НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ЈАНА СТОЈАНОВСКА

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Надворешниот изглед на жената или нејзината убавина се разбира дека има допирни точки со истата однатре бидејќи е зависна од неа. Всушност, едната и другата се врзани докрај меѓусебно, а неодоливоста во таков случај е комплетна, без прашален знак. Но, кога се говори за целоста, придавката е неминовна - секако, македонска. И овој пат, како и досега, интервјуто е симултано. Десетте прашања од него ја вдахнаа и глумицата, односно актерката во Драмскиот театар - Јана Стојановска

Нејзиното препознатливо лице, заради необичноста, вклучително и глумечката вештина, е всушност амблемот на жената која несомнено инспирира. Останатото е придобивка. Освен тука, не толку одамна беше ангажирана и во серијалите, босанскиот хумористичен „Конак код Хилмије“ и српскиот криминалистички „Сенки над Балканот“. Во едниот ја игра Даворјанка Пауновиќ, а во другиот - ликот на Јована. Сестраноста ѝ е другото име. Љубовта кон животните ја одвела во ергелето каде што јава коњи од седумгодишна возраст, свири клавир, компонира музика, пишува поезија и креира. Костумите на фотографиите го имаат нејзиниот потпис, за „Фокабо“. А, семејниот живот на Ј. С. го исполнуваат синот Ненад и сопругот Андрија Бојиќ.

СИМУЛТАНКА

ММ: Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

Ј. С.: Женска убавина.., тема на бескрајни дебати, една од најкомерцијалните во блиската историја и сега. За жал, сето тоа некако е отидено во „хондурас“, станато циркус од „најубави жени“, дотерани, сликани - таму или ваму.., жонглираат со својот домашен маркетинг на пазарот за „најубави жени“. Некаде попатно се изгубија реперите за тоа што всушност значи „женската убавина“. Можеме до бескрај да полемизираме за тоа какви очи се поубави, каква коса, какви усни, колку долги нозе.., а можеме и да се потсетиме на некои вредности што, како и во минатото, така и сега, според мене далеку повеќе тежат како атрибути кои придонесуваат за тоа една жена да биде убава. Е, сега, пандан на таа раскошна женска убавина која зрачи со милост, добрина, таленти од различен вид, темперамент - кроток или нескротлив, можноста на грбот да понесе цела планина, да биде прав другар и брат кога треба и умешен и трпелив родител кога треба, која знае како, иако никој не ја учел. Пандан на тоа е само една работа, а тоа е машката умешност да ја направи таа убавина среќна.

ММ: А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

Ј. С.: Ме воодушевуваат мажи кои имаат толку стабилна самодоверба што сфатиле дека не мораат да лажат никого за ништо, кои се доволно будни за да можат да се самоанализираат, учат и надградуваат, кои се свесни за своите квалитети и не се плашат да ја стават на пиедестал жената што ја одбрале да чекори покрај нив. Мажи кои во својот микросвет успеале да се оформат како алфа единка што своите одлуки ги донесува сама и во консултација со својот партнер, а не со другарите, браќата или мама и тато. Мажи кои своите искуства и вредности ќе знаат утре да ги пренесат на своите деца. Мажи со биолошки изградени приоритети што се подготвени да направат сѐ за своето семејство. Не постои нешто во моментов на кое не можам да одолеам.

ММ: Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

Ј. С.: Отсекогаш ме привлекувале луѓе кои се екстремни во тоа што избрале да го прават. Не знам зошто, ми се допаѓа кога луѓето „претеруваат“, кога се детални, посветени, не штедат време и енергија да си ги остварат високите цели што си ги задале, кога тоа што на другите им се чини тешко и напорно, нив всушност ги исполнува. Од физички квалитети, особена почит давам на физички активните мажи, не само заради тоа што изгледаат подобро од неактивните, туку и затоа што кога човек ќе се истроши физички, хормонски е многу постабилен. Во здраво тело - здрав дух.

ММ: Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

Ј. С.: Мачизмот го доживувам како неканализиран гнев кој нашол лошо поле за празнење. Зборував погоре за „физичкото трошење“. Кога човек физички ќе се „потроши“ или кога ќе се „изнаработи“ доволно да биде среќен дека нешто створил, решил, изградил, тој е уморен да се бави со „мачизам“. Напротив, среќен е со себе и нема ни потреба ни време да направи некој друг несреќен, особено некој што му е близок. Мачо фраерите ми се недораснати, недооформени момчиња, никако мажи (без разлика на годините), а женските што ги привлекуваат таквите мажи се всушност женски кои од овие или од оние причини имаат потреба да бидат жртви, сето тоа фино спакувано во пакет од „ама он е див, нескротлив, вистински маж“, што е исто така, според мене, „недозреано“ однесување.

ММ: Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

Ј. С.: Манири се одлика на луѓе што водат лична духовна хигиена. Под манири подразбирам почит кон себе и околината, манирите покажуваат колку поединецот успеал на улица да научи како интелигентно да се однесува ако веќе на научил дома. Манирите отвораат железни врати. Џентлмените со манири се далеку попривлечни од неџентлмените без манири. Одбивни ми се, во целост, стереотипни малограѓански, угнетувачко-патријархално настроени поединци. До „редот во куќата“ се доаѓа со заемен договор, заеднички раст, а не затоа што „така треба“ - наметнато од народните догми. За жал.., огромен број мажи се женат за да си го олеснат животот од секојдневните обврски, перење, пеглање, готвење, чување деца итн., и потоа одат во кафеана или ресторан или театар, неважно, и отвораат врата или поместуваат столче.., и сето тоа е џабе, претстава за околината. Манирите почнуваат од дома, од преземањето одговорност како сопруг и родител, удел во организацијата на домашните обврски правејќи ја жената среќна, а не „јака“. Жена која паралелно со својот маж може да ги гради своите соништа пред сѐ затоа што има време за тоа. За жал, тоа повеќе е правило отколку исклучок, правило вкоренето во културата на живеење на балканскиот човек.

ММ: За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

Ј. С.: Искрено, долго време ми требаше да одлучам како да одговорам на ова прашање, џентлмен во вистинска смисла на зборот некако не оди во чекор со македонските мажи, иако тоа не ги прави помалку вредни.Ќе споменам неколку мажи од Македонија (не сите спаѓаат во категоријата џентлмени) кои, според мене, се вредни:Влатко Стефановски, Никола Ристановски, Марко Маринковиќ - Слаткар, Благој Веселинов, Коста Јанковски, Столе Стоилов, Никола Јакимовски, Марјан Нечак, Синиша Ефтимов.., списокот е долг, мислам дека ќе застанам тука.

ММ: Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

Ј. С.: Па, јас вака гледам на твоето прашање... Ние луѓето сме биолошки како животните, делиме биолошки функции, нагони, однесувања.., јадеме, пиеме, дишеме, се размножуваме и слично. Тоа што нѐ двои од животните е свеста, да размислуваме - прашуваме и одговараме и, врз основа на тоа, да одлучуваме согласно нашите контролирани или неконтролирани чувства и пориви. Врз основа на тоа, цврсто верувам дека и те како може да постои пријателство меѓу мажи и жени, кое, секако, се базира на хемија која струи меѓу нив. Исто како што мора да има хемија или некаков вид љубов меѓу жени кога се пријателки или мажи кога се пријатели. Дури сметам дека љубовта кон пријател е почиста од љубовта кон партнер затоа што сме ослободени од еден посебен тип очекувања кои некако сами по себе доаѓаат кога ќе влеземе во интимна врска со некого. Исто така, потребата на човекот да работи го става во средина во која циркулираат и мажи и жени, од кои некои се посимпатични, а некои помалку. Сепак, жените и мажите скоро секогаш работат заедно, и тоа успешно. Ако таму можат да функционираат заемно како колеги, зошто не би можеле да функционираат и како пријатели кои делат исти мислења, ставови, хобија, страсти, политички мислења.., или уште подобро не делат, па дебатираат до исцрпување на тие теми и тоа им причинува огромно задоволство. Не исклучувам дека постојат пријателства во кои едниот пријател би сакал да биде повеќе од пријател, ама не се согласувам дека сите пријателства меѓу маж и жена се базираат на тоа.

ММ: Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

Ј. С.: Мислам дека има нешто судбинско и нешто хемиско во тоа како луѓето се спојуваат. Потоа, дали се истомисленици или со спротивни мислења за сенешто, зависи од лекциите што треба да ги научат еден од друг. Се разбира дека е полесно кога се слични, тоа подразбира уште посилно поврзување, разбирање - ако по темперамент сме слични со партнерот. Ако сме различни, тогаш нешто нѐ наведува дека треба да научиме да сакаме без предрасуди и да почитуваме разлики. Ете, јас и Андрија за многу важни работи имаме различни мислења и ставови и тоа не е причина да не сме заедно. Не можам да кажам дека тоа ме привлекува или одбива, туку едноставно е така. Значи, за мене нема правило за тоа дали се одбиваат или привлекуваат спротивностите, силата на привлечност е нешто сосема друго.

ММ: Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

Ј. С.: Јас не знам дали имам доволно интегритет да одговорам на ова прашање, имајќи предвид дека во брак сум само три години, а освен тоа и не сум некој почитувач на бракот како институција. Во брак сум благодарение на Андрија кој поинаку од мене гледаше на темата „брак“ во институционална смисла. Јас повеќе верувам во зборот што сум го дала, за што и да сум го дала. Од моето искуство - врски како врски, токсични, романтични, долги, кратки, лесни, тешки, ама секакви врски, па и бракови немаат врска со тој брак што се раѓа меѓу двајца кога ќе добијат дете. Според мене, тука се создава тој „брак“ кој, од моментот на стапување на сила на подмладокот како приоритет, почнува да функционира многу поинаку од каква било врска претходно. Е, во тој веќе поинаку важат и законите што инаку важат во една врска. Нема толку простор за личен простор, нема простор за луксузи произлезени од досада и его. Нема толку простор за реакции од типот - е, сега јас си одам, напуштам, доста ми е од ова - пред стопати да се преиспитаме дали навистина е така црно или малку треба да се закочиме и со тоа веќе поодговорно однесување, не кон нас, туку кон нашиот наследник, нели, почнува да се раѓа компромисот кој не сме сонувале дека ќе можеме да го направиме никогаш на тој начин. Тој компромис се вселува во нашите животи на прсти и станува главниот столб кој го штити бракот од земјотреси и слични непогоди. Бракот за разлика од врската е равенка за која ќе дадеме сѐ од себе да ја решиме пред да го искинеме листот и да се откажеме. Другите столбови се љубовта, довербата и квалитетната комуникација.

ММ: И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

Ј. С.: Ако мажот е столб и го споредам со коските во човечкиот организам, тогаш жената е сѐ друго, до организам кој функционира.Не се може ни без столб, а ни без сѐ останато.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Јана Стојановска