Повеќе од 200 компании со поддршка за проектот „Учи паметно, работи стручно“
Деновиве сме сведоци на кампањата на Министерството за образование и наука „Учи паметно, работи стручно“, чија цел всушност е да ја подигне јавната свест за средното стручно образование како одлична можност за младите, но истовремено и да информира за неговата важност за развојот на локалните економии преку унапредување и усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на труд.
Имено, преку принципот на дуално образование, средношколците запишани во некоја од 97-те новоотворени дуални паралелки во стручните училишта низ земјата, ќе имаат можност многу повеќе да учат преку реална пракса отколку низ теорија, и тоа директно во локалните компании кои имаат потреба од тие специфични стручни профили, а понатаму и кои би им понудиле вработување на младите.
Всушност, во рамки на овој проект повеќе од 200 компании изразија интерес за соработка со средните стручни училишта и во едно се согласни сите: потреба од стручни кадри има и ќе има на пазарот на труд!
Така на пример, Александар Димовски, кој е машински инженер и ментор на програмата за дуално образование во компанијата „БРАКО“ од Велес, вели дека кај нив најбарани и најдефицитарни професии се машински техничар, бравар, заварувач и оператор на CNC машина.
„Ние имаме голема потреба од овие кадри, а дали ќе продолжат со нивното образование кон високо образование или ќе се вклопат веднаш во индустријата да работат, останува нивен избор“, вели тој, алудирајќи дека „БРАКО“ ги отвора вратите за вработување на овие кадри.
Од „БИРОСЕФ“ од Струмица, компанија од металопреработувачката индустрија, истакнуваат дека сè повеќе се гледа недостатокот на квалификувана и мотивирана работна сила на пазарот. „Континуираниот дефицит на кадри нè поттикна како компанија да се вклучиме во концептот на дуално образование, кое сметаме дека е одлична можност за практична обука на ученици кои веќе имаат познавања од индустријата, стекнати низ образовниот процес. Имаме реална потреба од квалификувана работна сила, па така секој обучен и заинтересиран ученик е потенцијален кандидат за вработување, по завршување на школувањето“, истакнува Филип Бајрактаров, оперативен директор на „БИРОСЕФ“, додавајќи дека ментори во компанијата се стручни лица, дипломирани машински инженери кои ги воведуваат и запознаваат учениците со работните процеси, водејќи смета за потребните мерки за заштита при работа.
Дел од проектот е и компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ од Кочани. Соња Донева, вработена во одделот за човечки ресурси и одговорен тренер во Automotive вели дека практичната настава е добро организирана во големите компании, бидејќи големиот број на сектори одговара на потребите на повеќе училишта со различни струки и образовни профили. „Со вклучување во дуалното образование компанијата ќе добие веќе обучен кадар, преку теоретско учење и практичната работа кај работодавецот се постигнува усовршување и се изградуваат знаења, вештини и способности во склад со образовниот систем, а сите практиканти кои ќе покажат интерес за работа по завршување на образованието нашата компанија е спремна да ги задржи на работа“, истакнува таа.
Покрај компаниите, соработка со средните стручни училишта во земјата остварија и јавни претпријатија, меѓу кои и Ј.П. „Национални шуми“ од Кавадарци. „Нашето претпријатие нуди пракса која се изведува на терен, од страна на искусни и стручни лица кои долги години се занимаваат со проблематиката на производство на дрво и дрвни сортименти. Ваквиот пристап е извонредна шанса за еден ученик да го осознае овој сложен процес кој секојдневно се изведува“, вели Јулиана Николова, директор на Ј.П. „Национални шуми“.
Меѓутоа не само техничките профили се потребни на пазарот на труд. Потреба за стручни кадри има секако и во областа на лични услуги, па така, Наташа Додевска, сопственичка на фризерско студио „Нате“ и академија „Нате“ од Куманово вели дека во својот салон има практиканти од средното училиште „Киро Бурназ“ од Куманово и презадоволна, подготвена е да ги задржи по завршување на праксата.
„Младите да се запишуваат во средно фризерско училиште затоа што оваа работа е креативна, се запознаваат со многу новитети, присуствуваме на многу саеми, семинари, едукации и што е најважно, по завршено средно образование имаат сигурна работа. Можат да работат во фризерско-козметички салони, а можат и да си отворат свои сопствени салони“, рече Наташа Додевска.
Проектот „Учи паметно, работи стручно“ е во соработка и со поддршка од проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“ (Е4Е@мк) и Швајцарската агенција за развој и соработка.ПР објава