија се подобруваше и развиваше во секој поглед.
ММ: Глумата Ве привлекуваше од мал? Кој влијаеше на одлуката или што, да се запишете во Скопје на ФДУ? Ве подготвуваше ли некој, средношколскиот наставник можеби? Се двоумевте околу местото на студирање? Имавте друга опција?
Е. С.: Како ученик бев дел од сите школски, драмски приредби. По матурата, сите другари се запишаа на факултетите во Корча, многу ми беше криво што никој не сакаше да студира во Скопје. Јас знаев дека ќе студирам во Скопје, само не знаев што. Одлуката да се запишам на ФДУ ја донесов по препорака на мојот постар брат. Кога ме подготвуваа за приемен испит на ФДУ, не ме примија, па се запишав на Филозофскиот факултет - Историја на уметност со археологија, за потоа пак да се вратам на ФДУ. Сега знам дека брат ми не згрешил со препораката.
ММ: Интересно е тоа што заминавте во Германија веднаш по дипломирањето, на гурбет. Каде поконкретно? Имавте замисла, можеби да се опробате како глумец? Што работевте?
Е. С.: Летото 2003 година, по дипломирањето заминав во Хамбург со намера да учам германски јаизк и да работам за да можам да запишам постдипломски студии. Две години периодично работев во Хановер и Дуисбург, најчесто реновирање станови. Фактот што немав редовна работа ме оддалечи од постдипломските студии, така што летото 2005-тата, по телефонски повик од Славиша, со задоволство ја прифатив понудата да играм во Велешкиот театар Џинот.
ММ: По враќањето, како се одвиваше работата во Македонија? Дали сте задоволни од животните потези, решенијата кои ги донесовте тогаш? Како што рековте, прво заработивте во Џинот, а потоа се определивте за Комедија. Зошто трансфериравте?
Е. С.: По враќањето од Германија, поголемиот дел од времето бев ангажиран во Велес, влегувајќи од една претстава во друга. Благодарен на Господ за поддршката од постарите колеги - Кире, Јордан, Ацо, Зорица и другите, Велес ми буди убави чувства. Во Велес останав до 2011 година. Во 2009-тата станав татко и имав потреба што повеќе време да поминувам со фамилијата. Веќе барав трансфер во Скопје кога дознав за отварањето на новиот Театар Комедија кој имаше отворен повик за трансфер на актери.
Така, од 2011 година сум дел од најенергичниот театар, посебно горд што токму јас му го донесов првиот аплауз на Театар Комедија и тоа на отворена сцена, со една мала епизодна улога во првата претстава „Ах, љубов моја“. Животните потези се тие што се, од некои повеќе задоволен од некои помалку, но има уште многу потези пред нас.
ММ: Вашиот курикулум брои десетина филмски, педесетина улоги во театарски претстави. Дали сте доволно ангажирани? Што мислите, дали партизацијата влијае на глумечките ангажмани? Се разбира, ме интересира што мислите и за постојаното менување на директорските мандати, препукувањата меѓу себе итн. За министерските да не зборуваме. Дали Ве фрустрира тоа? Не Ви боктиса?
Е. С.: Би можел и сакам да бидам повеќе ангажиран, а имам и што да понудам. „Лингуризацијата“ е поопасна од партизацијата, а на глумечките ангажмани најмногу влијаат личните врски и односи. Секако дека фрустрираше порано, имаше такви примери.
Но, последните промени најавуваат подобрување и влеваат оптимизам, имаме нова надеж во колективот, веруваме во Дарко. Професионалноста се враќа, се гледа и се чувствува во Театар Комедија.
ММ: Ваквата ситуација нѐ прави уште поодлучни да избегаме оттука. Некаде прочитав дека во план Ви е такво нешто. Вистина е, би заминале? Причината е кариерата? Се гледате надвор како глумец?
Е. С.: Не се сеќавам дека јавно сум изјавил такво нешто, ха-ха!? Моите планови се насочени кон приоритетите за децата. Засега тука сме. Кариера надвор од Македонија може и оттука . Пред неколку дена завршив со снимање на третата сезона од серијалот „Државен службеник“, српска продукција во која играм и јас. Со Господ напред, во план се и други соработки.
ММ: Да се вратиме на сегашните обврски, работните. Кога се работи за фестивалот Македонско културно лето, Вие ја основавте и ја приредувате оваа „смотра на уметноста“. Пред извесно време, мислам дека во 2020-тата упативте отворено писмо како протест до Министерството за култура. Се променија нештата во меѓувреме? Дали годинава е инаку, добивте материјална поддршка?
Е. С.:Фестивалот “Македонско културно лето“ ми е посебна слабост. Годинава славиме јубилеј - 15 години. Уморен сум од докажување, приговарање, објаснување... Никако да ја добиеме заслужената поддршка, иако последните години, покрај македонското, финансиски нѐ поддржува и албанското Министерство за култура. Тука е и „Кромберг и Шуберт“, нашиот највреден спонзор.
ММ: Генерално, државата се грижи перманентно за сонародниците - Македонците во Мала Преспа или само за време на предизборието? Или, пак, ни тогаш? Вашето семејство, фамилијата е таму? Што велат роднините, дали се разочарани? Па и Вие.
Е. С.: Моите родители живеат во Леска, двајцата браќа и сестра ми со фамилиите живеат во странство. Што се однесува до грижата од државата, се грижи колку што може, некогаш повеќе, некогаш помалку, а треба похрабро. Но, и ние како поединци потфрлуваме во грижата кон државата.
ММ: Пред самиот крај, не можеме да не ги споменеме и децата и, се разбира, сопругата. Дали често ги носите во Албанија? Ги запознавате со Вашите корени, местата од Вашето минато, детството и младоста?
Е. С.: Често одиме на викенд, лете остануваме и подолго. Синот не пропушта можност да истакне дека е од Леска. Во таа зафрлена убавина, меѓу сувите ридови на Сува Гора и Иван Планина, покрај езерските води под жешкото сонце, во карпестата почва, растат цврсти корени.
ММ: Во денешно време, кога е изместено буквално сѐ, вклучително и моралните вредности, како ги учите синот и ќерката? Според Вас, можеме ли да ѝ парираме на грубата стварност и како? Мислам дека воспитанието девалвира. Оптимизмот Ве држи? Сепак, реалистичките постапки зборуваат друго.
Е. С.: Воспитувањето на децата е најголемиот приоритет на секој родител. Мислам дека доволно е да ги научиме за животот малку подобро одошто нѐ научиле нас, нашите родители.
ММ: И, на крајот, ќе издвоите филм, театарска претстава чија содржина веродостојно ја отсликува грубата реалност, а истовремено е и своевиден коректив, односно делува корективно? Играте во него/неа?
Е.С.: Претставата „Вардарски пастуви“ отсликува дел, односно социоекономската реалност, а претставата „Железно пиле“ од Благоја Ристески - Платнар, иако сместена во минатото, го отсликува падот на сите вредности, реалноста во која живееме. Играв/играм и во двете.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Едмонд Сотир