НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: НАТАША САРЏОСКА
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на
преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската,
женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Ништо не е случајно, така и поврзаноста на убавината (надворешниот изглед) со интелектот (живиот, високиот) - умот, разумот и секако, добрината која избива од лицето, очите. Се чини дека ланецот нема крај. Нивната обусловеност е повеќе од забележлива, особено важна. Останатото е работа на себе, во секој поглед. На пример и кога е негата во прашање. Џејн Биркин, жената која во 1960-тите и 1970-тите беше прототип на убавината со придавката „француска“, и покрај тоа што е родена во Англија (сега има 75 години), ја фаворизираше природноста, натуралниот живот. Се разбира, имиџот кореспондираше со него - бела едноставна маица и фармерки. Наводно, секое утро се миела со ледена вода, неколкупати. Користела и средства (козметички) за да ја намали подуеноста на подочниците, но само кратко време. Престанала откако го согледала сексапилот во поспаните очи, кога имала мали отоци под нив. Исто така играла и танго, со нејзиниот сопруг, едновремено и филмски партнер - Серж Генсбург.
Не случајна е и врската со Наташа Сарџоска - перформерка, писателка, поетеса, преведувачка, професорка, специјалистка по антропологија и секако, танго-танчарка. Со нејзините перформанси ја воодушевува публиката, и тукашната и странската. Речиси сите книги ѝ се преведени на повеќе јазици. Инаку е полиглот. А, кога се работи за аргентинското танго, Енрике Дисаполо рекол дека е тажна мисла која танцува. А пропо него, изјавата за танцот со бавно темпо, во 2/4 такт, Н. С. се доживува себеси како тажно чувство кое танцува низ сѐ што создава.
Одговорите на десетте прашања од симултаното интервју, еднакви за сите, или ќе ви се допаднат (ќе се согласите со нив) или ќе ги оспорите, но сигурно нема да бидете рамнодушни, ќе ве натераат на размислување.
СИМУЛТАНКА:
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
Н. С.: Машката храброст!? Бескомпромисна! Херојска како онаа од легендите.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
Н. С.: Едното оди со другото. Mens sana in corpore sano. Умствено и духовно развиен човек се грижи за своето тело и изглед. Оттаму, умствените атрибути сплотени во складна хармонија со физичките се нужни за една личност да биде целосна. Но, секако важни се и споделените вредности, вкусови, на пример добар вкус за вино и храна, дарба за спорт и свест за здрав живот, копнеж по патувања и истражувања, спремност за промена и за новина. Бездруго, интелигенцијата има неодолива привлечна моќ. Сепак, оној интелектуалец кој не се грижи за својот изглед и карактер може да биде празен и одбивен, исто и физички ориентиран маж кој не знае два збора да сврзе во една логичка целина. Многу фактори треба да се задоволат за да може една личност да биде посакувана. Сложен процес е привлекувањето, а уште посложено е сплотувањето на мажот и жената, затоа што тоа е создавање на нов свет, свет што преходно не постоел во ниту една поимна или емотивно искуствена галаксија.
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
Н. С.: Јас не се доживувам себеси како типична жена. Својствени ми се некои одлики што на другите жени им се туѓи. Не сакам таинственост. Не сакам затворени сигнали и облачни луѓе. Сакам отвореност и искреност. Освен тоа, писателка сум и сакам да бидам сама, да живеам во тишина, во отуѓеност, често дури и во самотија. Оттаму, не би знаела да ја дадам вистинската мера за тоа што жените сакаат од или кај еден маж.
Од моите искуствени сознанија, повеќето жени сакаат бездруго заштитнички однос, сигурност, стаменост, стабилност, но за жал претежно таа е само економска стабилност. Има многу мажи кои не можат да сретнат жена само заради тоа што се невработени или немаат пари. Зарем не е неправедно да се доживуваат мажите низ призма на парите? Па зошто се бореле жените да станат независни и самостојни кога на крајот пак сѐ се сведува на истиот механизам (оној од каменото доба: мажот ловел, создавал, творел, шетал, собирал храна, а жената чекала, готвела, вардела дом и деца).
Општо кажано, таков брак од интерес во социологијата се подредува под категоријата на социјална проституција. Сте забележале колку често сопругите велат „нашата куќа“ или „нашето возило“, а тоа е всушност на сопругот. Мажите дури често и се жртви на тој женски прагматизам. Иако тоа пред мене го кажала веќе Симон де Бовоар, мора пак да се каже гласно дека жената која живее со маж само заради овие атрибути (пари, моќ, стан и слично), а без посветеност, љубов, страст, секс, слобода, го губи своето достоинство на човечко суштество и во најмала рака станува нешто слично на проститутка - иако барем проститутката признава која е и што прави за да заработи за живот. Има многу жени кои свесно и доброволно го губат својот личен интегритет и се откажуваат од себе. За жал, таа (само)дениграција и (само)деградација им е својствена на повеќето жени во колективни и конзервативни општества како нашето. Во денешно време дури и би рекла дека мажот станува сѐ повеќе и повеќе послабиот пол. Видете само какви фатални последици врз мажите имаше кампањата #metoo, зашто не ја кренаа толку свеста за сексуалното малтретирање колку што ја срозија машкоста. Сметам дека жената е подеднакво способна за злодејание како и мажот.
Јас секогаш барам да ги сретнам моите вредности: правдољубивост, нелицемерност, храброст, борбеност, великодушност, широкоградост, шарм, цврст став, стил, лежерност, ненаметливост, добро воспитание, љубезно срце, етички вредности, хумани доблести, страст за живот или беспрекорна joie de vivre.
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
Н. С.: Тенка е линијата што ги разграничува овие категории. Проблемот е што еден мачо маж може да биде и џентлмен во извесни ситуации, но и обратно - некој, господин надвор пред другите, може дома да се однесува како патријархален мачо и да бара од сопругата да му ги собува чевлите. Секако кавалерство - ама не и сервилност, покорност и понизност пред жената - зашто супериорното држење е одбивно исто колку и инфериорното поставување.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
Н. С.: Одбивен ми е малограѓански конформизам, простотилак, шовинизам, невоспитаност, дрскост, нападност, слепа и глупава убеденост дека жената може да се понижи, намали, згмечи само затоа што контекстот не дозволува да се скрши нејзиниот став и ум. Има такви мажи, ама и жени, насекаде. Особено ми се одбивни мажи кои штом видат жена сама на јавно место веднаш ја напаѓаат или мажи кои женската љубезност ја толкуваат како расположеност за комуникација. Тоа е рушење на основното право на човековото суштество да биде свое, само и слободно. Една жена која решила сама да го минува своето време на улица, во хотел, во кафуле, тоа е така затоа што таа решила да биде сама и веројатно и затоа што сака дома да си оди сама и да спие сама.
Би рекла дека како човечка особина - која не мора нужно да биде машка - ми се допаѓа автентичноста на личноста, добрината, храброста, отменоста, ставот на карактерот, вкусот за убави нешта и остроумната проникливост, интелигенцијата, безвремениот шарм.
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
Н. С.: Сретен Костиќ. Поради ненаметливоста, неконформизмот, самоувереноста, дискретниот шарм, истанчениот вкус, префинетиот стил, разговорната дарба и интелигенција, смелоста да се биде свој.
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
Н. С.: Се разбира дека е можно пријателство меѓу маж и жена, дури би рекла дека тоа може да биде поискрено и повеќе пожртвувано од пријателството меѓу две жени. За среќа, не се сите мажи и жени создадени да се привлекуваат или да си се допаѓаат. Фала богу!
* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
Н. С.: Јас би рекла различноста повеќе отколку спротивноста. Разликите имаат привлечна сила, различностите се привлекуваат. Спротивностите се одбиваат.
Иако спротивноста има некоја чудна одбивна сила претежно поради несоодветноста и противречноста, честопати спротивностите умеат и магнетски да се привлекуваат, ама не секогаш и да се разбираат. Токму тука настануваат разидувањата.
Предизвикот на една жива и витална љубовна врска се состои токму во тоа: од триењето и судирот, од несогласувањето и недоразбирањето, од необичноста и различноста да се извлече сила, страст, свежина, полет и способност да се обнови односот, постојано да биде необичен, посебен.
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
Н. С.: Би рекла соучесништвото. Толеранцијата подразбира неретко и тортура, трпење, траење, трошење и најстрашно од сѐ - целосен премолчен компромис. Замисли да толерираш некој што има нездрави прехрамбени навики или некој што има пари само заради тоа што ти немаш? Тоа би можело да прерасне во пасивно-агресивен кошмар. Соучесништвото подразбира задоволство, уживање, радост, пријателство, партнерство и пред сѐ одење заедно во иста насока, кон иста цел, како и во тангото: двајцата танчари чекорат заедно во ист правец, со доверба, со интуиција и пред сѐ со и во заедничка оска.
Знаете, кога се танцува аргентинско танго, секој партнер ја губи својата оска за да најде една заедничка оска, која се наоѓа некаде меѓу двете тела: така двете тела стануваат речиси едно. Штом се соединети, тие можат да направат секакви фигури со импровизација, без притоа и да се погледнат во очи или договорат: можат да се вртат околу таа оска, да излезат од таа оска и веднаш да се вратат во неа, да црпат сила од таа заемна оска, да земаат сила еден од друг без притоа никој од нив да ја загуби силата, туку напротив - постојано да ја генерира и крева. Големиот аргентински маестро Карлос Гавито рекол дека танцуваш танго само кога ќе почнеш да ги танцуваш чувствата, а чувствата немаат време, тие се душата на една личност. За да танцуваш танго треба да имаш ритам и интуиција, треба да знаеш да чекориш, да се движиш правилно, со нозете да се стремиш кон земјата, а со главата кон небото, треба да знаеш што точно да направиш во одреден момент на одредено движење. Најголемите танго маестра од Пабло Верон до Мигел Анхел Зото за да научите да играте танго, прво што ве учат е да чекорите. Чекорење. Одење. Многу ученици се досадуваат или уморуваат од право чекорење и сакаат веднаш да научат сѐ, фигури, постури, акробации. Но, вистинската танго лекција првин те учи да чекориш за да можеш да научиш да танцуваш за и со партнерот. Исто така е и во љубовта.
* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
Н. С.: Не сакам поделби и етикети, особено не сум приврзана за концептот на бракот, не ми се допаѓа идејата да потпишам договор со некого само заради тоа што се сакаме и си се допаѓаме. Љубовта не бара нотарски гаранции. Во конзервативните општества мора да постои брак за да опстанат разни социјални структури. Во современиот свет има многу семејства каде што мајката е столб на семејството, но и обратно - каде што само таткото се грижи за децата. Исто како што има и брачни заедници без деца. Итн., итн., итн. Но, тоа не е сега ни важно. Важно е во еден однос мажот и жената да се усогласат за да станат заемно една ствар, односно да создадат заедно трет елемент: тоа е врската, односот, поврзаноста. Штом постои свест за тој заеднички содржател, за тој заеднички проект, тогаш сѐ се одвива и случува во насока на тој трет органски дел составен од двајцата партнери, но и од стремежот, копнежот, повтежот за изградба на нешто ново, а сепак блиско и присно. Затоа, секој љубовен однос е свет за себе, посебен, единствен, неповторлив, неспоредлив.
Јас сум приврзана за личносната слобода, слободата да се биде свој, да се биде верен и доследен на себе, да се остане автентичен, а таа слобода не е нужно индивидуалистичка, туку може да постои и во една љубовна врска. Тоа е реткост, но токму во тоа е и убавината.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Наташа Сарџоска