НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ТАТЈАНА АЛЕКСИЌ
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото
мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не
може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Естетскиот идеал на убавината, женската се разбира и неговото видување, воспримање на истиот се менувал со текот на времето - годините, децениите, вековите. Ја одбележувала секоја епоха, буквално. И викторијанското или времето на владеењето на англиската кралица Викторија (1837-1901) имало свој - прототип на убавината, кој навидум е сличен на денешниот. Се карактеризирал со многу тенка половина (струк), бујни гради, полн задник. Не било едноставно да се постигне таков - изглед со максимален визуелен ефект. Половината се „танчела“ со корсети, а задникот се „зголемувал“ со подздолништа, обрачи... Целта била повеќе од јасна: да се долови т.н. песочен саат, оптички. Жените носеле корсети постојано, дури и во бременоста. Од тие причини раѓале мртви деца или болни, растроени душевно, физички, а неретко ја губеле и плодноста. Убавината очигледно имала цена - по нивното здравје. Надворешната, секако. А, внатрешната..? Кој знае.
Наставничката по македонски јазик и литература - Татјана Алексиќ ја поседува и едната и другата. Комплетноста ѝ е императивна, од наша гледна точка. Од нејзина, таа е семејна, обична жена на која синтагмата „неодолива убавина, македонска“ ѝ годи, но не ја доживува, не живее со неа. Омажена е веќе 30 години со дечкото од школската клупа, а заедно се дури 40. И како што вели - најубавото нешто што ѝ го направил во животот, велемајсторски, се нивните синови. Љубов, страст ѝ е полна училница деца, само таму е автентична, своја и вистински професионалец, додека цртањето на свила и стакло, емисиите, колумните, претставите ги прави аматерски, заради занимација. Но, признава - го сака и готвењето и кујната „без оглед на скромните 59 килограми“. Пасија, страст ѝ е и животот, едноставно го сака.
Нејзиниот луциден дух, таквата мисла е забележлива и во симултаното интервју, т.е. одговорите на прашањата врзани со машко-женските или женско-машките односи, сеедно. Без предност, ничија.
СИМУЛТАНКА:
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
Т. А.:Пандан на надворешната убавина е внатрешната убавина, тие си пркосат една на друга во хармонија. Убава душа, убава мисла, убавиот збор излегуваат и убавеат на виделина, без родова дистинкција. Еквивалент на убавината е добрината, добриот човек е најубав на светот, било маж или жена. Пандан на женска убавина е машко срце на витез, витешкото срце се бори за својата дама, ја штити и шармира со витешки доблести, а тие се чесност, храброст и лојалност.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
Т. А.:Се вљубив во маж ми на 17 години затоа што беше убав, за мене најубавиот во гимназијата „Орце Николов“, каде што обајцата завршивме средно. На тие години најважна ми била убавината, за ништо друго не сум размислувала. Колку и да сакаме да дадеме приоритет на духовноста и умноста, на прв поглед доминира „амбалажата“, физикусот нѐ освојува. „Атрибути“ од типот „бизнис“, „автомобили“, „хациенди“ и слични пропратни елементи за „вљубување“ не функционирале во минатиот век кога сме се вљубувале. Идеалот бил „само да е убав и да имаме убави деца“!
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
Т. А.:Во принцип не барам ништо, ако мажот знае да сака и почитува, ќе добијам сѐ што ми треба. Барањата и очекувањата се илузорни, ја расипуваат илузијата за среќа.
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
Т. А.:Супериорноста на мажот спрема жената е природна, во физичка смисла мажот е подоминантниот и фала Богу што е така. Мажот треба да биде заштитник на домот, семејството, невидлив чувар на својата сопруга и децата, да знае „да удри од маса“ кога треба, секако во фигуративна смисла, да има став и држење, а притоа да остане воспитан, културен и џентлмен. Мачизмот е игра без ритам, покажување сила, а всушност е слабост. Мажот нема потреба да манифестира сила кога е во прашање релација со жена, треба да ѝ покаже љубов. Љубовта е единствениот начин да го разбереме саканото суштество, а каде што има љубов нема агресија.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
Т. А.:Воспитаност и спонтаност. Спонтаноста е шармантна кога излегува од воспитан човек со добри манири. Шармот е во спонтаноста и не знае за калкулации, манипулации и глумење „финоќа“. Површен шарм се разоткрива во непријатни ситуации, карактерот на човекот е видлив само во тешки ситуации, во арно е лесно да си арен. Но, сето тоа е теорија, посакувани критериуми за допадливост за кои само раскажуваме, а во пракса не е секогаш така. Вљубеноста знае да ги изврти критериумите наопаку, а љубовта да ги смени сите можни видици и перспективи, да ти „паднат во вода“ критериумите сосе амбициите во пакет. Многу е битна возраста во која се вљубуваш, таа ги менува критериумите за привлечност и одбивност.
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
Т. А.:Најженствено или најџентлменски нема да посочам еден маж, но ќе признам дека крај мене растат и осозреваат два џентлмена, моите синови, Ненад (30) и Алекса (22). Третиот „син“ (сопругот) многу го разгалив уште во младоста за да има префинети манири кон мене (кон други жени е џентлмен и така треба).
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
Т. А.:Секако дека е можно. Дури и ако постои заљубеност, може да се избалансира и да се остане пријател на дистанца, без никаква интимност. Сѐ е до мозокот и воспитаноста, човек може и треба да умее да се воздржи и да ги дистанцира луѓето, без да ги повреди. Проблем е кога некој во твојата воспитаност и културна комуникација гледа можност за додворување, но и проблемот се решава со јасно укажување до каде се може. Балзак е во право, но тој итро вели дека мажот нема да ѝ биде пријател ако може да ѝ биде љубовник, што значи дека жената му дозволила, му дала можност за интимност.
* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?
Т. А.:Нема рецепти, ниту сугестии, мудрости, а најмалку правила кога во прашање е партнерска љубов. Спротивностите може да се привлечат, но со тек на време да бидат причина за низа недоразбирања. Убаво би било да имаш сродна душа крај себе, твој пандан на „соулмен“.
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
Т. А.:Толерантност и трпение се битни за сѐ во животот, на секое поле. Но, претерана и еднострана толерантност во врската може да направи од партнерите патолошки однос на жртва и агресор. Секој ги пронаоѓа своите „тајни“ за среќа, но затоа се тајни - не се за прераскажување.
* И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
Т. А.:Со должна почит кон мажите, но жената е епицентарот на светот, таа е папокот на светот. Најмалку што треба еден маж да научи е да ја почитува нејзината кревкост и да се восхитува на нејзината сила. Ете, така се станува џентлмен.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Татјана Алексиќ