НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ЈОВАНА СТОЈМЕНОВИЌ

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Нејзината елеганција, т.е. отменоста или префинетоста е сеприсутна. Во комбинација на убавината, и надворешната и внатрешната, не само што е неодолива туку и делува позитивно, кога ја гледаме на телевизискиот екран, во раните утрински часови, но и приватно, кога ја среќаваме на улица, во ресторан, каде било. Несомнено буди поинакво чувство - на пријатност, во сивилото на филистерскиот живот. И добро расположение. Јована Стојменовиќ долго време живее со партнерот, а силната љубов, страста е присутна секаде, вклучително и во работата, нејзината професија. Кога се работи за пријателските и, воопшто, за меѓучовечките односи, не сака изненадувања, но затоа, пак, ужива во ситните нешта, во друштво на духовити луѓе бидејќи не може да го замисли денот без хумор, макар и мала доза смеење.

СИМУЛТАНКА

ММ: Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

Ј. С.: Иако и науката и природата, а самите господа ќе се согласат дека убавината е она нешто што најмногу ги привлекува мажите кај жените, сепак мислам дека романтичната привлечност кај обата пола не е толку едноставна. Секој од нас има свој поим за естетика и го привлекуваат луѓе, па и нешта што ги дожива како убави, но тоа е оној прв поглед, после кој веднаш треба да има и втор и трет, што значи, убавината несомнено го привлекува првиот поглед, но за да се „освои“ нечие срце во романтична смисла, потребни се многу повеќе атрибути од физичките. Во таа смисла би рекла дека машката убавина е еквивалент на женската и дека комплетно убавите личности со сите атрибути си прилегаат.

ММ: А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

Ј. С.: Мене, а верувам и на повеќето жени, еднакво како и кај господата, првиот поглед ми го привлекува физичкиот изглед. Е сега, стандардите за убавина, иако се општествено диктирани, најчесто од мнозинството, сепак се и индивидуално дефинирани од сопствените погледи и сфаќања, но и некоја биохемија во секого од нас. Тој прв поглед е најчесто оддалеку и за да има и втор прекупотребно е да „кликнете“ со личноста, не само со ликот. Во таа смисла и физичките и умствените аспекти, но и „машкото срце“ што го спомена во првото прашање. Да бидам поконкретна, талентот е нешто што многу ме восхитува, па и привлекува генерално кај луѓето.

ММ: Дека таинственоста е својствена за Вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

Ј. С.: Кога некого доживувате како мистерија, најдобро е да го прашате - што сакаш? Ако ви е навистина важно, внимавајте како ќе го поставите ова прашање. Во интонативна смисла, односно да не звучи дека ТАА ви здодеала или ви се смачила потрагата по одговорот на тоа едноставно прашање. За да не дојде до таква ситуација, неопходно е да прашате навреме, не откако ќе се измачите со обиди да задоволите некого, кој постојано делува незадоволно. Проблемот помеѓу нас (мажите и жените) е што не го делиме афинитетот и потребата од вербална комуникација со која убаво би се разбрале околу сѐ. Вие би сакале нештата да се подразбираат и сѐ да биде поедноставно, но не секој умее да набљудува и убаво да ги чита невербалните знаци, па еве тргнете од себе, нели? Жените се малку повешти во тоа или јасно прашуваат. Затоа, дајте ѝ шанса на комуникацијата ако нешто е навистина важно. Не секој лаже. А јас од квалитетите посебно ја ценам искреноста.

ММ: Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

Ј. С.: Господин човек.

ММ: Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

Ј. С.: Ме привлекува педантноста,убаво држење, секако говорот, а непедантноста и грубостите се нешто што посебно ми пречи во секаква комуникација, но знам да разберам кога некој е испровоциран, но не и кога без потреба напаѓа. Одбивна ми е непотребно грубата комуникација, можеби таа е лош пример за „мачизмот“ што го спомна погоре.

ММ: За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

Ј. С.: Секој маж со убави манири, па дури и без да поседува квалитети како образование и несекојдневни таленти. Убавото однесување не само кон жените, туку генерално, е избор. Има многу примери, но не замерувај, не би посочувала никого.

ММ: Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

Ј. С.:Да. Но, ако не може, ќе ѝ биде добар пријател. Доколку сака.

ММ: Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

Ј. С.: Многу јасно го дефинираше ова, Игор. Од една страна имаме сличности, од друга спротивности, но и двете работи според мене знаат да креираат компатибилност на партнерите. Сличностите во смисла на афинитети, истомисленост и потреби е неопходно да се заеднички и тука не би требало да има големи разлики. Има некои спротивности во карактерите што прават компатибилност на парот, како оние што помагаат во конфликтите, во смисла едниот поизбувлив, а другиот порелаксиран.

ММ: Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

Ј. С.:Партнерот не ни припаѓа, во таа смисла е многу важно да го доживуваме засебно, како слободна личност, покрај доживувањето на нас двајцата како пар, а партнерството не треба да ограничува и загушува.Не треба да забораваме зошто сме се вљубиле во некого, односно кои се квалитетите што ги сакаме кај партнерот, а тие не се однесуваат само на релацијата со нас. За жал, со текот на времето почнуваме да го оценуваме само неговото однесување кон нас или да се занимаваме само со сопствените потреби. Мислам дека тука ја правиме грешката и треба навреме да ја препознаеме и да знаеме дека нашата среќа зависи дирекно од среќата на партнерот. Погрешно е и кога се обидуваме да го промениме партнерот, неговото однесување, желби, потреби... Тие се само негови и сам ги креира иако е во партнерство. Негов треба да биде изборот дали сака нешто да менува кај себе во име на заедништвото исто како што треба да биде и наш изборот колку и зошто ќе се промениме за некого или за нас. Овде секако зборувам за „нормални“ луѓе, односно партнери кои влегле во однос за да бидат во партнерство, а не поради некои други пориви.

ММ: И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

Ј. С.:Добро е партнерите да бидат рамноправни во секоја сфера и релација, па така и романтичните партнерства не би требало дa бидат исклучок.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Јована Стојмановиќ/ Marella