НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: РЕБЕКА ЛЕ МОН

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Во нејзината убавина може да се увери секој што ја следи на Инстаграм бидејќи таа е блогерка. Следбениците на Ребека Ле Мон се многубројни, а темите за кои зборува отворено се интересни, привлечни за мнозинството. Несомнено и фотографиите. Родум од Скопје, на 12 години се преселила во Франкфурт, Германија. Таму го завршила и основното и средното училиште, како и студиите по маркетинг и комуникација. Се дообразувала во Малага, Шпанија и во Нинберг каде што се здобила со мастер за финасии. Тоа време го запознала Марк и набргу се преселила во Сан Франциско, кај него. Денес ужива во мајчинството. Времето на Инстаграм го минува незалудно, пишува за healthy lifestyle, за модата.., но не изостануваат ни советите за мајките и moms to be. Снимките ги прави самата бидејќи фотографирањето е исто така нејзина страст.

СИМУЛТАНКА

ММ: Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

Ќе кажам само дека убавината на една жена е убаво да оди со убавината на душата на еден маж. 

ММ: А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

Никогаш не сум можела да одолеам на УМСТВЕНИТЕ атрибути. Убавината е минлива. Секогаш велам дека по убав човек можеби ќе се завртиш кога ќе помине покрај тебе, со слаткоречив човек ќе застанеш, но со добродушен и паметен човек ќе останеш. Често добивав, па ајде да кажеме сѐуште согледувам дека на многу луѓе им е чудно што сум мажена со 23 години постар човек од мене. Многупати ме прашуваат како се снаоѓам и секогаш ќе им го одговорам истото, секогаш имав постари партнери од мене, па дури и постари другарки, зашто никогаш не сум знаела да се снајдам со луѓе на моја возраст. Животот и околностоте ме натераа да пораснам многу брзо и никогаш немав време да бидам тинејџерка, туку од child отидов право на adult. Тешко беше - да, но денес сум благодарна за сѐ што ме натерал животот да направам, зашто ако не се случело сѐ тоа што се случи никогаш немаше умствено да сум таму каде што сум сега. Затоа секогаш ќе ги одберам умствените атрибути пред физичките. Марк ме освои со ГЛАСОТ, па со начинот на размислување за многу работи во животот, со неговото знаење за сѐ, некогаш му велам дека е како google, што и да го прашам е како енциклопедија, сѐ знае, таков човек ми треба како партнер, што ќе ме мотивира да научам и јас нешто од него. Интелектуалната моќ секогаш ми била на прво место и ќе ми остане. 

ММ: Дека таинственоста е својствена за Вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

- Би можела само да одговорам од моја перспектива, мислам дека секоја жена бара нешто различно. Како што одговорив на претходното прашање, интелектуалната моќ за мене лично е најважна. Потоа заштитничкиот однос, тоа навистина секогаш сум го барала кај партнерот и можеби затоа и сакав секогаш да се постари од мене. Многу ќе кажат “оваа дефинитивно има daddy’s issues, но дефинитивно мислам дека се во грешка. Нема ништо поубаво од тоа, барем за мене, кога ќе се осетам заштитена и навистина сакана. Исто така, многу ми е важно партнерот да има добра душа и брзо да простува, да не е злопамтило и дури и кога сме скарани, да е тука за мене. Има една слика од постар брачен пар која беше доста позната на Инстаграм каде што парот седи на клупа и врне, двајцата се лути еден на друг, имаат такви намуртени лица, но тој ѝ го држи чадорот врз неа за да не ја врне и покрај тоа што ѝ е лут. Баш на ова мислам. Иако сме лути еден на друг, да знам дека сепак би бил тука за мене. 

ММ: Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

- Да, ја согледувам разликата. Според мене, кавалер е маж од 50-тите години, кој се грижи за жената, но не ѝ наредува, ја почитува, ја сака. Отсекогаш сум била старомоден тип на девојка и сум сакала мажот да е маж, а жената да е жена. Не го гледам тоа како да е тој супериорен во однос на мене ако јас не работам или ако само тој ги снесува да речам финансиите во домот. 

Секогаш сум го почитувала односот на паровите како во 50-тите години кога жената го чека мажот дома, таа се грижи за домот и децата, а тој за финансиите. Ги почитувам жените што сакаат да бидат независни и убаво е тоа што сакаат да учествуваат во сѐ, но за мене тој човек што е одговорен за домот е господин човек, фамилијарен човек, кавалер и одговорен човек. 

ММ: Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

-Ме привлекува кога мажот уште на првиот состанок ќе покаже манири од типот: ја отвара вратата за мене, ако ми е ладно, ми го дава палтото, ме остава да порачам прва, не ми сугерира да порачам исто како него, ме остава да дозборувам или не ме прекинува додека зборувам. Сѐ што е спротивно од ова, навистина ми е одбивно. Исто така ме привлекува кога мажот не е нападен, да земам пример за прв состанок пак: не би ми се допаднало кога би бил нападен со погледи или би сакал да ме бакне, а би немало момент за тоа. Нападност и некои глупави пораки најмногу знаеле да ме изнервираат. Кај Марк ме освои тоа што навистина човекот до крај ме почитуваше, како во 50-тите години кога те бара прво за жена, а потоа сѐ друго. Таков почит барав цел живот од машко. И покрај тоа што бевме на патувања пред брак, секогаш си земаше посебна соба за него и тоа ми покажа колку е убаво кога машкото ќе покаже присебност и почит спрема жената. Стрпливост, истрајност и љубов, за мене лично, сѐ тоа се прави од љубов. 

ММ: За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

-Одамна не сум била во Македонија, но би можела да кажам две имиња кои ми останале во сеќавање и за кои мислам дека се навистина џентлмени: Влатко Чадиковски и Синиша Ивановски. Зошто овие двајца? Искрено, никогаш немам чуено лоши работи во јавноста за нив двајца. Двајцата ги почитувам поради тоа што секој на своето поле е посветен кон својата работа. Потоа, им се восхитувам поради тоа што станале успешни на млади години без никаква помош од семејството. Сѐ што имаат денес го создале сами, со свој труд. Џентлмени зашто секогаш така се однесувале кога сум била присутна во нивно друштво. Вистински човек со добра душа, дефинитивно и двајцата, зашто и двајцата сакале и сакаат да помогнат барем кога јас сум била во прашање. 

ММ: Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

-Мислам дека пријателство меѓу машко и женско постои, но е многу, многу ретко. Најчесто едниот се заљубува во другиот и потоа нема ни Д од тоа другарство. Јас искрено не верувам, но сум видела дека има, иако не можам да знам дали едниот од нив некогаш бил заљубен во другиот.

ММ: Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

-Мислам дека е убаво да се има компатибилност во една врска или брак. Не мора да преовладува на сите полиња, но барем на неколку. Другото е компромис. Марк и јас навистина сме слични во многу работи. Во размислувања за животот, во тоа што јадеме, во тоа како сакаме да го воспитуваме Макси. Исто така, нашите хпроскопски знаци Бик и Девица се навистина 100% компатибилни. Дури и звездите се на наша страна. Од моја перспектива гледано, мислам дека би било тешко ако во сѐ има спротивност. Иако се вели дека минус и плус се привлекуваат сепак + и + секогаш е = +, барем и во математиката учевме дека е така.

ММ: Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

- Довербата, лојалноста, толерантноста, респектот еден кон друг и, секако, ЉУБОВТА и СТРАСТА, кои не треба да се запостават. Најчесто, кога ќе дојдат децата во бракот, паровите не наоѓаат време за себе и јас тоа го разбирам, но мислам дека во 7 дена, барем во 2 дена од тие 7 е можно да се најде по еден час или 60 минути за да се изгледа еден филм заедно, со многу свеќи, убава закуска и многу прегратки. Таквите вечери ќе му дадат сила на овој пар да ги издржи сите тешки денови зашто нормално, како што напоменав, кога децата ќе дојдат во бракот сѐ станува потешко и покомплицирано, но баш тоа треба да го гледаме како предизвик за да станеме ние двајца како пар уште подобра верзија од нас, да им бидеме пример на нашите деца зашто тие секогаш ќе бидат како сунѓери што СÈ, буквално СÈ впиваат.

ММ: И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

- Како што погоре одговорив, баш и оваа поделба ми се допаѓа. Старомоден тип бев и останав. Сакам мажот да ја има таа заштитничка улога во семејството, а жената да се грижи за семејството, домот. Исто така, мислам дека зади секој успешен маж има исто така една упорна, грижлива и успешна жена која секогаш е тука за него, која му дава слобода да работи без да го прашува на секои 5 минути кога ќе дојде дома. Жена која му е десна рака во градење на империја, зашто кога таа би здодевала и би го контролирала - тие заедно никогаш не би можеле да изградат империја заедно, а според мене тоа е бракот. Да се издигнеме нагоре заедно за да им оставиме legacy на нашите деца. 

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Ребека Ле Мон