Научниците открија дека постои и трета состојба покрај животот и смртта: Имаат план и како да го искористат
Овие наоди сугерираат дека третата состојба помеѓу животот и смртта може да понуди нови можности за иднината на медицината.
Досега општо прифатено е мислењето дека постои јасна поделба меѓу две основни состојби на секој жив организам: живот и смрт. Иако животот е исполнет со различни искуства, смртта секогаш се смета за крајна точка. Сепак, најновото истражување во областа на биологијата сугерира дека би можело да има трета состојба, која би можела да отвори нови хоризонти во синтетичката биологија.
Во една статија објавена во The Conversation, биолозите Питер Нобл и Алекс Пожитков откриваат како развојот на нови повеќеклеточни организми овозможува да се движат надвор од „традиционалните граници на животот и смртта“. Овие научници проучуваат што се случува внатре во организмите по смртта, а фактот дека органите и клетките можат да функционираат и по смртта на организмот, ги поттикна да ги истражат механизмите кои ја овозможуваат оваа функционалност.
Нивното истражување се фокусира на биоботите - организми кои се развиваат од клетките на мртвите организми. Интересно е што овие клетки можат да се трансформираат во повеќеклеточни организми со нови функции и покрај тоа што потекнуваат од мртво ткиво. Овој феномен беше забележан во истражувањето на ембриони од жаби, каде што клетките на кожата на мртвите ембриони станаа познати како ксеноботи и покажаа нови форми на однесување. Овие ксеноботи, на пример, можат да се движат со помош на цилии, влакна кои вообичаено служат за движење на слузта, а не на клетките. Во друга студија, човечките белодробни клетки беа во можност да се реорганизираат во мали повеќеклеточни организми способни за движење и ново однесување.
Има услови според кои можат да преживеат
Научниците заклучија дека постои „вродена пластичност“ во клетките, што значи дека тие би можеле да се преобликуваат за нови функции, без разлика дали доаѓаат од живи или мртви организми. Со оглед на оваа пластичност, теоретски би било можно да се создадат машини или биоботи од клетките на мртвите организми, кои би извршувале сосема нови функции.
Сепак, постојат одредени услови под кои клетките и ткивата можат да преживеат по смртта на организмот. Тие вклучуваат фактори како што се условите на околината, метаболичката активност, техниките на зачувување, како и варијаблите како што се возраста, здравјето, полот и видот на организмот, објаснија Нобл и Пожитков. Ќе бидат потребни дополнителни истражувања за подобро да се разбере како сите овие фактори заедно овозможуваат континуирана функционалност на одредени клетки.
Иако истражувањата се уште се во тек, откривањето на оваа „трета состојба“ би можело значително да ја промени нашата перцепција за клетките и нивната приспособливост. Исто така, нуди можности за развој на нови медицински третмани.
Корисни за лекување?
Примери за примена на оваа теорија би можеле да вклучуваат т.н „антроботи“ – микроорганизми создадени од човечко ткиво, кои би можеле да доставуваат лекови во телото без да предизвикаат имунолошки реакции. Инјектирани во телото, овие машини може да ја отстранат артериската плоча кај пациенти со атеросклероза или да го исчистат вишокот слуз кај оние со цистична фиброза.
Според истражувачите, биоботите кои би се користеле во вакви третмани нема да траат подолго од 60 дена, што би го намалило ризикот од прекумерен раст на инвазивните клетки.
Овие наоди сугерираат дека третата состојба помеѓу животот и смртта може да понуди нови можности за иднината на медицината, како и подлабоко разбирање на приспособливоста на клетките на различни услови.
Foto: unsplash