ПРВПАТ ВО ЗЕМЈАВА ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ИЗВЕДЕНА МИКРОНЕВРОХИРУРШКА ОПЕРАЦИЈА СО ФЛУОРЕСЦИНСКО БОЕЊЕ ВОДЕНА ОД НЕВРОНАВИГАЦИЈА

УСПЕШНО ОТСТРАНЕТ ГОЛЕМ ТУМОР НА МОЗОК КАЈ 43-ГОДИШЕН ПАЦИЕНТ

Медицинскиот тим предводен од проф. д-р Слободан Дамјановски, специјалист по неврохирургија и д-р мед. науки Миленко Костов, специјалист по неврохирургија, успешно ја изведе интервенцијата за отстранување на голем интракранијален тумор кај 43-годишен пациент, кој се наоѓал на базата на черепот, а притоа во него биле засегнати каротидната артерија и тригеминалниот нерв. Пациентот повеќе од 6 месеци имал изразити симптоми со трнење на десната половина на лицето и неможност за нормално движење на вилицата.

Процедурата е изведена со помош на најсовремен неврохируршки микроскоп „Kinevo 900“ и флуоресцинско боење, а со претходна подготовка и под контрола на невронавигација.

„Првпат во земјава при ваков тип интервенција се употреби флуоресцинско боење и невронавигација. Тоа е метода при која со давање посебен тип контраст предоперативно се добива туморско пребојување видливо само со овој тип микроскоп, што, пак, овозможува целосно отстранување на туморското ткиво и воедно препознавање на маргините на здравото мозочно ткиво. Овие процедури ја направија интервенцијата максимално безбедна и овозможија целосно отстранување на туморот без засегање на околните витални мозочни  структури. Оперираниот пациент беше пуштен на домашно лекување во добра општа состојба со повлекување на симптоматологијата“, вели д-р мед. науки Миленко Костов, специјалист по неврохирургија.

Со примената на оваасовремена технологија се овозможува прецизност, директно насочување кон супстратот, помала траума на мозочното ткиво и целосна способност да се избегне оштетување на здравото мозочно ткиво, а на пациентите им се овозможува побрзо целосно закрепнување и враќање на секојдневните активности.

НАЈСОВРЕМЕН НЕВРОХИРУРШКИ МИКРОСКОП „KINEVO 900“

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ неврохируршките операции се изведуваат со помош на најсовремен неврохируршки микроскоп „Kinevo 900“, кој дава максимална прецизност и детална тридимензионална слика на оперативното поле, а  истиот апарат нуди можност да се изведуваат и ендоскопски-егзоскопски процедури.

„Секоја хируршка интервенција, особено неврохируршката, е ризична интервенција бидејќи може да настанат ненамерни оштетувања на нервните структури. Микроскопот ‘Kinevo 900’ овозможува добро осветлување, одлично зголемување на видното поле, со што се овозможува подобра заштита на нервното ткиво“,  вели д-р Костов.

Ваков тип микроскоп е специфичен само за високопрофилирани неврохируршки установи, кој континуирано може да се надградува, што го прави единствен и најдобар во земјава и регионот. 

ПР објава