НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ИВАНА ПАВЛАКОВИЌ

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Привлечноста меѓу другото произлегува и од спојот на убавината, односно надворешниот изглед и, секако, истата која доаѓа однатре. И, тука нема исклучок. Во тоа е всушност и неодоливоста, без сомневање. Факт е дека симпатиите кон македонската жена се темелат на нив, т.е. врз нивната нераскинлива врска. Изборот на жените во рубриката која е резервирана за третиот ден во неделата, на чија убавина не може да ѝ се одолее, не е ни малку случаен, едноставно пленат со неа, како што споменавме - и надворешната и таа однатре, разбирливо.

Ивана Павлаковиќ несомнено е една од нив. За нејзината глума, актерска игра нема да говориме, улогите во петнаесетината театарски претстави (од поновите ќе ги споменеме „Магнолија“ и „Работи за кои не зборуваме“), во десетината филмови (последен ѝ е „Најтешкото нешто“ на Сердар Акар) и во неколкуте телевизиски серијали (меѓу нив и „Преспав“, како специјална гостинка) се потврда за глумечката вештина и талентот на актерката која, инаку, не е вработена, т.е. не е во постојан работен однос. За среќа, верува во себе, своите вредности, но и принципи. Едновремено и ги негува, константно. Исто така верува и во еднаквоста и во правдината, се смета себеси за независна личност која има свест за колективна одговорност. А пропо актерството, секоја улога што ја игра е како Алиса во земјата на чудата. Едноставно така ја чувствува, дека влегува во истата дупка во која „паднала“ и таа и чека да го види светот што ќе се отвори пред неа, каков е тој. Мометална преокупација ѝ е готвењето и навистина ужива во него, исто како и во пливањето. А, емоционално - И. П. е среќно заљубена, што може да се забележи и во симултаното интервју, т.е. во нејзините одговори на некои од прашањата врзани со машко-женските односи, па и друго.

СИМУЛТАНКА

ММ: Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

И. П.: Убавината за мене е збир на повеќе вредности кои подеднакво ги делат припадниците на двата пола. Вистинската убавина произлегува од слободниот дух, здравиот разум, добрината и уникатноста што секој човек ја носи со себе.

ММ: А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

И. П.:Никогаш не сум ги мерела атрибутите на вага на кој било човек бидејќи убавината пред сѐ е доста деликатна и субјективна. Ме интересираат луѓе кои се автентични и имаат свој став, а тоа е баш ретко во денешно време.

ММ: Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

И. П.: Не знам, никогаш не сум барала ниту заштитнички однос од мојот партнер, а камоли самодоверба - мислам дека нема инка со која може некој да ти влее самодоверба, памет или заштита доколку сам не се избориш за нив. Сите луѓе се еднакви и квалитетите кои ги носат во себе наоѓаат лесен начин да се препознаат и да функционираат заедно.

ММ: Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

И. П.: Предимство му давам на нормалното однесување и на културата кај секој човек. А, мачо фигурите за среќа не циркулираат во мојот близок круг. Плус, мислам дека самата моја појава ги одбивала низ годиниве, така што спасена сум од тој вид на умствен терор.

ММ: Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

И. П.: Знам што ми е одбивно - шовинисти, верски фанатици и луѓе кои се оперирани од срам.

ММ: За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

И. П.: Добриот џентлмен не го прават само подместувањето на столчето или купувањето букет за 8 Март. Џентлмен е малце посуштинска категорија во мојата глава и среќна сум што сум растена во фамилија каде што сум имала пример за тоа како се негуваат еднаквоста, солидарноста и емпатијата. А, сега се осеќам комотно да кажам дека токму овие особини ги препознавам кај мојот партнер.

ММ: Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

И. П.: Искрено, се ужаснувам од цитатов, колку и да е Балзак голем автор. А, за жал, сум прочитала и други цитати од големи машки автори кои некако ме „изгубиле“ со сличниот став. Апсолутно е возможно искрено пријателство меѓу маж и жена бидејќи пријателствата според мене се темелат на заеднички интереси и енергија.

ММ: Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

И. П.: Најверојатно кога имаш 15-20 години спротивностите имаат привлечна сила и може да изгледаат симпатично, ама на долг рок тоа може да биде катастрофална опција. За мене е невозможно да се дели интима и воздух со патнер со кој немаш заеднички погледи, хумор и емпатија.

ММ: Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

И. П.: За бракот не можам да зборувам бидејќи сѐ уште не сум дел од таква заедница. Но, за една врска да се одржи здрава е најбитно, пред сѐ, да останеме свои и да не пробуваме да го смениме партнерот затоа што нема полоша работа од големи очекувања, извитоперување на сопственото битие и врска која е „by the book“.

ММ: И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

И. П.: За жал, тоа е дефиниција во нашето патријахално и традиционално општество, која се надевам дека ќе се искорени. Во најголем дел од девојчињата се учат од мали да бидат покорни, послушни, да не креваат глас, да не преземаат големи, крупни ризици во животот... И, тоа за мене е страшно. Во многу ситуации сме сведочеле како жената е, всушност, онаа што ги бутка работите напред со сите сили, а за возврат секогаш била дупло повеќе осудена од машкиот пол.

За нормално да функционираме, потребно е да се искоренат сите рангови кои општеството ги сервирало со сила. Родовата еднаквост ни е повеќе од потребна.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Ивана Павлаковиќ