НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ЈАСМИНА ПОПОВСКА

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

За естетскиот идеал на убавината, кога е жената во прашање, може да се говори недогледно, а неговата, односно мистеријата врзана со критериумите на претставата за совршенството, заради стремежот кон физичката перфекција, вклучително и нивните создавачи, му дава уште поголемо значење, особена важност. Нема сомневање - 1930-тите, 1940-тите и 1950-тите биле во знакот на женственоста. Имено, во мода се вратила фигурата, ставата, силуетата која потсетувала на песочниот саат. Големите (бујните) гради, тенката половина (струк) и широките колкови ја симболизирале привлечноста чии придавки „сексуална“ и „полова“ не изостанувале во т.н. описно изразување на таквата појава. Сексапилот е нејзиното друго име, пократко. Атрибутите се истакнувале со гардеробата, се разбира. Со тесните фустани пред сѐ. За прототип на тогашниот идеал на женската убавина била избрана Мерилин Монро, во друштво со неодоливите Софија Лорен, Елизабет Тејлор и Грета Гарбо. Четирите глумици важеле и за жени со извонредно висок и жив интелект.

Случајно, а може и не - синтагмата „неодолива убавина, македонска“ денеска ја врзуваме со Јасмина Поповска, актерка во МНТ чии остварувања во театарот и телевизијата не само што се многубројни туку и врвни. Долго време се занимава и со активизам. Имено, таа е активистка за човековите и за правата на животните бидејќи смета дека светот им припаѓа на сите живи суштества, подеднакво и фер. Патувањата и хуманитарните акции ја исполнуваат комплетно, а помошта на децата со малигни заболувања, со нарушен вид, без родители.., ја укажува преку донации, како истакната членка на Lions International.

Естетиката, вклучувајќи го и развиеното чувство за убавото, е дел од нејзината природа, во хармонија со начинот, стилот на живеење, надополнет со приземноста, комуникативноста, динамичноста и неизоставно, честите прошетки во природа со кучето Ѕуница. Во меѓувреме одговори на десетте прашања од симултаното интервју, со задоволство. И посветено.

СИМУЛТАНКА:

* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

Ј. П.:Најчесто прво што помислуваме за убавата жена или маж е надворешната убавина, онаа која можеш да ја допреш, но не да ја почувствуваш. Убавината која ја перципираме единствено како надворешна архитектура е како животинската убавина и најчесто станува здодевна.Убавината е внатре во нас и таа е многу моќна.Убавината е во страста кон животот, во интелектуалниот капацитет, во топлината на душата.Мажот и жената се убави затоа што рефлектираат убава енергија која дава пријатност во комуникацијата и дружењето.Значи, убавината е многу повеќе од физичкиот изглед.

* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

Ј. П.:Ако мажот нема беспрекорни мускули, најнова облека, тој исто така може да биде убав. Убавината е во искреноста, независноста. Мажот кој ја цени својата работа, пријателите и животот, носи вистинска убавина во себе.Самодовербата е една од квалитетите, која личноста ја прави навистина убава.

* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

Ј. П.:Убавата жена која знае што сака, жена со стандарди и самодоверба, не се труди да привлече нечие внимание, да биде во центарот на случувањата во секој момент.Таа е самоуверена, скромна и остава впечаток на мистериозна дама.Но, таквата мистериозна дама со своето однесување добива многу повеќе внимание од каков било исфорсиран гест. Мистериозноста е тајната на привлечноста. Вниманието на таквата жена ѝ го привлекува маж со изразена самодоверба, љубезен, интелигентен, маж со одлучност. Сите овие доблести ме привлекуваат и како личност и како жена. И би додала - тој мора да има и страст кон животот.

* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

Ј. П.: Меѓу господин човек и мачо тип постои голема разлика. Лично давам предност на џентлмен. Колку повеќе жените се однесуваат како дами, толку повеќе и мажите ќе бидат џентлмени. Кавалерството/џентлменството значи и поседување на општествени и морални доблести со своја етика во ставовите и однесувањето.Што се однесува до мачо однесувањето пак, во колку не би се толкувало како удирање со тупаница на маса, туку како мачо кој ги испробува новите видови на заведување, може да биде и симпатична работа.

* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

Ј. П.:Ми се допаѓа пристојноста, љубезноста, искреноста, елеганцијата кај мажите, искуствената интелигенција, емотивната интелигенција која со годините кај мажот станува поизразена. Почитувам маж кој животот го сфаќа како предизвик, не ги одбегнува проблемите и не се откажува и кога навидум работите изгледаат комплицирани и нерешливи. Комуникацијата со мажи кои не го почитуваат својот искажан збор ја сведувам на минимум. Ако нешто се вети, не смее да се погази тој збор. Дадениот збор е светост.

* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

Ј. П.: Кога еден маж би ги поседувал повеќето доблестите за кои претходно пишував, би бил убав маж по секој основ или да бидам попрецизна во одговорот, би бил убав Македонец. Тој би требало да се грижи и за другите, не само за себе. Има ли нешто полошо од себичност? Но, да не заборавиме, убавината е во отворениот ум.

* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

Ј. П.:За една врска меѓу маж и жена да биде пријателска, потребна е зрелост и од двете страникои всушност и би сакале таа релација да биде единствено пријателска. Важно е односите да бидат фер и коректни. Комплицирано е ако едниот чувствува нешто повеќе од „само пријателство“. Би требало од самиот почеток да се расчисти со надежта на другиот за врска. Жените повистински влегуваат во пријателска зона од мажите и пријателството го истакнуваат. И како што вели Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“.

* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

Ј. П.:Најчесто се вели дека спротивностите се привлекуваат, но сами по себе не значат ништо и можат да ја искомплицираат врската. Сепак, потребни се слични мали интереси кои ќе ја зајакнат комуникацијата и врската меѓу партнерите.

* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

Ј. П.:Здравата комуникација, искреноста, заемната поддршка и почит го зајакнува партнерството. За успешна врска или брак е потребно мажот да не ги товари сите обврски на овој свет на грбот на жената. Таа останува убава и елегантна ако чувствува дека тој го почитува нејзиното мислење, дека е тука за неа кога е загрижена, исплашена и не би требало да биде штедлив во комплиментите кон партнерката. Едноставно кажано, мажите повремено треба да прават убави мали нешта кои ги правеле на почетокот на својата врска. Но,сметам дека за успешно партнерство не би требало да ѝсе „сечат крилјата“на жената за остварување на нејзините соништа. Сѐ повеќе јакне свеста на жената за нејзините права, сѐ повеќе бара простор за идентификација на своите цели. Животот и заедницата ја одржуваат тие што знаат да љубат.

* И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

Ј. П.:Иво Андриќ рекол: „Жената стои како капија на излезот и на влезот на овој свет“.Се менува свеста во низа области на човековото живеење. Се излегува од патријархалниот систем, се јакне жената надвор од стереотипните гледишта. Таа станува независна, автономна, ослободувајќи се од притисокот и стегите на патријархалните механизми.Мајката е симбол на заедницата и целината. Таа раѓа, расте, негува, го заштитува детето и таа доблесна матрица ја пресликува во рамките на општеството каде што е двигател на добрите меѓучовечки релации и односи. Со економското јакнење на жената се унапредува нејзиниот статус во општеството.Лично се залагам за родова еднаквост и нејзино унапредување од повеќе аспекти.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Јасмина Поповска