НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: МАРИЈА ПИЈАНМАНОВ

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Нејзината романтична природа е очигледна и тука, во симултаното интервју. Конгруентна е, соодветствува не само на убавината (неодолива, македонска), туку и со начинот, стилот на живеење (француски). Неодминливо и со парискиот шик. Елеганцијата дополнително ја потенцира и едната и другата. Просто неразделни се.

Марија Пијанманов инаку живее и во Париз и овде, со нејзиниот сопруг Константин Плевнеш (режисер и сопственик на универзитетот ЕСРА). Се чини дека француската метропола им прилега и на обајцата, дури повеќе оттука и покрај тоа што често се во Скопје. Меѓу другото, заедничка им е и љубовта кон уметноста. Без оглед на вокацијата (историчарка), моментално се подготвува за магистерскиот труд по филмска режија - снима документарец. А, освен музиката, нејзина страст е и модата секако, забележлива и овде, на фотографиите.  

СИМУЛТАНКА

ММ: Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

М. П.:Идентично, еквивалент на машката убавина е женското срце, и убавината, и шармот. Нема поделби во нивната заедничка целина, тоа е именител кој се придобива со срце, од каде што доаѓа убавината. Убавината и на жената и на мажот е секогаш важна и се состои од погледот кон неа, затоа што сѐ започнува од лицето. „Љубовта има лице, кога сакаш некого - љубовта го носи неговиот лик“ е позната мисла на филозофот Платон.

ММ: А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

М. П.: Не можам да одолеам на лице со поглед без зборови, кој е одговор на сѐ. Вистинската личност гледа во вашето лице, вие се познавате и сѐ е толку посебно и прекрасно кога имате навистина интелигентен партнер. Преферирам спиритуален шарм кој те учи на животни тајни, исто така сакам таленти од уметноста: поезија, музика, пеење, пишување, сликање.., а кога нешто искрено посакуваш, се остварува. Истовремено џентлмен и бунтовник без причина, храбар, но и со детска душа. Секојдневно среќна во такво животно опкружување. Никогаш не ме привлекол некој, некогаш, затоа што имал скап часовник, златен ланец, скап автомобил или брендирано сако, туку талентот, и убавината, и начинот на вниманието. Веројатно вистинскиот маж е и без тоа веќе оформена личност, со личен стил на живот и се грижи за вашиот заеднички животен стил. Ми се допаѓа репликата на Мерилин Монро во еден познат холивудски филм: „Колку што жената треба да биде убава за еден маж, толку и тој треба да биде богат за неа“. Колку искрено и шармантно, нели? Ха, ха, ха!

ММ: Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

М. П.:Жената е универзум со свои правила, универзумот е мистерија и тоа е закон на природата. Мажот ќе ѝ се приближи или ќе се оддалечи од жената во зависност од тоа колку умее да го почитува женскиот свет на таинственост бидејќи во легендарниот филм „Турист“, со прекрасните Анџелина Џоли и Џони Деп, кога ликовите кои ги глумат се среќаваат на патувањето во возот, тој и поставува многу прашања на кои таа му одговора кратко и мистериозно: „Жените не сакаат премногу прашања“. Можеби со тоа сака да се даде акцент на една важна работа, жената не треба да биде лесно освоена и да му се предаде на мажот бидејќи тој, како ловец, сака лесно да го придобие пленот. Жената треба да му даде задачи полни со загатки, ако ги реши загатките, дури тогаш заслужува вистинско внимание за восхит. Жената треба да е најдобрата инвестиција што мажот некогаш ја имал.

ММ: Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

М. П.: Смислата за хумор е есенција за заводливост и знак на висока интелигенција. Ако постојано се смеете со вашиот партнер, вие сте освоена личност и вашата врска успешно функционира. Мускулите на мажот не можат постојано да ве засмејуваат и расположуваат, напротив. Според мене, може да направат понекогаш да се чувствувате изгубено од толкава доза на „самобендисаност“. Воспитаниот маж е и кавалер, значи важно е домашното воспитување во секој поглед, без оглед на тоа дали си маж - кавалер со или без мускули. Според мене, и придавката кавалер е контроверзна, ха-ха. Мажот во многу случаи е контроверзен според тоа што се изедначува со жената, на деликатни нивоа. Мажот во многу случаи во нашето општество почна да заборава кои се неговите животни начела и принципи, тој е искарикиран во денешната цивилизација и наместо да ја освојува и надополнува, тој ја совладува жената, се претвора во озборувач, во женомразец и модерниот маж почнува да личи повеќе на закана отколку на заштитник. На некој што се компарира со жената како со негов ривал. Тоа е погрешно. И опасно. (Анџелина Џоли, Мерилин Монро, принцезата Дијана..., тоа се жени ѕвезди, икони, скршени или сосема уништени од машкиот свет на свој контроверзен и “магловито” прикриен начин. Најпрекрасните жени отсекогаш биле жртви на мажите ривали.)

ММ: Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

М. П.:Кога некој е непостојан, а постојано го менува својот „mood“ и, секако, игра игри со вашиот ум. Тоа е и одбивно и опасно и лесно ќе станете жртва на такви „слаби“ личности ако не размислувате. Затоа секогаш размислувајте, пред сѐ. Тие што играат игри ќе ви го освојат умот и потоа вие ќе бидете како во една компјутерска игра, играчите со умови се сé почеста закана и ги имаат научено сите нивоа, како слатко да ве освојат, па полека и да ве уништат, за да го хранат своето бедно его. Сакам хумани луѓе, визионери кои се издвојуваат од толпата со своето размислување (со тоа не мислам на контроверзни размислувања). Почитувам луѓе „thinker-и“.

ММ: За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

М. П.:Можеби балканскиот ментален склоп не е добар за секого. Во Франција за мене се истакнува романтичниот и богат шарм со манири, кој ми е многу интересен. Можеби затоа што се отселив оттаму, би рекла дека во средината каде што живеам периодично - Париз, пример за господин според мене е претседателот Макрон. Тој е навистина толку интересна фигура, засега и омилен лик во нашето семејство, а јас сум и запишана како приврзаник во неговата партија.

ММ: Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

М. П.:Возможни се и такви пријателства, навистина. А, почитуваниот писател со цитатот направил само една своја лична ода на еросот, богот на нашата човечка страсна природа. Во Франција животот е боемски, љубовџиски и страстен. Но, би рекла повеќе дека денес човекот како поединец е сѐ повеќе отуѓен од пријателствата и осамен во приватноста, без оглед на полот со кој другарува. Повеќе би потенцирала дека пријателствата се сѐ поневозможни, без оглед на половите, а не дали се возможни. Тажно и (не)хумано општество.

ММ: Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

М. П.: „Не форсирајте нешто што не доаѓа природно“, The Crown. Значи, сѐ се случува со причина и доаѓа до нас, го наоѓа патот, без оглед на тоа дали сме црни или бели, богати или сиромашни, среќни или тажни, слични или различни. Ги учиме лекциите еден од друг, за да победиме. Ако не ги научиме тие лекции од различностите, ние ќе изгубиме. Во животот ни е дадено сѐ за да учиме, тоа е патување од кое учиме, ако не постојат разликите, и космосот би немал ѕвезди бидејќи тоа сме ние кои што сме сите исти на небото. И кога спиеме, ние трепериме и сонуваме за љубовта.

ММ: Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

М. П.: Имам еден омилен филм, се вика „Мулен руж“ на Баз Лурман (2001- Франција). Тогаш кога убавата и млада Сатин (Никол Кидман) умира, нејзиниот сакан во солзи ја пишува приказната „Nature boy“, која завршува со реченицата:„And while we spoke of many things,Fools and kings, This he said to me, The greatest thing you'll ever learn, Is just to love and be loved in return“. Би рекла дека во оваа реченица е целата моја визија за љубовта и животот. Сѐ друго е глумење лудило. Дали сте само луди актери во сопствениот живот?

ММ: И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

М. П:Овој одговор е сублимат на сите одговорени прашања погоре. Заклучокот го оставам на читателите. Ако одименаучно кон анализата маж-жена, би додала дека според истражувања, женското дете наследувадва хромозоми од мајката и таткото, додека машкото еден од мајката. Значи оваа „игра“ е сложена и по научна основа (ха-ха) од самиот зачеток, а хемијата во нас ја започнува алхемичната магија.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Марија Пијанманов