НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ЛИНА ЃОРЧЕВА

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Нема сомневање, кога е женската убавина во прашање, историски - освен идеалот, претставата за неа, со текот на времето се менувало и доживувањето на истата, воспримањето. На пример, во античка Грција била во сенка на машката, која се врзувала со добрината. Женската обично претскажувала несреќа. Оттаму и преданието за Тројанската војна и нејзината причинителка - убавата Елена. Скулптурните прикази на жените - полнички, со широки рамена, долги брановити коси, бледо лице.., говорат за тогашниот идеал на убавината. Денес е инаку. За среќа, поврзаноста меѓу нив е избришана. Критериумите, мерилата се индивидуални - оксиморонски, апсолутизирајќи ги релативно и покрај тоа што индустријата (модната, секако) фаворизира некаква си андрогинија. Со внатрешната, нема дилема - вистинска премија. И неодолива и македонска, типична.

Се разбира, Лина Ѓорчева ја карактеризираат и двете, обете. Надворешниот изглед, убавината е очигледна. И внатрешната чиј креативен дух се одразува секаде - во музиката, комуникацијата... Имено, таа е сестрана музичарка (и пее и свири на пијано и компонира), докторантка/специјалистка за маркетинг, комуникологија... Благодарејќи на меѓусебната врска, успешно ги менаџира и проектите од светски размери, во соработка со RAI, њујоршката Broadway Academy, вклучително и Македонија и Балканот и, неизбежно, талентите одовде - глумечките, музичките, танцувачките. Виното, пак, е нешто друго, посебно. Ја инспирира од причина што винскиот нарав е поетски, а неговиот свет - уникатен, хедонистички. Космополитскиот дух на Л. Ѓ. е сеприсутен и во пријателствата и во патувањата со прид. авантуристички. Омилена дестинација ѝ е Италија, просто ги обожава нејзините вина, кујната и генерално - природата, сонцето, морето. Едновремено и спортува - плива, скија и будно, внимателно гледа фудбалски натпревари, ракометни турнири. Меѓу константата и варијаблата, кога се говори за промената, нема сомневање - предност ѝ дава на првата. Ист е и односот кон пријателствата, семејството, љубовта.., вкоренети длабоко.

Еве ги размислувањата, одговорите на десетте прашања од симултаното интервју за женско-машките/машко-женските односи, без какво било предимство и на едните и на другите.   

СИМУЛТАНКА:

* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

Л. Ѓ.:Мислам дека убавината кај сите луѓе, онаа неодоливата како што прецизно ја наслови е, всушност, симбиоза на квалитети - внатрешни и надворешни. Во тој спој спаѓа физичката убавина, но ако таа не зрачи однатре, е еден вид илузија. Затоа, можеби уште поважно е присуството на други особености како харизма, интелект...Но, ако сме најпрецизни, убавината е изразито женски поим така што прашањето е наместо. А, пандан на женската убавина би рекла дека е онаа машка енергија на претприемчивост и храбро срце во комбинација со шарм кој ќе го издвојам како посебност бидејќи токму тоа и е - мислам дека извира од непосредноста, освојува и не се учи. Едноставно, човек се раѓа така.

* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

Л. Ѓ.: Привлечноста ја прават физичките и умствените атрибути заедно. Како естет, кај луѓето ценам оригинален стил, меѓутоа тоа ми е привлечно само ако и аурата на човекот е таква. Ме понесува позитивната енергија, интелектот, талентот и смислата за хумор што исто така има врска со интелектот и лично ми е многу важна, во животот треба да се смееме. Во секој случај, сметам дека човекот треба да биде оригинален, свој и шик, тоа секогаш е најпривлечно. Не сакам шаблонски ориентирани и неинспиративни луѓе кои во животот не се откриваат себеси и немаат таква цел. Е, таму дефинитивно не наоѓам ништо привлечно, апсолутно.

* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

Л. Ѓ.: Па, ова е многу лесно да се открие, ако се погледне во суштината на машката и женската енергија, кои се комплементарни, а не исти (како што денеска тврдат некои концепти). Жената е посебна затоа што е жена и таа е и убава и нежна, но и силна и способна и треба да биде вреднувана како таква, а посебен е секој што многу добро го знае тоа. Затоа тврдам, нема жена која е рамнодушна кон храбро изразената потпора и почит кон тоа што таа е - ЖЕНА!

* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

Л. Ѓ.: Мачизмот не е во мода, никогаш не ни бил. Отсекогаш сериозна одбивност ми создавале такви форми на однесување. Господин човек со манири, свест и пред сѐ почит е единствено нешто што е здраво за каков било машко-женски однос: професионален, љубовен, пријателски. Едноставно, мора да се почитуваме.

* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

Л. Ѓ.: Џентлменските потези, поаѓајќи од наједноставните - подавање рака и отворање врата до суштинските - внимателност во тонот на обраќање и речникот се, всушност, показатели на воспитание и свесност и тоа за мене е „must have“. Отсутвото на овие манири го гледам како недостаток и ме одбива.

* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

Л. Ѓ.: Па, правите господа се присутни во моето секојдневие. Ги препознавам во моето семејство, кругот на пријателите, партнерот. Причината е едноставна - манирите, но и доброто срце кое се гледа на километри. Меѓу пријателите имам и познати личности, но не би посочувала имиња, да избегнам ефект на претенциозност.

* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

Л. Ѓ.: Апсолутно не се согласувам. Јас негувам таков вид однос и тврдам дека пријателство меѓу маж и жена може да постои, и тоа како, и во суштина е многу поавтентично и корисно за двете страни, а многу често е и многу подолготрајно од многу женски пријателства.

* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

Л. Ѓ.: Па, сила има единствено љубовта, ако не е вистинска, нема сила што помага. А, за љубовта мислам дека нема правила, едноставно се случува. Но, за експанзија на љубов и за двајца партнери да бидат среќни заедно, сметам дека единствено поважно од тоа да гледаат еден во друг е да гледаат во ист правец, заедно. 

Исто така еважно да имаат слични страсти за да можат во потполност, заеднички да уживаат во животот, на пример во музика или патувања - тоа исполнува на поинаков начин, создава поубави моменти и спомени. Но, не сметам дека треба да бидат комплетно исти. Напротив, мислам дека некои разлики се важни за дополнување и функционален ритам.

* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

Л. Ѓ.: : Tајната е љубовта. Односно, тајната е да се осознае и дефинира што е љубовта и да не се прифаќа тоа што не е љубов. Барање формули и начини за опстојување во одреден однос, за жал, многу често и по секоја цена има најмалку врска со љубов и среќа. Љубовта сама по себе означува радост, чувство на леснотија и слобода - она: се чувстувувам како ЈАС, а тоа секако подразбира меѓусебно разбирање. Толстој напишал: „Разбирам бидејќи љубам“.

* И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

Л. Ѓ.: Па, би рекла вака: ако мажот е главата, тогаш жената е крвотокот - и на семејството и на светот. А, идеално е кога едниот повремено, природно ја презема улогата на другиот.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Лина Ѓорчева