Невиден аристократки луксуз: Македонската Палата од Баронот на челикот
Импозантни сводови, масивни кристални лустери, мермер, бронза, позлата се само мал дел од фасцинантниот објект
Во нашата земја има неколку зданија кои раскажуваат цели истории. Споменици на времето, посматрачи на настаните, сведоци на бурни и убави нешта. Ние имаме неколку палати, посебно во главниот град кои восхитуваат со архитектурата и грандиозноста. Некои го издржаа катастрофалниот земјотрес и останаа недопрени.
Но во една палата, не толку многу позната и експонирана, постои таков ентериер што го нема речиси никаде. Внатрешноста изгледа како во кралските замоци, секоја соба приказна за себе. Со време, била поделена на неколку катови, а ние ви го издвојуваме најубавиот кој е во приватна сопственост. Се работи всушност за Палатата од Баронот на челикот и претставува споменик на културата.
Ремек делото на старата Европска градска архитектурата е малку затскриено, ама на најпрестижна локација во срцето на Скопје, кај алејата на дивите костени, Скопската Парк Авенија, во непосредна близина на градскиот парк и Владата, во централното градско подрачје.
Изградена е од првиот трговец со челик кој го нарекувале Барон во 1900 година, а автор е познатиот архитект на Ристиќевата палата, Драгутин Маслаќ.
Резиденцијата претставува дело на безвремена архитектура на која се учи на престижните универзитети во Европа и на архитектонскиот факултет во Скопје, и како оригинален историски споменик е заштитенa со закон.
многу интересен факт- по Втората Светска војна во овој апартман била сместена првата Влада на Република Македонија. Исто така ова е едно од двете импозантни архитектонски зданија кои не биле оштетени од земјотресот поради ингениозното инженерство и челичната структура имплементирани во објектот.
Располага со вкупна површина од 300 м2. Претседателскиот апартман е реновиран по највисоки стандарди. Стамбената површина има високи сводови од 3,40м., на целиот прв кат (што е ислкучително ретко да се најде како целина во Скопје).
Апартманот се состои од 8 огромни соби, голема кујна, 3 луксузни бањи, 2 балкони и 2 големи тераси.
Ќе ве воодушеви мебелот. Делумно е рестравриран, а делумно е нов. Се мешаат Луј 16 и Роко бароко стилот, гламур блешти од сите страни и изгледа како да сте во некој средновековен дворец.
Имотот исто така располага со сопствена гаража и куќичка за велосипеди во дворот, како и две сутеренски простории.
Ова е можеби единствен резиденцијален простор во градот со театрално високи сводови, пространи балски соби, и оригинални декоративни детали од минатата ера со толку голема квадратура.
Апартманот е целосно опремен со луксузно уредени бањи, кујна, драперија и завеси, како и лустери од вистински масивни скапоцени кристали во секоја соба. Повеќето од орнаментите датираат од пред 115 години.
Има четири постоечки влезови, два главни поставени еден спроти друг, и два споредни влезови за послуга и намирници со заеднички пристап од мезанинот кои водат преку терасите.
Постојат две класични антреа од двата главни влеза, едниот води кон формалното крило а другиот кон интимниот дел од апартманот.
Грандиозиот салон инкорпорира три соби за дневен престој, дневна соба, трпезарија, библиотека (музичка соба/ канцеларија), кои се отвораат и така сочинуваат балска сала соодветна за најсофистицираните формални приеми.
Главната спална соба е со западна ориентација и фантастичен поглед на крошните на дивите костени.
Двете дополнителни пространи и тивки сончеви спални соби имаат источна ориентација и излез на големи тераси со поглед на Гинко, дрвото на животот, кое е првото посадено во Скопје и е исто така заштитено со закон.
Двете раскошни бањи и едниот дополнителен тоалет се со големи прозорци, природна вентилација која е реткост. Бањите се целосно поплочени со најквалитетни порцелански плочки од Шпанија. Кадите се во англиски стил со позлатени чешми, стилските огледала се од Италија, а бронзените ламби со свилени абажури се од Австрија.
Големата кујна е комплетно опремена со природен орев и мермер, со витражно стакло, и акценти на бронза од Италија.
Една посебна соба е организирана како пералница со влез од големото купатило и со излез на тераса.
Има два балкони во салонскиот дел, и две големи тераси во делот на спалните кон градината. Исто така, сите соби се опремени со многу вредна тешка брокатна драперија и органтински завеси со месингани корнизи од ерата во која е изградена палатата.Паркетот е дабов со повеќекратен лак со висок сјај.
Сите кваки на вратите и галантеријата на прозорците е исто така обновени во стилски месинг од истата ера.
Овој дел од палатата е реставриран од семејството и сопственичката Наташа, сакајќи да го зачува сјајот на славната епоха во која сме биле успешни, напредни, и гламурозни во секоја смисла, како симбол кој не само што инспирира, туку открива каква инспиративна моќ е во нашата природа.
Нејзиното семејство го посвети својот живот и тешко заработени средства во возобновување на палатата. Генерации на две семејства се вложени во создавањето на овој капитален посед. Во имотот се вложени над милон евра само во реновирање, десет години интензивна реставрација, и неизмерно многу љубов. За возврат имотот им пружи вистински рај за живеење, неверојатен успех, среќа, и долгорочно ја издржува како неа, така и нејзиното семејство во Соединетите Американски Држави. Едно време беше амбасада, подолго време се продаваше по цена од 2 милиони долари, па цената беше намалена, но убавина на оваа палата никогаш не може да се намали.
Небојша Толески