„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

Само една третина од ланскиот чист профит ќе оди за дивиденда, а другите две третини ќе бидат инвестирани, со цел компанијата и натаму да продолжи со позитивни резултати.

„Прилепската пиварница“ ги објави намерите кои многумина ги очекуваа, а кои се однесуваат на тоа како компанијата ќе ја распредели својата прилично сочна добивка од близу два милиони евра остварена во минатата година, или прецизно 1,99 милиони. Тие сега се формулирани во предлог одлука за распределба на дивидендата, за која ќе гласаат акционерите на Собранието кое ќе се одржи на 23 мај оваа година.  

Притоа, од два милиони евра добивка, акционерите ќе донесат одлука како дивиденда да се распределат  714 илјади евра, додека, пак, многу поголем дел ќе оди за инвестиции, и тоа 1,27 милиони евра.

„Со оглед на тоа што Прилепска пиварница во 2023 година остави нето добивка во износ од 122.133.060 денари, а во интерес на континуитет на инвестициските вложувања, но и исплата на дивиденда за сопствениците на обичните акции, беше одлучено дел од добивката во износ од 78.239.672 денари да биде задржан за инвестиции, односно реинвестирана добивка, додека делот од добивката во износ од 43.893.388 денари да биде наменет за дивиденда за акционерите на обични акции“, се вели во образложението на оваа предлог одлука.

На акционерите ќе им се исплати дивиденда за лани во висина од по 1.111 денари бруто за една акција.

Од компанијата наведуваат дека последен датум на тргување со право на дивиденда e 10 јуни, прв датум на тргување без право на дивиденда е 11 јуни, а датум на стекнување на право на дивиденда за 2023 година е 12 јуни оваа година. Исплатата на дивидендата ќе се случи најдоцна до 30 септември, а парите ќе стигнат на трансакциските сметки на акционерите.

Со оглед што се знае колку пари компануијата ќе издвои за дивиденда, веќе може да се пресмета колку од неа ќе се офајдат акционерите, но и кои се тие.


Повеќе на фактор.мк