ОКТА додели стипендии за постдипломски студии на УКИМ

ОКТА преку својата програма за стипендирање, и во време на криза и големи предизвици, продолжи со поддршка на образованието и на новите генерации во државата. Како дел од корпоративно општествено одговорната стратегија, компанијата додели пет целосни стипендии за втор циклус студии на дел од најуспешните студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Оваа програма се реализира четврта година по ред, а годинава стипендии добија по двајца студенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии и на Технолошко - металуршкиот факултет и еден студент на Природно - математичкиот факултет (Институт за хемија).

Со цел придржување до протоколите за заштита од пандемијата со КОВИД-19, традиционалната посета на компанијата, годинава беше заменета со онлајн средба на добитниците на стипендија соглавниот извршен директор на ОКТА, Вук Радовиќ.

„Воопшто немавме дилема дали да ја продолжиме нашата програма за стипендирање, бидејќи инвестирањето во идните генерации инадградбата на нивните знаења и вештини секогаш е исправна одлука. Наша примарна цел е да ги охрабриме и да ги мотивираме успешните студенти да го продолжат образованието и постојано да истражуваат и да иновираат. Во крајна линија, токму квалитетното образование е еден од основните предуслови за идниот економски развој на државата и ОКТА како компанија ќе продолжи да вложува силни напори за да го помогне овој процес“, вели Радовиќ. 

Поддршката на образованието е еден од столбовите на стратегијата за корпоративна општествена одговорност на ОКТА. Компанијата во изминатите четири години додели вкупно 35 стипендии за постдипломски студии на УКИМ, како и седум стипендии за втор циклус студии на универзитетите во Грција. Дополнително, ОКТА придонесува за професионалниот развој на младите луѓе преку својата практикантска програма низ која во изминатиот период минаа голем број студенти, се вели во соопштението.