О, ФФМ, во градиве зошто жал лута ме стиска?
Имав шест години кога мојот покоен татко ме седна до него и ми рече: „Ќе те носам на еден голем натпревар, на Градски стадион во Скопје. Ќе играат Вардар и Црвена Ѕвезда. Треба да бидеш мирна, да ги следиш сите правила. Овој натпревар ќе биде многу поинаков од тие досега. Од возбуда, едвај го изустив ветувањето „ Да тато, ќе бидам послушна“. Двајцата, бевме страсни Ѕвездаши.
Натпреварот го проследив на нозе, за да имам поголема прегледност на теренот. Ветувањето дека ќе бидам послушна не го исполнив. Иако татко ми неколкупати ме предупредуваше, не можев да се воздржам, а да не извикам „Уа, Мечкаров“. Прекинав, кога еден човек довикна „Аман, прибери си го девојчево“.
Татко ми Јордан Алксоски, беше поранешен фудбалер на ФК Маврово, подоцна ФК Гостивар. Кариерата мораше да ја заврши порано, бидејќи му ја скршија ногата при еден дуел на терен. И неговите помлади браќа Богосав и Живко играа за истиот клуб. Продолжи да живее за фудбалот до крајот на животот. Беше дел од управата на клубот, а потоа стана и секретар на Фудбалскиот Сојуз на Македонија. Како татко само на ќерки, се изненаден кога забележа дека фудбалските гени проработеле токму кај мене. Уживаше додека ме гледаше како жонглирам и шутирам, како се борам дури со поголема страст од некои момчиња. Редовно почна да ме носи на стадион во Гостивар. Бев присутна и на гостинските натпревари низ Македонија. Честопати седев на клупата со тренерот и резервните играчи.
Наместо кукли и фустанчиња, ми купуваа тренерки, дресови, патики и топки. Бев дел од школските тимови за ракомет и кошарка. Ми ја пукнаа аркадата, ми го повредија коленото, наместо “банани’ добивав удари по глава. Тренирав гимнастика, ме подготвуваа и да бидам дел од скијачкиот гостиварски клуб. Во средно, станав дел од кошаркарскиот тим, па дури и на одбојкарскиот. На физчко играв фудбал со момчињата од класот.
Првиот мој албум исполнет со сликички беше од светското првенство „Минхен 74“. Ги следев на телевизја сите фудбалски натпревари од првенствата и мундијалите. Уште го паметам врисокот на татко ми кога Каталински постигна гол со глава на натпреварот Југославија –Шпанија. Не ја заборавам радоста што ни ја донесоа Јарни, Просинечки, Бобан. Уживав во играта на Јохан Кројф и на „балетанот на трева“ Платини. Кога веќе застанав на свои нозе, продолжив сама со моите фудбалски патешествија. Горда, со крената глава седев спроити Делиите на белградска Маракана, навивајќи не само за Црвена Ѕвезда, туку и за моите Панчев, Најдовски и Канатларовски. Три двокатни автобуси тргнаа од Скопје за Софија, да го проследат натпреварот Црвена Ѕвезда –Сампдорија. Бев единствена девојка мегу навивачите.
Се омажив, станав мајка. За среќа, сопругот е голем вљубеник во спортот. Таа љубов ја пренесовме и на нашиот син. Дома е празник кога се игра некој битен натпревар. Со текот на годините син ми почна да ми го поставува истото прашање „Мамо ќе се пласираме ли некогаш на Европско“. А, јас му го давав одговорот на татако ми. „Јас стареам сине , ама ти си млад и ќе дочекаш“.
Но, ете. Не остарев многу, а дочекав Македонија да оди на Европско. Радост невидена. Радост до солзи.
По традиција, го вееме македонското знаме низ светов на ракометните првенства.
Истото мислевме дека ќе го правиме и на Европското во Букурешт. Аплициравме за билети. Од 10.000 пријавени, по „случаен избор“ добиле само 200. Ние не сме меѓу нив. Дел од останатите 1.800 се поделени на медицински лица, што многу ме радува. На навивачки групи, заслужено.
И сега како, да го исполнам мојот сон и ветувањето што му го дадов на татко ми? Тој не би сакал да молам. Не би сакал ниту да се понижувам или уценувам.
Знам дека од горе ме гледа и ми праќа абер „ ќерка биди си со крстот на чело, ама не ја премолчувај неправдата“.
О, ФФМ, во градиве зошто жал лута ме стиска? Можеби искуството од вакви натпревари, распредела на билети, годишни пропусници, ме тера да размислувам поинаку. Можеби на мое место ќе бидат претставнички на понежниот пол ( чест на исклучоците) на кои многу повеќе им значат брендовите од шопинг центрите, отколку Сабицер, Алаба, Живченко, Јармоленко, Депај, Вајналдум... Сум била сведок на такви ситуации. Можеби наместо сопругот, ќе бидат битни фаци од земјава, кои со овие два натпревара , пет пати биле на стадион. А можеби има и такви, кои ја покажуваат добрината делејки им билети на оние кои само сакаат да постираат фотки на инстаграм од Романија. За имиџ. За лајкови! На местото од мојот син.
Љубовта кон спортот, фудбалот не може да ни ја згасне ова разочарување. Ќе навиваме и врескаме дома пред телевизор, облечени во оние, стари дресови. Напред, Пандев! Напред Елмаз! Напред Барди! Навивањето за нас е патриотизам. Не го поистоветуваме со национализам!
Соња Алексоска Неделковска