НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: САШКА ПАВЛОВСКА

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Естетскиот идеал на убавината (женската, се разбира) во дваесеттиот век е противречен, а промените се децениски, за разлика од претходните кога не биле чести, се врзувале со епохи. Машкуданскиот изглед на Твиги, кој ги одбележа 1960-тите, во 1970-тите, 1980-тите, во 1990-тите веќе не беше прототипски, се замени со сексапилот и покрај тоа што се задржа витата става. Имено, креаторите му даваа предност на мускулестото, затегнатото, здравото тело. Жените почнаа да вежбаат, да спортуваат и да одат во теретана. 1980-тите и 1990-тите ги одбележаа супермоделите, како на пример Клаудија Шифер, Линда Евангелиста, Наоми Кемпбел, Синди Крафорд чија конституција беше атлетска, едноставно имаа облини. Кејт Мос беше исклучок, го предводеше новото движење, трендот на мршавост, нездрав тен... А, интелектот е особено важен, буквално секогаш, па и тогаш.

Но и денес, во комбинација на убавината со две придавки - „неодолива“ и „македонска“. Без нив, таа нема смисла. Неоспорна е синтагмата и кога се работи за Сашка Павловска, инаку филолог по вокација. Специјалност ѝ се јужнословенските јазици, меѓу нив и македонскиот. Без оглед на петнаесетгодишното искуство, професионално - во доменот на продажбата и маркетингот, во моментот е слободен уметник, во буквална смисла на зборот. Нема сомневање ни кога е нејзиниот креативен, творечки дух во прашање, очигледен и во работата (неодамна имаше своја изложба, концептуална - „Перцепција“), но и во трагањето по вистината. Истовремено е и реализирана пријателка, партнерка и мајка на две ќерки: седумнаесетгодишната Матеа и петнаесетгодишната Катја.

На десетте прашања од симултаното интервју одговори за време на подготовката за изложбата - посветено, инспирирана од личното искуство, раководена од мислите.., навремено - како што му доликува на вистински професионалец.

СИМУЛТАНКА:

* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

С. П.: Дефинитивно, еквивлент или пандан на женската убавина би било машкото срце (ако треба да одговорам категорично). Оттаму се рефлектира целосната „убавина“ во формата во која се манифестира. Eсенцијална дефиниција за убавина (било женска, било машка) е онаа што зрачи однатре.

* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

С. П.: Ако треба да ја посочам привлечноста на физичките атрибути, тоа се очите и рацете. Стабилнoст во динамиката на говорот, гласот, капацитетот на слушање, енергетското присуство, смислата за хумор и менталниот капацитет го надополнуваат позитивниот впечаток. Но, на крајот, она што го задржува моето внимание и ме инспирира на посветеност е искреното другарство во односот, желбата за заедничко „растење“ и разбирање на различностите. Сѐ друго е последица на претходното.

* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

С. П.: Не би можела да ги категоризирам барањата или тајните на феноменот жена бидејќи сите ние сме засебни битија и имаме свои претходни искуства од кои создаваме параметри за понатамошни избори во однос на партнер, па оттука би кажала: секоја жена заслужува да биде освојувана како непознато искуство со отворено срце, почит и посветеност“. Тоа е мојот достоинствен совет до мажите, ако веќе треба да се обратам во име на жените.

* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

С. П.: Предимство би му дала на оној господин што знае да се однесува џентлменски и достоинствено кон жената. Позади гоподинот, џентлменот стојат атрибути кои го дефинираат истиот, за кои погоре на некој начин веќе и одговорив. А, позади мачо, т.е мачизмот стојат атрибути кои секако имаат своја вредност за некого, но не се во мојата листа на вредности за давање предимство.

* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

С. П.: Манирите во однесувањето се одраз на вкоренетите вредности, пред сѐ од домашното воспитување. Секако дека манирите не се клучни за целосен впечаток, но оддаваат слика на внимание и почит кон жената. Ми значат онолку колку што ќе почувствувам дека се искрени. Може да ме одбие маж кој не умее да биде фокусиран/целосно присутен во дадениот момент. Позади тој НЕфокус се редат многу слабости кои не се видливи, но тивко сигнализираат.

* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

С. П.: Можам да одговорам на прашањето што е вистински господин, џентлмен според мојата дефиниција. Тоа е човек со отворено срце што по автоматизам го прави храбар маж. Тоа е некој што знае кој е во сопствените вредности и што знае да почитува различности. Тоа е маж кој ги почитува жените. Тоа го прави заштитник. Не познавам ниеден познат македонски господин толку блиску за да го потврдам според мојата дефиниција, а сигурно постои.

* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

С. П.: Според мене, Оноре де Балзак ја кажал вистината на начинот на кој го толкувам, но не значи дека не е можна пријателска врска меѓу маж и жена. Можна е дотаму докај што постои пријателството. Оној момент ако/кога ќе се појави привлечноста, тешко е да опстане пријателството. Како и да е, нештото престанува да постои (било тоа пријателство или друго) кога нема веќе своја функција.

* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

С. П.: Според физиката, различностите се привлекуваат. Според моето искуство досега, верувам дека различностите треба да се почитуваат доколку се стремиме кон среќни, хармонични односи, а во процентуланата реалност опстануваат нештата кои се слични, исти. Формулата би била: како различностите кои се привлекуваат да успеат да се почитуваат како различни!? Последицата од таа перцепција веќе никогаш нема да сака да прави разлика. Не дека е лесно, но едноставно е.

* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

С. П.: Одговорот е категоричен - ЕМПАТИЈА, а таа со себе носи цела „армија војници“ кои се борат пред сѐ со себе, а потоа во корист на заедничкиот однос. Меѓу нив секако е и трпеливиот и сочуствителниот и слични на нив. Во еден период од животот прочитав еден текст со наслов „Тајната на среќниот брак/врска/однос“, како и да го дефинираме, кој  велеше вака: „Кога секој би правел сѐ за да го усреќи другиот и тоа би го направил среќен, нема да има несреќни бракови/врски/односи“.

* И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

С. П.: Според мене, двете улоги имаат своја вредност и „тежина“, но суштината е во следното: мажот ги „држи“ двајцата, а жената го одржува балансот/рамнотежата. Во таквиот сооднос се постигнува рамноправност која е последица на две еднакво реализирани единки.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Сашка Павловска