Онлајн-промоција на „Да се почне одново“ од театрологот и универзитетски професор Драган Клаиќ

Книгата „Да се почне одново“ од театрологот и универзитетски професор Драган Клаиќ ќе биде онлајн промовирана во петок (4 декември) во 19 часот на фејсбук-страницата на „Литература.мк“. Разговорот ќе биде со пензионираната професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Јелена Лужина која воедно го преведе ова дело на македонски јазик. Книгата е во издание на „Арс Либрис“ и веќе е достапно во сите книжарници „Литература.мк“ или да се нарача онлајн на веб-страницата www.literatura.mk

Онлајн-промоцијата ќе ја води уредникот на книгата, Ведран Диздаревиќ. Поднасловот на делото е „Промена на театарскиот систем“ и авторот Драган Клаиќ пред сè се занимава со прашањето „Како театарските куќи, трупи, простори, фестивали, студии, како и инфраструктурата која ги поддржува, може да се одржат во конкуренција со комерцијалната забава?“




Под притисок на економијата, глобализацијата и културната индустрија, институционалниот театар сè повеќе личи на неговиот двојник, комерцијалниот театар, и некритички го прифаќа неговиот модел. Од друга страна, и покрај субвенциите што ги добива, тој не може да го пронајде моделот што ќе му овозможи правилно да функционира и да го прави тоа што го знае најдобро: да експериментира, да истражува и да критикува. Веднаш се наметнува прашањето „што да се прави“? Книгата „Да се почне одново“ на Драган Клаиќ дава многу конкретни одговори на ова прашање и вешто се движи помеѓу минатото и сегашноста, идеалите и стварноста, уметноста и економијата, културата и културната политика – и се наметнува како задолжително четиво за сите оние што се интересираат за судбината на театарот во XXI век и се активни чинители во создавањето на неговата иднина.
 
Драган Клаиќ е роден во 1950, а починал во 2011 година. Познат е како историчар на театарот и културен аналитичар. Бил постојан соработник на здружението „Феликс Меритис“ (Felix Meritis) во Амстердам, а предавал и културна политика и уметност на универзитетот во Лајден. Одржал предавања на многу универзитети, говорел на конференции и симпозиуми и бил уредник, колумнист, истражувач и тренер. Докторирал „Историја на театарот и драмска теорија“ на престижниот универзитет „Јеил“ во САД.
 
Јелена Лужина дипломирала на Филозофскиот факултет во Загреб на темата „Југословенска и компаративна книжевност“ и во Хрватска работела како раководител во културни институции, драматург и професор во високото образование. Од 1987 година, живее и работи во Македонија. Докторирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Била професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје по предметот Македонска драма и театар и Теорија и методологија на театролошките истражувања. Иницирала отворање постдипломски студии по театрологија на ФДУ. Член е на ДПМ и на македонскиот ПЕН-центар. Во 1999 година го основала Институтот за театрологија, била организатор и раководител на театролошкиот симпозиум на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и е добитник на наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“. Лужина е авторка на голем број студии и монографии, приредувач на различни антологии и преведувач на уметнички и стручни текстови. Дел од нејзините дела се: „Македонската битова драма“, 1995; „Македонската нова драма“, 1996, „Ристо Шишков“, 2002; „Илија Милчин“, 2003, „Петре Прличко“, 2004 и многу други.

-ПР објава