Роден беше за сите улоги, остана легенда на македонското глумиште: Еве колку години ќе полнеше денес Петре Прличко ако беше жив

На денешен ден пред 118 години, во Велес родена е легендата на штиците што живот значат и филмкото платно, единствениот Петре Прличко.
На 13 март, 1907 година се родил доајенот на македонското глумиште препознатлив по својот ведар дух и сатиричен доем кој го оставаше кај секој еден што го познаваше.
Петре Прличко со своето семејство живеел во населбата Којник, сè до својата 16-та година, кога одлучил да ја напушти гимназијата и да се приклучи кон патувачката група на Михајло Лазиќ.
Петре Прличко бил еден од најекспонираните и најпопуларни актери во историјата на македонскиот филм и театар, а одбележал и неколку скалила од развојот на актерското мајсторство во Македонија. На 16 години, воодушевен од уличните актери и нивната енергија, како и магијата на театарот, го напуштил школувањето и се приклучил на патувачката група на Михајло Лазиќ – Чича, а на овој начин живеел се до неговите 32 години, кога по долги 16 години патувајќи со групата, го добил првиот професионален ангажман во тогашното Народно позориште „Краљ Александар I“ – денешен Народен театар во Скопје. Со прифаќање на оваа понуда тој и официјално ја започнал кариерата како професионален актер. Четири години подоцна преминал во Македонскиот народен театар – МНТ и останал таму се до неговото пензионирање во 1973 година. Една од позначајните претстави на Прличко се „Сомнително лице“, „Црнила“, „Коштана“, „Швејк во втората светска војна“ и многу други, а 1961 година се бележи како една од најплодните години во неговата филмска кариера, откако ќе се појави во првата македонска комедија „Мирно лето“ режирана од македонскиот режисер Димитрие Османли. Добитник е на многу значајни награди и признанија. Починал во Скопје на 16 ноември 1995 година.
Она што и денес се раскажува е моментот кога маестро Александар одел да ја проси Анче кај Прличко, тогаш, тој му рекол дека ја проселе досега амбасадори, конзули, и дека не ја дава за „музикант“. Сепак тоа беше голема љубов, трпелива и раскошна. Почина во 1997 година. Маестро Џамбазов умееше да каже: „Кога си отиде Анче, и јас отидов, тука сум само онака“.
Внукот на Прличко, популарниот актер и шоумен Игор Џамбазов, во својата книга „Облечен човек“, напиша дека никогаш не дознал кога точно Прличко бил роден.
„За време на Првата светска војна, во пожар изгорела општинската архива на градот Велес. Целата таа генерација останала без какви било документи за раѓањето, без извод од матичната книга на родените, без никаква трага за своето битисување. Како да не постоеле. Кога дошло време дедо ми 5ре да се јави на регрутација, да појде во војска, и на тој начин да им се оддолжи на Кралот и „отаџбината“, отишол до општината, па на прашањето кога е роден, тропнал од прва: „Тринаесетти март.“
„Неколку години пред да нè напушти, изрази желба да го однесам во неговата семејна куќа, на Којник. Дали тоа беше желба на човек што чувствува дека крајот му се приближува, тогаш сè уште не ми беше јасно. Важно дека отидовме. Нè пречекаа сите видни велешани. Се прошетавме малку низ Велес, малку повеќе низ Којник. Седнавме пред тамошната „кооперација“. Дедо ми 5ре нарача пива и шприцери за цел Којник. Чоколатца за децата, цигари за возрасните, понекој автограм. Уживаше во тоа. И не го криеше. Него не го интересираше тоа што ќе кажат за него театарските и филмски критичари. Нему му беше најважно што мислат за него обичните луѓе. Кога тргнавме да си одиме со неговиот „форд таунус“, сретнавме едно деденце што седеше на скаличките од својата куќа. Додека поминувавме покрај него, дедо ми му кажа едно протоколарно „здраво“, па продолживме, вели Игор во својата книга.
Игор вели дека цел живот му го прославувале роденденот, токму на тој измислен датум. Иако повеќе сакал да се соберат на Петровден, на неговиот именден, кога во својот двор организирал скара и вино за најблиските, свирејќи гитара и опуштајќи се „до даска“.
Добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои наградите: „АВНОЈ“, „11 Октомври“, „Бранко Гавела“, „Војдан Чернодрински“ (за животно дело), Орден за заслуга (доделен од Георги Димитров), и други.
Во чест на големиот Петре Прличко, велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ ја доделува театарската награда за животно дело „5-ре“, посветена на великанот.
Минатата година добитник на оваа награда беше актерот Тони Михајловски.