Омер Буњаку: Ова не му е потребно на фудбалот, ова е срам за сите нас, ова не личи на Шкупи

Настаните на денешниот натпревар на Чаир во Купот на Македнија, го разочара директорот на Шкупи, Омер Буњаку.

Буњаку во објава на социјалните мрежи најостро ги осуди денешните случувања на натпреварот меѓу Шкупи и Шкендија.

Средбата не се доигра, а беше прекината по само 9 минути игра, по голот на Елези настана вистински хаос, втрчаа навивачите на Шкупи, реагираше полицијата, прекинот беше неминовен, немаше услови за фудбал.

„Се срамам од сето тоа што денеска го видов на нашиот стадион. Ние сме клуб со голема историја, со традиција и градска култура која не смее да си го дозволи тоа. Вака не се покажува љубовта кон клубот, кон градот или нацијата, ова е срам за сите нас, и затоа најостро ги осудувам сите оние кои влегоа на терен и го предизвикаа инцидентот. Воедно им благодарам на сите кои придонесоа ситуацијата да се смири и да не дозволиме да има повредени. Ова треба да биде само фудбал и спортски натпревар. Што ќе ни се и победи, и титули, ако има повредени?“ – напиша Буњаку.

ФФМ го регистрираше натпреварот со 3-0 службен резултат за Шкендија, додека стадионот на Шкупи е суспендиран на неодредено време, екипата ќе мора да игра 100 километри надвор од Скопје.