„Прагматика“ е приземна книга која нè учи како ефективно да комуницираме

„Целта на ова дело беше да ја претставиме прагматика и да ги освестиме луѓето што значи и дека во секој чекор и секоја секунда во секојдневието ние ја користиме прагматиката, а не сме ни свесни за тоа. Без неа не можеме да опстанеме во нашиот живот. Идејата беше да ги посочиме тие скриени прагматички принципи, правила и систем за кои не сме свесни. Не треба да го поправиме нашето јазично поведение туку да се освестиме како разговараме“, истакна Елени Бужаровска која заедно со Марија Кусевска се автори за делото „Прагматика: јазик и комуникација“. Делото вчера беше промовирано онлајн, на фејсбук-страницата на „.Литература.мк“, а модератор беше уредникот на книгата, Ведран Диздаревиќ. Воедно, свое обраќање имаше и рецензентката Маја Бојаџиева, професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошки факултет „Блаже Конески“, која посебно ги обработи и објасни сите 10 поглавја од изданието.

Книгата е објавена од „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk. Авторките велат дека делото не е конципирано со цел да биде стручно, туку да биде достапно и разбирливо за сите читатели, за да се зголеми свесноста за тоа како го користиме јазикот во секојдневието, но и во професионална средина, на работното место и слично. Марија Кусевска е доцент на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Додека, Елени Бужаровска е професор на Филолошки факултет „Блаже Конески“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Вистинскиот иницијатор за ова дело е Кусевска, чиј интерес за оваа дисциплина се развил во периодот додека била на магистерски студии во градот Тампа во Соединетите Американски Држави.

 – Кога ќе се сретнете со друг јазик и друга култура тогаш навистина станувате свесни за разликите во комуникација. Македонците се многу директни во пристапот додека таму работите се кажуваат на многу позавиен, индиректен начин. Прагматиката не е теорија, туку е практика, и верувам дека многу професионалци од сферата на маркетингот, бизнисот и луѓе на кои им е важна деловната комуникација ќе можат да најдат корисни информации. Нашата идеја не е да менуваме, туку да придонесеме кон зголемување на свесноста за значењето на прагматиката. Честопати ќе се слушне терминот манипулација, но тука не станува збор за манипулација, туку дали да се каже нешто директно или индиректно – појаснува Кусевска.


 
Рецензентката Бојаџиева истакна дека делото е напишано на многу јасен јазик со приземјени примери од секојдневниот живот што е информативно за секој читател за тоа како го користи јазикот и начинот на комуникација.
 
Целата онлајн промоција може да се погледне на следниот линк.


ПР објава