НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ЕМА ПОПИВОДА

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Рубриката почнува денеска, среда и продолжува, секој трет ден во неделата. Убавите жени, Македонки одговараат на исти прашања. Темата секогаш е занимлива, машко-женските односи.

Тивката, нежна изведба се испреплетува со нејзината убавина, во секој поглед. За Ема Попивода чиј академски степен е доктор се говори со пиетет, без исклучок. И секогаш. Таа е врвна пијанистка. Нејзините концерти се восхитувачки, едноставно ја воодушевуваат публиката која е многубројна, и тука и надвор, во странство. Напоредно работи како професорка во штипската Музичка академија, предава пијано.

И силната љубов и целосната посветеност е очигледна, како што не можат да поминат незабележливо сите нејзини музички проекти. Оттаму и креативниот пристап, и уметничкиот, творечки порив.

Сепак, ќеркичката Вивиен е нејзиниот животен здив, најголема љубов. И сопругот Давор, се разбира. Неговата поддршка е огромна. Всушност, заедно работат на проектите, од идеја до нивна реализација.

СИМУЛТАНКА

ММ: Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

- Сметам дека не постои баш егзактна диференцијација на сите овие атрибути. Тие се поврзани и делуваат заемно. Женската убавина не е само надворешниот изглед, цртите на лицето, телото, туку таа доаѓа и од личноста, самодовербата, духот, енергијата, образованието, знаењето... Наједноставен одговор би бил дека тоа е машката убавина. А неа ја истакнува и шармот, образованието, смислата за хумор, добрината...

ММ: А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

- Комбинацијата од двете е дефинитивниот win-win. Најодбивни атрибути ми се злобата и неинтелигентноста.

ММ: Дека таинственоста е својствена за Вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

- Жената најчесто бара некој што ќе биде нејзина поддршка, некој во кого ќе има доверба и разбирање, што ќе ја почитува и ќе биде еднаков партнер во врската. Се разбира, мора да ја имаат и заедничката „хемија“ или привлечност. Би додала и, да има самодовера, смисла за хумор, емотивно да биде достапен и лојален.

ММ: Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

- Зборот џентлмен во минатото се користел за ранг на човек од одредена социјална класа. Денес го разбираме како човек кој без разлика на социјалниот статус покажува високи манири,  културно однесување, учтивост, што за мене претставува една од најважните карактеристики кај човекот.

ММ: Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

- Одредени манири кои биле бонтон во минатото ми се допаѓаат како отворање на вратата, придржување на палтото, дослушување на соговорникот во разговорот. Не ми се допаѓа разговор со непристоен речник, непристојно јадење (со раце или мацкање), прекинување насред реченица, гледање во телефон додека се разговара.

ММ: За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

- Немам одговор на ова прашање бидејќи не ги познавам лично јавните личности. Познавам џентлмени во моето опкружување меѓу пријателите и, се разбира, мојот сопруг.

ММ: Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

- Не се согласувам, сметам дека може да постои пријателство меѓу маж и жена. Меѓу нив едноставно не постои хемија, но пак имаат многу заедничкиафинитети, си даваат меѓусебна поддршка или имаат пријателтво кое се базира на доверба.

ММ: Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

- Спротивностите се привлекуваат, веројатно така и двајцата партнери се надополнуваат или пак го учат и добиваат тоа што не го поседуваат. Нема рецепт за среќна љубовна врска, но треба да бидат компатибилни и да имаат меѓусебна толеранција.

ММ: Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

- Мислам дека нема одредена формула за среќен брак.Треба да постои толеранција, разбирање, поддршка, но и постојана работа, и на себе и врз заедничкиот живот, со цел да се постигне успешна и стабилна врска или брак.

ММ: И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

- Едниот е столбот, а другиот е моторот - оној што придвижува, независно која улога е на мажот, а која на жената. Во нашето семејтво улогите се менуваат.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Ема Попивода