Се ожени македонскиот пливач со неколку државни рекорди: Горазд и Марија ја крунисаа љубовта со брак
Се ожени синот на универзитетската професорка и книжевна критичарка Весна Мојсова-Чепишевска. Македонскиот пливач со неколку државни рекорди, Горазд Чепишевски. Веста е објавена на страницата на Фан клубот на Весна Мојсова-Чепишевска на „Фејсбук“.
„Горазд и Марија со своето одлучно ДА ја крунисаа својата љубов! Бескрајна радост во семејството на Весна Мојсова-Чепишевска“ – стои во кусата објава со две фотографии од чинот кога Горазд стапнал на „лудиот камен“со својата избраничка.
Инаку, синот на Мојсова-Чепишевска и на музичарот Стево Чепишевски, на јавноста ѝ е познат пред сè како спортист, пливач на клубот „Вардар“, иако последниве години помалку го гледавме во базените, најверојатно поради посветеноста на работата и на љубовта со Марија. Рекордите од неговата спортска кариера се бројни. Во октомври 2014 година, на меѓународниот пливачки митинг во Зрењанин, во трката на 200 метри градно, тој постави апсолутен рекорд на Македонија. Истата година, на Светското првенство во пливање на 25-метарски базени, одржано во Доха, Горазд постави два државни рекорда на Македонија, и тоа на 50 метри грбно и на 100 метри грбно. Во 2015 година, на Летната Универзијада во Гвангжу го надмина рекордот што го постигна во Доха, и постави нов државен рекорд на 50 метри грбно. Спортскиот дух го има наследено од својот дедо, легендата на фудбалскиот клуб „Вардар“, Сократ Мојсов – таткото на професорката Весна Мојсова-Чепишевска и на познатиот анастезиолог Маја Мојсова-Мијовска, националната координаторка за трансплантација.
Но, Горазд, покрај рекордите во спортот, следејќи ги стапките на мајка си Весна, рушеше рекорди и во науката. Во 2017 година, ја освои втората награда на големиот меѓународен натпревар за млади научници NATO-ASI 2017, со проект поврзан со магистерската теза што ја одбрани на Технолошко-металуршкиот факултет. Покрај интересот за науката и навивањето за „Вардар“, од професорката, очигледно ја има наследено и љубовта кон Македонија – уште во 2013 година, јавноста го запозна и како македонскиот студент што го развеа знамето на Македонија на Универзијадата што тогаш се одржа во Казан во Русија.
Од фотографиите што ги објави фан клубот на професорката се забележува дека свадбата се одржала на некоја од елитните локации и дека навистина радоста била голема. А професорката Мојсова-Чепишевска повторно со за неа препознатлив и уникатен модерен стајлинг.
Покрај, Горазд, Весна и Стево ја имаат и ќерката Сара – на јавноста позната како Сара од „Дајте музика“ и од „Сител бамбини“. Таа подолго е во брачните води и ги има ќерките Илина и Дарија.