НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: МИЛАНКА РАШИЌ

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Наизглед е толку едноставна што неретко го злоупотребуваме терминот убавина, односно неправилно го употребуваме, а во суштина е многу сложена. Како естетска категорија, која традиционално ја означува беспрекорноста на хармонијата, секако дека има и филозофско толкување, интерпретирајќи го суштественото својство на лицето, личноста. Нејзината загадочност е резултат и на неуспехот во единственото дефинирање на истата, без оглед на бројните обиди. А идеалот, пак, се врзува контекстуално за културата и често се менува. Од друга страна, консензуално - убавината е спој на внатрешната (грациозноста, елеганцијата, интелигенцијата, културното однесување, моралната чистота, харизмата...) и надворешната (привлечноста која во голема мера се однесува на атрибутивниот физикус). Еден од најјаките индикатори е просечноста, нема дилема. Врз обете, и внатрешната и надворешната, влијаат многу фактори, меѓу нив и постојаната надградба што важи за среќа во вистинска, права смисла на зборот, наспрема тврдењето дека таа (среќата) всушност е ѕвездата под која се раѓа единката. Останатото е ништо друго освен индивидуално воспримање на работите, испреплетени со таинственост, филозофема... А, кој рече дека убавината не е компликувана?

Сепак, таа (убавината) не постои за работите да ги замрси - напротив, целта е јасна: да ни ја покаже и длабочината на површината, сензитивно. И покрај тоа што во повеќето случаи е субјективистичка - во очите на посматрачите. Но, кога се работи за македонската, нема сомневање дека надвладува вистината, објективизмот. Неодоливоста како дел од насловната синтагма, во целост е атрибутивна и кога во прашање е Миланка Рашиќ (ТВ-авторка, коментаторка и продуцентка), којашто долги години е синоним за висок квалитет, стандард на телевизиски проекти, чија непретенциозност, искреност е препознатлива исто како и нејзиното лице, глас. Имено, пошироката јавност ја познава како водителка на многубројни фестивали, настани што ги карактеризира гламур - „Браќа Манаки“, „Виенскиот бал“, „Макфест“, „Скопскиот фестивал“..., го коментира доделувањето на Оскари, Греми, наградите на Европската филмска академија, „Евровизија“ каде што беше раководно лице и на делегацијата и на прес-службата, но и авторка на репортажи. Се вбројува меѓу првите кои ги интервјуираа Хулио Иглесиас, Синди Крафорд, Џони Логан, Мајкл Јорк. Од мај 2022-ра е водителка и авторка на емисијата за филм „Во кадар“ на МРТ. Уште како мала сака да чита, патува (патувањата ги смета за најголема школа на животот)..., латино-танците и летата покрај море ја исполнуваат со среќа, радост... и не испушта прилика да ужива во добар филм, театарска претстава, концерт бидејќи смета дека уметноста ѝ ја дава убавината на животот. Но сепак, најважно од сѐ, како што вели, е добро да ги избереме луѓето кои навистина вреди да бидат дел од нашата животна авантура.

Во тој контекст на размислување се и одговорите на десетте прашања од симултаното интервју, во продолжение...

СИМУЛТАНКА

* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

М. Р.:Шармот и насмевката можат да те освојат во првите три минути од запознавањето. Веднаш потоа се прашуваш зборувам ли со добар човек, можам ли да му верувам. Тоа се битните прашања. Добрината е најважна, како и колку тој маж е спремен да ти подари време, љубов и внимание. Само тоа е бесценето. 

Од маж очекувам да има став, морални принципи и храброст да се справи со животот. Ако можам јас, може и тој. Зборувам генерално за машко-женската рамнотежа во животните превирања.

* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

М. Р.:Секогаш прво ги забележувам очите, но и начинот на кој некој те гледа и доживува. Шармантни мажи кои имаат свој стил се привлечни, но ако имаме заеднички теми и можеме да се смееме заедно, тоа е прекрасно! Меѓу моите пријатели има многу интелигентни, начитани луѓе кои ја делат мојата љубов кон патувањата. 

Кога станува збор за љубов, класичната убавина не е пресудна зашто низ очите на љубовта сите гледаме поинаку. Еден човек, кој е целиот твој свет, станува најубавиот човек за тебе. 

Многу почитувам изградени личности кои имаат интегритет. Жените често прават грешка кога ќе се заљубат и се обидуваат да го променат мажот на подобро. Има една изјава на Џулија Робертс со која потполно се сложувам: „Жените не се рехабилитациони центри за лошо воспитани мажи. Не е твоја работа да го поправаш, менуваш, да му бидеш родител или да го воспитуваш. Ти сакаш партнер, а не проект“.

* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

М. Р.:Таинственоста веројатно е интересна само на почетокот на запознавањето. Она што секој од нас го посакува е да се осети доволно сигурно и слободно да може да се открие себеси пред друга личност и кога имаш лош ден, кога ти е тешко, а не само да те гледа во блескаво издание. Да можеш без страв да ја покажеш својата ранливост и вистинското јас е она што го сакаме. Ако некому не му се допадне, среќен му пат! Ако остане кога е лошо, ќе биде тука секогаш за тебе, да ги делите и среќните и убави моменти. Прекрасен е тој вид на заштитнички однос. 

Исто така, многу е важно мажот да верува во тебе, да ја цени твојата работа и амбиции. 

Она што многу го почитувам генерално, за двата пола, е кога човек се труди да биде најдобра верзија од себеси и секогаш има желба да учи нешто ново.

* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

М. Р.:Верувам дека во денешно време ниедна жена не би смеела да го дели животот со маж кој има супериорно држење во однос на жените или какви било прастари сфаќања за машко-женските релации и улогата на жената воопшто. 

Само партнерски однос е прифатлив, а секоја врска е двонасочна улица. Мора да постои почитување, љубов и верност од двете страни, тоа се темелите. А, ако мажот знае да те изненади понекогаш со убав гест, ако има убави манири, тоа е голем плус и причина повеќе да го сакаш.

* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

М. Р.:Убави ми се елегантните мажи со манири и господско држење. Особено оние кои умеат да танцуваат. Од мала играм стандардни и латиноамерикански танци, сум била дел од многу виенски балови и навистина уживам во нив. Посебно е чувството кога танцуваш англиски валцер со партнер кој умее да те води, сигурно и грациозно истовремено. Така би требало да е и со животниот партнер, да танцувате низ животот заедно и низ бури и низ среќни денови. 

За мене извонредни личности се оние кои се однесуваат кон секого со почит и кои се спремни во секој момент да помогнат. А, не сакам ни да сум блиску до луѓе кои се лицемерни, проблемот секогаш им е во другите, никогаш во нив, неблагодарни се и себични. Не сакам ни кога некој е вечен Петар Пан.

* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

М. Р.:Многу од моите пријатели се прави џентлмени и навистина сум среќна што се дружиме, што сме си поттик и инспирација за нови достигнувања и животни страници. Некои од нив имаат јавни професии, некои не, затоа не издвојувам имиња.

* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

М. Р.:Балзак веројатно бил во право, голем дел од мажите прво ќе си ја пробаат среќата и ќе се обидат да започнат љубовна врска. Сепак, јас цврсто верувам во пријателски однос меѓу маж и жена, поради моите долгогодишни пријателства со неколку личности кои ми се блиски и на кои можам да се потпрам во секое време.

* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

М. Р.:Спротивностите можеби се привлекуваат, ама само на филм. Во реалноста мислам дека за кратко време исчезнува тој привид на љубов. 

Многу поприродно е двајца да се во убава и стабилна врска ако ги поврзува креативност, заеднички работен проект, хоби, спорт, заедничка страст за патувања или сличен вкус за музика, филм. Но, најважно од сѐ е да се има ист систем на вредности во животот и да се стремат кон слични цели во иднина.

* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

М. Р.: Довербата е клучна за среќна љубовна врска. Да знаеш дека некој те сака, почитува и нема свесно да направи нешто што би те повредило. Кога вашиот интимен свет е само ваш и ничиј друг, а твоите тајни се сигурни ако само тој ги знае. Ако можете да сметате еден на друг во стресни и лоши ситуации, тоа е вистинскиот партнер. 

Толеранцијата е нешто што се подразбира зашто сите ние сме далеку од совршени. 

Вистинската љубов и партнер го поттикнуваат она најдоброто, едноставно те прават подобра личност.

* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

М. Р.:Знаете како се вели, ако мажот е главата, жената е вратот. Таа го придвижува, еден без друг не може. 

Жената истовремено е нежност и бескрајна сила, а мажот храброст и љубезност, емотивност. Нема потреба од посебни титули и поделби на женски и машки обврски и територии. 

За хармонија во една врска и во едно семејство треба многу љубов и решеност да не се откажете кога ќе се појават проблеми. Најважна е здравата комуникација, отвореноста, да си ги остварувате своите лични соништа и цели во животот, но и да го поддржувате партнерот и да сте неговата најголема сила. Да се надополнувате еден со друг. 

На крајот, сите ќе се прашаме само дали бевме среќни, дали животот го поминавме со оние што ги сакаме и го работевме она што го сакаме.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Миланка Рашиќ